Европа учи како да учи место што да учи!
Високите резултати на тестирањата според ПИСА, вложувањето во нова практика и вештини, но и соодветните реформи во училиштата создаваат слика за одржлив и квалитетен образовен систем, препознаен од Организацијата за економска соработка и развој (OECD) и од Светскиот економски форум.
Со интенција да посочиме на концепти што даваат резултати, одвојуваме дел од државите од Европа што се високо на листите на овие престижни организации, претставувајќи го нивниот образовен систем.
ФИНСКА: Поддршка на растот на учениците кон хумано и етички одговорно граѓанство
За финскиот образовен систем постојано се крева врева. И со право. Се смета дека Финска има еден од најдобрите системи во светот. Рутински ги прескокна САД, Британија и Јапонија во просекот на тестирањето според ПИСА по читање, наука и математика. Постојано е на врвот, но прашајте некого што е одлично во училиштата во Финска и ќе добиете три основни работи.
„Имаат пократки училишни денови. Не прават стандардизирани тестови. Сите мора да бидат паметни затоа што финскиот јазик е ‘кошмар’. Иако сите овие факти се вистина, освен последниот, финскиот образовен систем функционира бидејќи целата структура се врти околу неколку принципи. Прво и најважно – еднаквиот пристап до образование е уставно право. Друг важен принцип е дека секој треба да го избере својот едукативен пат, кој никогаш не треба да доведе до ќор-сокак“, објави Кевин Дикинсон од Светскиот економски форум.
Прво, замислете дека сте родител во Финска, каде што добивате породилно отсуство спонзорирано од државата и грант за мајчинство. Потоа доаѓа следниот чекор. Ако сакате порано да ја почнете едукацијата на вашето дете, финскиот систем нуди Експанзивна програма за рано детско образование и грижа (ECEC).
„Програмата усвојува модел ‘учење преку игра’ за да промовира ‘рамномерен раст’“, се вели на веб-страницата на Финската национална агенција за образование.
Кога вашето дете ќе наврши седум години, време е за основно образование. Финска нуди едукативно образование низ девет години, 190 дена годишно. Како и со ECEC, креаторите на политика оставаат простор за локалните училишни администратори и наставници да ја ревидираат наставната програма за да ги задоволат потребите на нивното уникатно ученичко тело.
„Идеологијата е да управуваме преку информации, поддршка и финансирање“, пишува агенцијата, која поставува основни барања за наставните програми. Наведената цел за основно образование е „да го поддржат растот на учениците кон хумано и етички одговорното граѓанство, да им обезбедат знаење и вештини потребни во животот“.
Ваквата широчина одредува какви тестови треба да се дадат, како да се оценат напредокот и потребите на учениците, па дури и можноста да се постават дневен и неделен временски распоред.
Финска е позната и по тоа што сите ученици, без оглед на способностите, учат во исти одделенија. Како резултат на тоа, јазот меѓу најсилните и најслабите студенти е најмал во светот. Финските училишта, исто така, задаваат релативно малку домашни задачи и имаат само еден задолжителен тест на 16 години. Оброците во училиштата се бесплатни. Во 2016 година беше објавен курикулум насочен за учениците „како да учат“место „што да учат“, помагајќи им да развијат разни компетенции. Повеќето професори се магистранди, а наставниците во основно училиште се обврзани да имаат такво звање. Осумдесет проценти од наставниците учествуваат и во континуиран професионален развој. Довербата кон нив е на високо ниво, па родителите знаат дека децата им се во сигурни раце.
Додека во Македонија медиумската писменост е „заглавена“ меѓу невладините организации и неформалното образование, а поимот „медиумска писменост“ ниту еднаш не се споменува во Стратегијата за образование 2018-2025 година, финската влада го смета образовниот систем за главно оружје против дезинформациите. Финската агенција „Фактбар“ адаптираше професионални методи за проверка на факти во училиштата сметајќи дека клучот е аналитичко и критичко размислување за младите.
