Дигитализацијата ќе овозможи прегледи и од сопствениот дом
Сите услуги кај својот матичен лекар пациентот треба да ги добива електронски. Тоа значи дека веќе нема да има потреба да се печатат рецепти, упати, боледувања, потврди за различна намена и други документи. Тие ќе се изработуваат само електронски, во рамките на националниот систем „Мој термин“. Како здравствени работници, мораме во наредниот период многу повеќе да ја користиме можноста за консултации со телемедицина, вели доктор Кирил Солески, специјалист по дигитално здравство, вели д-р Кирил Солески, специјалист по дигитално здравство
Колкав пат нè чека за унапредување на примарната здравствената заштита и на јавното здравство, кои се чекорите, решенијата и какви процени ни се потребни за да имаме унапреден и одржлив систем по мера на луѓето. За ова, а со фокус кон дигитални решенија во здравството, разговараме со доктор Кирил Солески, специјалист по дигитално здравство, основач и семеен лекар во поликлиниката „Семед“, коосновач на дигитална платформа „m.Health“ и програмски директор во Македонско лекарско друштво (МЛД).
На кој начин дигитализацијата во јавното здравство, имајќи ја предвид и примарната здравствена заштита (ПЗЗ), може да го подобри квалитетот на животот на пациентите?
– Дигиталното здравство е многу широк поим, но, генерално, може да се опише како употреба на различни технологии со цел да го подобриме здравјето. Дигитализацијата е многу динамичен процес што ќе го однесе пациентот неколку чекори напред. Може многу да помогне да се подобри здравствената писменост на граѓаните, која, од друга страна, ќе ги намали непотребните посети на лекар и на ургентните центри.
Различните решенија за телемедицина и за телездравство, наменети за хронични болести, може да ги намалат хоспитализациите и смртноста кај лица, на пример, со срцева слабост. Кај пациенти со висок крвен притисок може да ја подобрат контролата на притисокот, да ја подобрат контролата на гликемијата кај лица со дијабетес или да ја намалат потребата од болничко лекување кај пациенти со ХОББ (Хронична опструктивна белодробна болест). Медицинските апарати за прегледи на далечина може да ги намалат трошоците на семејствата за посета на лекар, прегледите може да прават од сопствениот дом.
Што е првото што треба да го направиме за унапредување на јавното здравство и на примарната заштита, во поглед на дигитална трансформација?
-Дигиталната трансформација во здравството е позитивниот ефект на технологијата врз здравствениот систем. Телемедицината, медицинските апарати базирани на вештачката интелегенција (AI) се само неколку конкретни примери што го сменија начинот на кој здравствените професионалци комуницираат со пациентите. Во моментов, за нас е многу важно да се развие и да се донесе долгорочна национална дигитална стратегија за здравство со акциски план. Ова ќе го засили здравствениот систем преку употреба на дигитални технологии наменети за пациенти, здравствени професионалци и давателите на услуги во насока на засилување на пациентите и достигнување на визијата здравје за сите.
Потребно е да се работи на интеграција на здравствените податоците од приватниот сектор, кој не е интегриран во националниот систем и тие податоци на пациентот не се дел од неговото електронско медицинско досие. Најважниот дел од трансформацијата, сепак, треба да биде развивањето иновации што ќе имаат цел да го намалат протокот на пациенти кај лекарите и болниците, да ги доведат до оптимум здравствените системи, да ги подобрат резултатите кај пациентите, да ги редуцираат медицинските грешки и да ги намалат здравствените трошоци.
Кои се и следните чекори и колкав пат нè чека?
– Должината на тој пат зависи од нас самите. Тоа значи прво да процениме дали имаме финансиски, човечки и институционални капацитети, кои треба да го трасираат и градат овој пат. Тука треба да ги следиме примерите на добрата практика во ЕУ, на пример, Словенија. Треба да се посвети особено внимание на процесот на заштита на личните податоци и на етичкиот аспект на дигитализацијата (приватност, транспарентност и споделување и складирање информации).
