Групна изложба во МСУ за опасноста од климатските промени
Групната изложба „Panic Room или скок во мислењето“ е отворена во Музејот на современата уметност во Скопје.
Тема на изложбата е глобалната опасност од климатските промени што му се заканува на светот. Уметниците со оваа изложба на различни начини и со различни уметнички техники (сликарство, инсталација, цртеж, видео, фотографии, постери, уметничкоo-истражувачка работилница, интерактивен виртуелен и партиципативен проект), исцртуваат координати за лоцирање на проблемите со кои се соочува современиот свет во кој живееме, но и на креативните платформи како места за отскокнување од вообичаената практика на мислење и на дејствување.
Во поставката учествуваат уметниците Искра Димитрова, Нехат Беќири, Верица Ковачевска, Нада Прља, Велимир Жерновски, Матеј Богдановски, Христина Иваноска, Јане Чаловски, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Никола Узуновски и групата ОПА. Кураторка на изложбата е Љиљана Неделковска.
„Концепт на изложбата е да се понудат можни начини на редизајнирање или ресетирање на нашиот однос кон природното и социјално опкружување. Создавање поинаков пристап на поврзување и солидарност меѓу луѓето и нивната околина, наспроти вообичаениот начин на кој животните услови се земаат здраво за готово, како нешто што се подразбира, како нешто што ни е дадено и што ни припаѓа. Истовремено, изложбата е и критика на неолибералната финансиска, технолошка, биополитичка, односно некрополитичка стратегија на манипулирање и колонизирање на сите сфери на просторното, биолошкото и на симболичното постоење, и критика на скриената логиката на функционирањето на глобалниот пазар: што повеќе катастрофи (војни, политички, економски и еколошки кризи), толку повеќе профит“ вели кураторката Неделковска. Изложбата ќе биде отворена до петти ноември.