Емпатијата почнува да се развива во текот на детството и адолесценцијата и ја обликуваат низа фактори – генетика, темперамент, контекст и околина. Иако ја имаме како предиспозиција, за нејзин развој треба да се вложи труд.
И бебињата покажуваат емпатија
Емоционалната емпатија се јавува најрано, уште новороденчињата почнуваат веднаш да ги рефлектираат емоционалните состојби и изрази на тие околу нив. Благодарение на огледалните неврони, доенчињата на возраст од 18 часа често покажуваат одредена реакција на други новороденчиња во неволја. Ние не ги учиме бебињата како да го прават тоа. Тие се родени оспособени за да ги бележат искуствата на другите во својот мозок. Раните емоционални искуства меѓу бебињата и тие што им даваат нега се клучни за развојот на емпатијата. Бидејќи негувателите негуваат и се грижат за новороденчињата, бебињата прават клучни асоцијации меѓу позитивните човечки интеракции, системите за наградување и чувството на смиреност и на безбедност.
Децата што се чувствуваат безбедно, сигурно и сакано – се почувствителни на емоционалните потреби на другите. Психолозите оваа врска меѓу негувателите и бебињата ја нарекуваат „приврзаност“, а истражувањата покажуваат дека квалитетот на приврзаноста е предвидувач за емпатија и за сочувство подоцна во животот. Децата што не доживуваат ваков вид интеракција имаат ниска самодоверба, тешкотии во управувањето и регулирањето на емоциите, а понекогаш и нарушен капацитет за емпатија. Доколку возрасниот е крут и одбивен во односот, детето ќе има проблеми со препознавање на своите сопствени емоции, како и на емоциите на другите.
Девојчињата се поемпатични од момчињата?
Како што се развиваат децата, когнитивните компоненти на емпатијата почнуваат да се појавуваат и ги надополнуваат емоционалните обрасци што ги формирале во текот на првите години од животот. До предучилишните години, децата стануваат сè посвесни дека другите луѓе имаат посебно тело, чувства и искуства. Тие развиваат „заземање перспектива“, што е основа за способноста да застанат во туѓи чевли и да се грижат за тоа како се чувствува другата личност.
Разликата меѓу себе и другите созрева брзо во текот на раното детство. На пример, ако едногодишно дете види дека некој негов другар е вознемирен, може да ја натера својата мајка да го утеши другарот, додека две и полгодишно дете во иста ситуација ќе оди да ја повика мајката на неговиот другар затоа што сфаќа дека неговиот другар би сакал да го утеши сопствената мајка. Некаде околу шест или седумгодишна возраст детето е поспособно да ја забележи перспективата на друго лице и да понуди решенија или помош кога ќе забележи дека некој е во неволја.
Овие вештини и однесувања се развиваат различно кај децата и зависат и од контекстот. Обично предучилишно дете што се чувствува безбедно и сигурно на почеток на учебната година може да биде подготвено да биде емпатичен пријател. Во овој период емпатичноста се учи низ воспитување за искажување грижа, моделирање, раскажување приказни, комуникација, играње, тренирање емоции и цела стрпливост. Некои истражувања покажуваат дека девојчињата се поемпатични од момчињата.
Емпатијата е првиот чекор кон превенција од врсничко насилство кај тинејџерите
На работилницата на интернет што ја водев со ученици од моето училиште, кога ги прашав што е значајно за нив од активноста, што научија, еден ученик ми одговори: „Да бидам поемпатичен“.
Ова ме наведе на заклучок дека поимот емпатија е веќе распространет и познат кај средношколците. Во време на високи проценти на насилство во училиштата и во општеството, поттикнувањето емпатија е првиот чекор кон превенција од врсничко насилство кај тинејџерите. Истражувањата покажаа дека младите со добра когнитивна и афективна емпатија помалку влегуваат во конфликти и имаат подобри односи со околината.
Се надеваме дека оваа тема ќе предизвика интерес, училиштата и творците на политика да го преиспитаат својот пристап кон тоа како се образуваат тинејџерите во низа области. Ова може да вклучува едукација за врсничко насилство, самодоверба, проблеми со сликата за сопственото тело, злоупотреба на дрога и алкохол и други ризични облици на однесување, како содржини преку кои ќе се поттикнува емпатијата.
Добар начин на поттикнување и за развивање на емпатијата кај учениците е преку разговор и дискусија за теми што се значајни за човековиот живот. Ова може да се прави во кругот на семејството, но и во училиште. Дискусии за тоа како се чувствува некој лик во филм или литературно дело, кои се негови аргументи за одредена тема и сл. можат да го поттикнат тинејџерот да ја забележи перспективата на другиот, што е директно поврзано со емпатијата. Исто така, возрасните можат да ја поттикнуваат емпатијата кај младите и преку сопствените постапки бидејќи младите се идентификуваат со нив и тие се нивни модели.
Голем ефект за поттикнување на емпатијата во училиште имаат различни акции, кампањи, хуманитарни активности и сл. преку кои тинејџерите можат и да направат некоја конкретна активност преку која на најсликовит начин ќе практикуваат емпатично однесување.
Што е емпатија?
Емпатијата е способност да се разберат и споделат нечии чувства до степен да можеме да замислиме што мисли или чувствува другата личност и на тоа да одговориме соодветно и со внимание. Таа е основа за успешна комуникација во сите сфери на животот. Тоа е во основата на способноста на детето да биде љубезно и сочувствително и од суштинско значење за создавање и одржување пријателства. Емпатијата е и важен фактор во академскиот успех, успехот во кариерата и моќна лидерска вештина.
Емпатијата е прекрасен атрибут, но води и до исцрпеност ако не се балансира!
Истражувачите разликуваат три различни компоненти, кои претставуваат посебни аспекти на емпатијата.
Когнитивна емпатија се однесува на интелектуалната способност да се видат и идентификуваат туѓите емоции. Ова е важна вештина за пријателство и за родителство, но и психопатите и талентираните политичари можат да бидат брилијантни во искористувањето на емоциите на другите луѓе.
Емоционална емпатија, понекогаш се нарекува „емоционална зараза“ и се однесува на искуството на длабока поврзаност со друга личност, вклучително и чувство на вознемиреност кога се набљудува вознемиреноста на другата личност. Емоционалната емпатија ги збогатува родителството и другите смислени врски, но станува проблем кога лицето е презаситено од емоционални одговори на другите, што понекогаш доведува до исцрпеност, па можеме веќе да зборуваме за емпатична „прегореност“, особено во професиите што им помагаат на другите, како медицински сестри, лекари, советници и др. Емоционалната емпатија понекогаш може да доведе до неспособност да се реагира соодветно во некоја ситуација.
Емпатичната грижа се однесува на желбата да се грижиме за другите кога се ранливи или вознемирени. Овој вид емпатија вклучува, не само разбирање на тешката состојба на една личност, туку и да се придвижиме да помогнеме, доколку е потребно. Како и кај емоционалната емпатија, тоа е прекрасен атрибут, но може да доведе до исцрпеност ако не се урамнотежи.
Совети за практикување емпатија
- Ако сакате да ги изградите своите вештини за емпатија, постојат неколку работи што можете да ги направите:
- Слушајте ги луѓето без да ги прекинувате
- Обрнете внимание на говорот на телото и на другите видови невербална комуникација
- Обидете се да ги разберете луѓето, дури и кога не се согласувате со нив
- Поставувајте им прашања на луѓето за да дознаете повеќе за нив и за нивниот живот
- Замислете се себеси во чевлите на друга личност
(Авторката е психолог)
Фото:
Image by Freepik