Нареден чекор би требало да биде целосна дигитализација на примарното здравство. Сите услуги кај својот матичен лекар, пациентот треба да ги добива електронски. Тоа значи дека веќе нема да има потреба да се печатат рецепти, упати, боледувања, потврди за различна намена и други документи. Тие ќе се изработуваат само електронски, во рамките на националниот систем „Мој термин“.
Како здравствени работници, мораме во наредниот период многу повеќе да ја користиме можноста за консултации со телемедицина. Во овој момент тоа е возможно само на примарно ниво, за индикации за кои лекарот ќе процени дека состојбата на пациентот и социоекономскиот контекст е соодветен за употреба на телемедицина.
Наредниот период ќе се промовираат многу дигитални алатки што се наменети за пациентите за подобра контрола на нивното здравје, за подобра комуникација со здравствени работници, како и за пристап до нивното електронско здравствено досие.
Велите: „Главната цел на дигиталната трансформација во јавното здравство во Македонија е да ги ставиме пациентите на возачкото седиште, самите да ја менаџираат својата здравствена состојба…“ Јасна е придобивката од дигитализација во здравство во насока на воведување здравствена e-евиденција, со која би се олеснило следењето и менаџирањето на сопственото здравје. Наспроти сегашните ситуации во кои лекарот издал рецепт, а пациентот мора да ја пропатува цела држава само за да го подигне / прими лекот. Што е потребно за да се воведе едно вакво дигитално решение и зошто го немаме?
– Дигиталното здравство треба да му даде на пациентот алатки што ќе му помогнат сеопфатно да го управува сопственото здравје на брз и едноставен начин. Во нашата земја панадемијата го забрза процесот на дигитализација во здравствениот систем. Беа воведени е-рецепт и е-упат, како и ред други процеси и постапки, кои се реализираа целосно електронски (продолжување боледување, на пример). Електронски се водеше состојбата кај пациентите што беа позитивни на вирусот корона.
За жал процесот на целосна дигитализација во овој дел не продолжи со тоа темпо. Сè уште не може да се издаде електронски упат, потребно е да се печатат и пациентот мора да го носи тој упат до одредената здравствена установа за да ги оствари своите права. МЛД како здружение, во соработка со сите страни, се обидува да го реши ова прашање за да го олесни процесот на упатување, а, од друга страна, да ги трансформира примарните здравствени установи да имаат т.н. зелена практика што ќе има „нула отпад“. Во овој момент, хроничната терапија може да се издава електронски и пациентот може да си ја подигне директно од која било аптека.
Лично верувам дека дигитализацијата ќе се забрза во периодот што доаѓа.
Имајќи го предвид нивото на дигитална писменост кај нас, колку граѓаните и медицинскиот персонал се подготвени за вакви промени?
– Како и дигиталната, здравствената писменост е голем предизвик во нашата земја, особено кај повозрасната популација. Како посебен предизвик е препознавањето на информациите што се т.н. „лажни вести“ и информациите што доаѓаат од доверливи и соодветни извори. Ова особено се покажа како проблем во текот на пандемијата, што се одрази врз процесот на имунизација и на здравствената грижа.МЛД, во партнерство со УНИЦЕФ, реализираше серија обуки за начинот на употреба на телемедицината кај матичните лекари. Во рамките на „Мој термин“ постои посебен модул наречен „телемедицина“ преку кој матичниот лекар може да прави видеоконсултации во реално време со своите пациенти за точно определени состојби и ситуации. Оваа алатка беше користена од повеќе лекари за време на пандемијата, за консултации со пациенти што беа позитивни на вирусот корона. Првичните неформални процени за тоа колку пациентите беа задоволни се одлични. Сега тие продолжија да ја користат оваа алатка за следење на состојбата и кај други состојби.
Истовремено, МЛД, во соработка со Министерството за здравство на РСМ и Управата за електронско здравство, разработи документ правилник (СОП – стандардна оперативна практика), кој точно ги дефинира процесите и постапките за користење на телемедицина кај пациенти од страна на матичните лекари.