И покрај тоа што не е задолжително, 90 проценти од финските ученици почнуваат средно образование веднаш по основното. Другите 10 проценти можат да изберат да се вратат на своето образование подоцна, без трошок. Средното ниво е поделено на два главни патеки – општи и стручни, и двете траат околу три години. Општото образование има форма на курс, но учениците имаат слобода да донесуваат одлуки за својот распоред на студии. Стручното образование е повеќе фокусирано на работата и вклучува стажирање, како и учење во училиште. Околу 40 проценти од учениците почнуваат стручно образование по основното. Оваа патека завршува со квалификации засновани на компетенции, откако студентот ќе заврши индивидуален план за студии.
Компетенциите, квалитетот и непостоењето корупција во образованието овозможува одржливост, но и меритократија – систем на управување каде што обврските во државата се доделени врз основа на заслуги по компетитивност и способност.
ХОЛАНДИЈА: Најсреќни ученици во светот!
Холандија е земја позната по висококвалитетно образование, а и по толеранцијата, лалињата и ветерниците. Ја знаеме и како единствена земја во светот со повеќе велосипеди, отколку луѓе – 19 наспроти 17 милиони. Ова може да се гледа и низ призма на образовен аспект, ако се знае дека возењето велосипед почнува од мали нозе, па Холандија поставува свои стандарди кога се во прашање децата, велосипедите и одржливата мобилност, но и одржливото живеење воопшто.
За разлика од Македонија, каде што здружението „Екологик“ преку проектот „Велоучилишта“ се обидува велосипедизмот да го доближи до формалното образование, да бидат вметнати велосекции и да стане дел од практиката на наставниците, во Холандија кампањите за велосипедизам ги прави и локалната власт. И тоа токму од основното образование, кога се анимираат и учениците, и нивните родители. Велоинфраструктурата е интегрирана со училишните транспортни текови, со цел велосипедот да стане секојдневие за учениците во основното образование и со тоа и дел од образовниот процес.
Сепак, Холандија постојано води борба со сопствените поставени стандарди. Организацијата за безбедност во сообраќајот (VVN) нагласи дека од 2016 до 2018 година околу 200.000 деца од основно училиште полагале теоретски тест за велосипедизам.
„Околу 90 проценти од основните училишта се вклучени во теоретските тестови, но само 80 проценти извршуваат практични испити, што е премалку“, реагираше VVN.
Генерално за образовниот систем, УНИЦЕФ во свој извештај веќе нагласи дека „децата од Холандија се најсреќни во светот“. Училиштата не задаваат многу домашни задачи сѐ до средно училиште, па учениците пријавуваат мал притисок и стрес. Училиштата се поделени меѓу верски и „неутрални“, со мал број приватни училишта.
Холандската скала за оценки се движи од 1 (многу слаба) до 10 (извонредна). Во основно и во средно, учениците се оценувани на годишно ниво од тим наставници што утврдуваат дали напредувале доволно за да преминат во следно одделение. На надарените деца им се дава можност да прескокнат цела година, но ова се случува ретко и обично е практика за основните училишта.
За Холандија е интересно што од 1985 година градинките, претходно како посебни институции, се споија со основните училишта. Децата почнуваат да одат во училиште од четиригодишна возраст, а кога ќе стигнат до „осмата група“, Централниот институт за развој на тестови (CITO) овозможува тестови дизајнирани за да го препорачаат средното образование што најдобро одговара за ученикот. Така, учениците нема да се изгубат во непознати професионални води.
Холандија во 2009 година беше на 10. место во светот (2. во Европа) на ПИСА, но во 2018 година падна на 26. место во светот, а е 15. на листата на стариот континент. Сепак, таа сè уште се вбројува меѓу државите со квалитетно образование, гледано по различни аспекти од образовниот процес. Според Организацијата за економска соработка и развој (OECD), оваа земја е прва во Европа и четврта во светот на Глобалниот индекс на конкурентност, каде што се земени критериуми поврзани со економија, институции, одржливост, образование, иновации…
ИРСКА: Славење на уникатноста на детето
За разлика од Финска, на пример, каде што децата во основно образование, обично, влегуваат на петгодишна возраст, во Ирска тоа најчесто случува на 7 години.
Во оваа земја од 1999 година е адаптиран национален курикулум за основно образование, вклучен во сите училишта. Документот е подготвен од Националниот совет за наставна програма и процена и се обидува да ја прослави уникатноста на детето.
