Да пливаме наспроти консумеристичките струи!
Живееме во изобилство и сè што ќе посакаме ни е на само еден клик од нас. Научени сме вниманието и љубовта да ги искажуваме преку материјални купени продукти. Научени сме да купиме нова техника кога старата ќе се расипе, нова гардероба кога старата ќе се искине. Купуваме парчиња од брзата мода, кои чинат колку две векни леб, без да размислиме кој ја произведува таа облека, дали тие луѓе имаат доволно за задоволување на основните потреби, како тоа парче облека се транспортира до нашите бутици и како тоа место четири колекции во годината, модата се менува во 52 различни модни трендови.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Отпадот ни завршува само на депонии
Сметаме дека нема ништо лошо во тоа додека не сфатиме дека секоја секунда ги трошиме Земјините ресурси, кои се обновуваат многу побавно отколку што ние ги извлекуваме. Ако продолжиме со овој брз начин на живот, без да обрнеме внимание на тоа што е најважно, ќе ни требаат две и пол Земји за да опстанеме наредните години. Ако не преземеме нешто денес, за некоја година ќе ни биде веќе предоцна.
Идејата за продавница со нула отпад ја видовме во некои од еколошки најсвесните градови во светот. Бевме фасцинирани, особено затоа што сите сегменти поврзани со нашиот отпечаток на Земјата, безрезервното трошење на Земјините ресурси и загадувањето на почвата и на воздухот заземаа огромен дел од нашето внимание.
Долго време сметав дека рециклирањето е решението на сите наши проблеми, но фактите поврзани со отпадот беа поразителни. Во светот се произведуваат 2,12 милијарди тони отпад секој ден и 300 милиони тони пластика од кои само помалку од 10 проценти навистина може да се рециклира.
Кај нас, пак, целиот отпад завршува на депониите. Имаме 54 општински и 300 нелегални депонии. Јавна тајна е фактот дека увезуваме отпад од странство и дека голем дел од тој отпад го согоруваме.
Отпад од една година – во една обична тегла
Во текот на периодот на карантин поради вирусот корона станав свесна колку отпад произведуваме само јас и мојот партнер. И покрај тоа што селектиравме дисциплинирано, сепак произведувавме солидна количина отпад. Купувавме кеси за ѓубре само за да ги фрлиме.
Така, ме заинтересира и содржината на отпадот што ја гледав секојдневно и почнав да се прашувам зошто при секое купување шампон за коса, гел за туширање или детергент за машината за перење, мора да ја купиме и пластиката во која доаѓаат. Зошто не би можеле да го купуваме само продуктот што ни треба, во старите пакувања, кои веќе ги имаме на располагање.
Додека зрееше оваа идеја меѓу мене и тимот составен од економистот Дејан и стоматологот во најава – Теодора, наидовме на Беа Џонсон и нејзината книга „Дом без ѓубре“, која е преведена и на македонски јазик. Беа и нејзиното семејство го имаат толку усовршено животот без отпад, што отпадот од цела година им го собира во една обична тегла. Целиот концепт на нула отпад е повеќе од само продажба и купување продукти без или со реупотреблива амбалажа. Тоа е една цела филозофија, која се живее секој ден, и е целосна спротивност од моментните консумеристички струи.
Во суштината на овој концепт за нула отпад е човекот и животната средина пред профитот. Еколошко и за здравјето на луѓето, но и за околината. Зачувување на Земјините ресурси преку одговорно производство, одговорна потрошувачка, повторна употреба на продуктите и обновување на производите, амбалажите и на материјалите, без горење и без испуштање хемикалии на земјата, водата или во воздухот што би ја загрозило животната средина или здравјето на луѓето.
Социјално претпријатие што ќе нѐ изнесе од комфорната зона
Со оваа идеја во глава, го видовме повикот на Здружението за социјални иновации – АРНО за проектот RISE Journey, со кој се поддржуваа зелени социјални идеи што ќе направат позитивна промена во општеството. Аплициравме, го дадовме својот максимум и успеавме да добиеме почетни средства за да почнеме со прототип на нашата продавница за нула отпад преку интернет – www.zerowaste.mk, која во моментов е во изработка.
