Дуално образование – решение за предизвиците со недостиг од стручен кадар
Со воведување паралелки за дуално образование во две стручни училишта, во Скопје и во Гостивар, ЕВН Македонија влијае врз предизвиците на недостиг од стручен кадар во областа на електротехниката и на намалување на невработеноста во земјава.
Програмата за дуално образование, која за првпат почна во СЕТУ „Михајло Пупин“ Скопје во 2017 година, иницијално беше насловена „20-20-20“, и предвидуваше 20 ученици – електромонтери и електротехничари, во 2020 година да добијат сигурна работа во ЕВН со почетна плата од минимум 20.000 денари. Но, по иницијалниот успех од воведувањето на паралелката во Скопје, ваква паралелка се оформи и во ОСТУ „Гостивар“, и сега оваа програма веќе четврта година успешно се спроведува во двете училишта и е дел од регуларното образование.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
До сега, тригодишната програма ја завршија 32 ученици, од кои 15, од првата генерација, веќе работат во ЕВН.
Програмата според која учениците ја изучуваат предметната настава е приспособена на реалните и актуелни потреби за работа во електродистрибутивната мрежа. Со ова, по завршувањето на средното стручно образование, тие стануваат кадри што можат веднаш да се вработат, подготвени за вистинските предизвици на терен.
„Уште една силна компонента на програмата е и менторството, имено искусни вработени од ЕВН ги обучуваат учениците за работа на вистински сценарија и предизвици. Активната вклученост на учениците во работата на терен, низ сите учебни години, овозможува полесно совладување на работните задачи при вработувањето“, велат од компанијата.
Во изработката на курикулумот активно учествува тим експерти од ЕВН, а за потребите од практична работа, компанијата изгради и полигон за вежби во рамки на училиштето каде што се одвива практичната настава. Исто така, во двете училишта целосно е опремен и кабинет со богат избор на нагледни средства. На учениците им е достапна и целосна опрема за заштита при работа, а особено се поттикнува запишувањето на девојчиња во овие паралелки со цел зголемување на бројот на жени во техниката, што во моментов е на ниско ниво. Изминатиов период компанијата обезбеди и таблети за овие ученици, а промовираше и платформа за дигитално учење „Канвас“, преку која тие имаат пристап до повеќе дигитални ресурси за учење.
Програмата демонстрира како претпријатијата треба да се вклучат во образовниот процес, со цел да ги доближат реалните потреби на пазарот на труд до образованието.
[/ihc-hide-content]