„…Тој е дизајниран да го негува детето во сите димензии на неговиот или нејзиниот живот – духовно, морално, когнитивно, емотивно, имагинативно, естетско, социјално и физичко…“, стои во базата со податоци К12Academics.
Речиси сите основни училишта финансирани од државата, 97 проценти, се под капата на црквата.
Постојат различни типови постосновни училишта во ирскиот образовен систем, кои им нудат избор на родителите. Односно, доброволни средни училишта, училишта во заедницата и сеопфатни училишта. Средношколците влегуваат во вториот степен на образование на 12-годишна возраст и добиваат јуниорски сертификат по три години.
Светски економски форум веќе нагласи дека „повеќето ирски средни училишта се во приватна сопственост и управување, но финансирани од државата“. Неодамнешни извештаи покажуваат дека трошењето на Ирска за образованието опадна за 15 проценти за време на финансиската криза, што укажува на тоа дека нејзиниот образовен систем може да ослабне во иднина.
Но, настрана иднината и песимизмот, сега Ирска е во врвот по тестирањето според ПИСА. Тоа значи дека образованието, на свој начин и со свои услови, функционира.
ЕСТОНИЈА: Училиштата слободни сами да дизјанираат план за промена и за напредок
Естонија од 2012 година до 2018 година сѐ повеќе ја подобрува својата позиција високо на листите на ПИСА. Ова е извонредно достигнување за земја што се здоби со независност во 1992 година. Оттогаш, естонската економија порасна речиси десет пати, со добро развиен сектор за информатичка технологија, која е од клучно значење за тој пораст. Дел од оваа стратегија за пораст беше развој на образовен систем за поттикнување висока технологија, вештини и плата.
„Естонските образовни карактеристики се должат и на правичноста во однос на социјалната класа“, пишува Националниот центар за едукација и економија (NCEE).
Импресивната и стабилна обнова на естонскиот образовен систем по независноста од Советскиот Сојуз се случи во три главни области: развој на нова национална наставна програма приспособена на потребите на новата економија, обновување на обуката на наставниците за да се фокусираат на иновативна практика, менторство на наставници и магистерски дипломи за сите наставници; и надградба на статусот на стручното образование и обука.
Од 1998 година до 2015 година, стратегискиот правец на Естонија кон нацијата беше насочен кон создавање информатичко општество. Како дел од таа стратегија, проектот „Тигарски скок“ (Tiger leap project), почнат во 1998 година, воспостави програма за компјутерски науки за сите средни училишта.
„Оттогаш ова се прошири на сите ученици од сите одделенија, со акцент не само на програмирање, туку и на вештини за решавање проблеми и логично размислување“, дополнува NCEE.
Естонија усвои и разви нова национална наставна програма почнувајќи од учебната 1997-98 година. Се фокусираше на традиционалните академски теми, како и вештини за самоуправување, учење како да се учи, комуникации, но и претприемаштво. На училиштата им е доверено и дизајнирање и спроведување сопствен план за промена и за подобрување на образованието за да се земат предвид потребите на локалното подрачје, училишниот персонал, родителите, учениците и ресурсите на училиштето.
ПОЛСКА: Флексибилност во приспособувањето на наставната програма
Искуството на Полска во последните три децении дава европски пример за драматични образовни промени. Во раните деведесетти години, повеќе од 60 проценти од возрасните што живееја во рурални области во Полска имаа само основно образование. Сега Полска е меѓу најдобрите изведувачи во процените на тестирањето според ПИСА.
Реформите во 1999 година ја укинаа структурата на осумгодишното основно училиште што постоеше за време на комунизмот. Според тој систем, основното училиште водеше до испит на 14-годишна возраст што одредувал дали ученикот ќе влезе во академско или во стручно средно училиште.
Новата структура воспоставена во 1999 година вклучува шестгодишно основно училиште и тригодишно средно училиште, со што се прошири заедничкото школување за една година за сите ученици.
Со структурните реформи, се засилија академските барања на техничките и стручни средни училишта. Новата наставна програма предвидува рамки што им овозможуваат на училиштата и на наставниците можност да ја приспособат наставната програма за своите ученици.