Продавницата ќе биде социјално претпријатие што остварува профит, но има и силна социјална мисија и ќе се фокусира на комплетно живеење на сите вредности на нула отпад, во секој сегмент од постоењето.
Тоа значи дека главната цел ни е да поттикнеме свесност и да ги едуцираме луѓето за сите заедно да го намалиме отпадот што го произведуваме секојдневно. Сакаме овие алтернативи да бидат достапни за луѓето, без агресивен маркетинг. Едноставно, продуктите се тука доколку поединецот е подготвен да излезе од сопствената комфорна зона и да се обиде со нешто поинакво.
Свесно производство и циркуларна економија
Дрвените продукти ги изработува Горан Миланоски од Milanoski Woodwork и интересното со нив е што по користењето на продуктите, кога ќе се случи оштетување на влакната на четката, на пример, тој дел ќе може да се врати кај нас за да му најдеме друга намена и да се нарача нов. Со тоа сакаме да стимулираме свесно производство и циркуларна економија, каде што производителите ќе знаат што точно ќе направат со продуктот по неговото користење, а не само да се фрли в ѓубре.
На наше огромно задоволство, уште од самото најавување на продавницата со нула отпад на интернет, нивото на свесност на кое наидовме и кај производителите и кај потенцијалните купувачи беше на, навистина, повисоко ниво, отколку што првично очекувавме. Затоа што, самиот концепт на нула отпад звучи многу недостижно за луѓето и сметавме дека нивната првата реакција ќе биде одбивна. Но огромната заинтересираност нè мотивираше да продолжиме со уште побрзо темпо за да го направиме овој концепт што поблизок до луѓето.
Да го намалиме отпадот со заеднички сили
Прилично сум изненадена и од позитивните промени што ги забележувам кај моите блиски. Ако претходно знаеја да ми кажат: „Ама зошто да не земам кеса во маркет, па каде да го фрлам ѓубрето што и така завршува на исто место“, сега гледам дека пазарат со свои торби и знаат да се пофалат со тоа. Тоа е нешто што екстремно многу ме радува и ме мотивира уште повеќе.
Следна цел ни е да обезбедиме средства за да можеме да отвориме и физичка продавница во Скопје каде што ќе го прошириме асортиманот на сите продукти за хигиена и домаќинство што ни се секојдневно потребни, на точење или мерење. Купувачите да можат да дојдат со своја амбалажа и да го купат само продуктот или да можат да купат амбалажа во продавницата.
Да уживаме во процесот, да се гордееме со себе и да се пофалиме секој пат кога ќе земеме наша торба за во маркет или ќе го земеме сопствениот термос за кафе кога ќе шетаме во парк. Да го намалиме отпадот сите заедно со заеднички сили.
Зашто: „На светот не му требаат неколку совршени екологисти. На светот му требаат милиони несовршени екологисти“.
Торби за пазарење од стара облека
Во продавницата ќе може да се најдат алтернативи за нула отпад за домот и за хигиената како:
Дрвена четка за миење садови – со кратка и со долга дршка, за да ги замениме сунѓерите, кои не само што тешко се разградуваат, туку испуштаат и микропластика во водата;
Сапун за миење садови од кокосово масло и рицинус – од златните раце на девојките од Bloom козметика;
Дрвен држач за сапунот;
Дрвен држач за четки за заби;
Восочни обвивки за складирање и за пренесување храна, кои ги изработуваат Восочни екообвивки;
Памучни туфери за чистење лице, место обичниот памук што го користиме за еднократна употреба, овие туфери ќе можат да се перат во машина за перење, од Svila Handmade;
Торби за пазарење од стари парчиња облека.
(Авторката е коосновачка на „Skopje Goes Zero Waste“)
[/ihc-hide-content]