Потребно е да се работи многу повеќе на подобрување на здравствената и на дигиталната писменост на нашите граѓани во иднина, со употреба на масовни кампањи, но и преку можноста за воведување групна или индивидуална едукација во рамките на новиот модел на ПЗЗ.
Податоците се основа за создавање мерки, политика, како и за подобар пристап до лекови, но нашата земја нема воспоставено соодветен систем за собирање податоци (податоците што ги има се фрагментирани). Кои се решенијата во овој контекст? Како дигиталните алатки можат да го унапредат овој дел (сеопфатни регистри на пациенти за одредени болести, ажурирање на статистиката, нејзино систематско средување и објавување, вмрежување на институции што водат и обработуваат податоци – како МАЛМЕД, ФЗОМ, ИЈЗ, Мој термин, клиниките…)?
– „Мој термин“ е дигиталниот ‘рбет на нашиот здравствен систем. Тој е интегриран здравствен информатички систем, кој ги создава и ги складира податоците од нашите електронски медицински досиеја поврзани со нашето здравје. Ги собира податоците (упати, рецепти, резултати итн.) на дневно ниво, од повеќе од 70 извори како лекари од ПЗЗ, здравствени домови, институти, болници, аптеки и др. Од 2015 година, Управата за електронско здравство е дел од Министерството за здравство. Во овој момент, голем дел од институциите што собираат здравствени податоци се интегрирани или се во фаза на интеграција и подобрување на процесите на работа. „Мој термин“ е многу добра база за истражувања и за собирање податоци, кои може да се користат во процесот на создавање политика што се базира на докази и тоа треба во иднина да се користи многу повеќе од страна на институциите и на академската средина. Се работи и на создавање регистри за различни состојби, кои ќе овозможат нивно подобро менаџирање и планирање на ресурсите.
Нови дигитални решенија што ќе го унапредат здравствениот систем
Работиме и сме дел од развивањето на повеќе дигитални решенија паралелно, кои се во различна фаза од развојот. Изминатата година, во рамките на првиот хакатон „Е-здравство“, кој се одржа во организација на Фондот за иновации и технолошки развој – ФИТР и „Рош Македонија“, а во соработка со Министерството за здравство, проектот што го раководев, наречен „m.Health“, понуди најиновативно и најкреативно решение за подобро управување на здравствениот систем.
Станува збор за паметна, иновативна платформа, која има цел да ги интегрира и унапреди здравствените усуги во нашиот систем. Ова решение, кое е бесплатно за лекарите и за пациентите, ќе овозможи поголема ефикасност и достапност до здравствени услуги, подобрено следење на пациентите, развивање здрави навики и зголемена информираност.
Во овој момент, исто така, работиме на пилот-платформа за подобрување на комуникацијата меѓу матичните лекари и лекарите специјалисти на секундарно и на терцијарно ниво во рамките на „Мој термин“. Со оваа алатка матичните лекари ќе може да вршат консултации за точно дефинирани проблеми поврзани со здравствената состојба на нивните пациенти, целосно електронски. Пациентите нема да мора да посветуваат дополнително болнички установи. Основната цел е да се подобри координацијата на здравствените работници и континуирано да се унапредуваат нивните капацитети.Еден од најиновативните програми што сега почнуваме да ги изработуваме со околу 20 лекари низ цела Македонија е користењето апарат за прегледи на далечина (т.н. TytoCare). Се работи за медицински апарат и систем од Израел, кој има FDA одобрување за безбедност и точност за користењето во медицински цели кај пациенти. Овој апарат овозможува комплетен преглед во домот на пациентот (прегледи на уво, на грло, на срце и на бели дробови, на кожа и сл). Сите направени фотографии, видео и аудиозаписи од пациентот стигнуваат до неговиот лекар, кој може врз база на тоа да донесе одлука за натамошното лекување или упатување на пациентот.
Продолжуваме и со промоција на телемедицина како дополнителна опција, која може да им помогне на пациентите што се тешко подвижни, имаат некоја форма на попреченост или живеат во оддалечени и тешко пристапни места.
Еден коментар на “Дигитализацијата ќе овозможи прегледи и од сопствениот дом”