Храна што нема да ја најдете во супермаркет
Давајќи им поголем простор на производителите од локалните заедниците, добиваме храна што не го пропатувала светот пред да стигне до нашата чинија.
„Нашата храна, наша иднина“, е идејата водилка што стои зад концептот што го промовира „Слоу Фуд Македонија“. Овозможувањето подобри предуслови за ревитализација на заедниците и на концептот на семејните фарми во руралните средини треба да биде заложба на сите во општеството. Храната што ја произведуваат и понудуваат на пазарот има значајна улога од повеќе аспекти, за кои сите треба да сме свесни. Дојдено е времето кога ваквите размислувања засегаат сè повеќе луѓе да почнат да ја перципираат локалната храна како важна, а, според нас, кои сме дел од ова движење, и неопходна во обезбедување на иднината на човештвото.
Храната е заедничко добро, средство што ги спојува единките во заедница и овозможува комуникација во самата заедница, но и со светот. Не случајно се вели, ако сакаш да се запознаеш со животот и со културата на локалното население во одреден регион, најлесно ќе го запознаеш ако им се придружиш на трпезата бидејќи храната е дел и од идентитетот на таа заедница. Холистичкиот пристап на „Слоу Фуд“ во однос на прашањето на храната, во центарот на својот интерес ја става врската на храната со локалните заедници.
Глобални предизвици за локалните заедници
Но денес, повеќе од кога било порано, локалните заедници се соочуваат со многубројни предизвици за нивниот опстанок, почнувајќи од едно од основните прашања – нивната храна. Локалните производители на храна се потценети, често се сметаат за непродуктивни или за модел од минатото. Имаат многубројни законски пречки, политика и наметнати услови на работа што се недостижни за нив. Во овие услови тие ја губат трката и загрижувачко е нивното постојано осиромашување. Kонтинуирано се истиснувани од пазарот во услови на безмилосна конкуренција на крупниот капитал и индустријата, која, водена од идејата за профит, храната ја третира како трговска стока, што претставува сериозна закана и за одржливиот развој.
Во вакви околности, вистинското значење го добиваат често употребуваните термини, како „обезбедување со храна“ што значи да се обезбеди пристап и количина храна за секое човеково битие на планетата, како негово елементарно човеково право.
На глобално ниво 70 проценти од храната ја произведуваат малите производители, a имаат само 25 проценти од обработливите површини. Веќе не можеме да сметаме дека храната треба да ни ја произведуваат само неколку компании. Одземените полиња на селата ќе мора да им се вратат на малите производители за локалната економија да биде поставена во служба на локалните заедници.
„Од нива до трпеза“ е старо-новиот концепт
Давајќи им поголем простор на заедниците, од прва рака ќе добиваме информации за храната што ја јадеме. Тие применуваат традиционални технологии на производство, суровини што потекнуваат од локалните сорти и раси, што претставува дополнителна можност за валоризација на нивниот потенцијал во развојот на својата дејност како оператори со храна. Но, нивниот развој со децении е забавен поради тоа што при нивната работа и пристап на пазарот, до крајниот потрошувач, тие се соочуваат со многубројни предизвици, кои ги обесхрабруваат.
„Од нива до трпеза“, „од вила до виљушка“, се изрази што се поврзуваат со безбедноста на храната, а индустријата на храна вешто ги користи. Со промовирање на новите концепти во гастрономијата, засновани на локалниот биодиверзитет, заштитата на животната средина и почитувањето на локалните култури и традиции, тие добиваат ново значење. Во овој нов концепт, клучна улога играат малите производители, кои не испорачуваат само производи, туку „јавни добра“, додадена вредност и имаат мултифункционална улога.
– Нашите сирења се со вкус на богатата флора на пасиштата, беспрекорно чисто млеко и со љубовта што ја вложува нашето семејство во производството. Им нудиме избор на нашите потрошувачи, кој не им е достапен во супермаркетите. Ова ни помогна да ја осигуриме нашата егзистенција и да го живееме нашиот сон – споделува Давид Неделковски од „Кози млеко планина“, производител на козји сирења од село Раштак, Скопска Црна Гора (за кој повеќе читавте на претходните страници).
Малите производители се носечка сила во обезбедувањето храна во нашето земјоделство. Половината од вкупниот број стопанства, чијшто број изнесува повеќе од 180.000, се со мал обем. Околу 40 проценти од населението во Македонија живее во руралните средини, 22 проценти од вкупното население живее во сиромаштија, од кои две третини во руралните средини. Производството на храна често претставува и единствена опција за вработување во руралните средини и на тој начин се помага за решавање на една од најболните теми, сиромаштијата.
Фотографија Мирјана © Slow Food Macedonia Фотографија Мирјана © Slow Food Macedonia
Обнова на локалниот систем на храна како решение
Заедниците што се вклучени во производството на храна играат активна улога во воспоставувањето на овој локален систем. „Слоу Фуд“ дава поддршка за градење на локалниот систем во сите негови сегменти – производство, преработка, дистрибуција, консумација, управување отпад и потрошувачка на ресурси. Притоа ја спроведува својата филозофија за добра, чиста и за правична храна, преку развој и поддршка на проекти, водење кампањи и лобирање, со кои се создаваат предуслови за нивни развој. На тој начин, промовирајќи одржливо производство, дистрибуција и потрошувачка на локална, сезонска и здрава храна, „Слоу Фуд“ има цел да им овозможи на луѓето пристап до ваквата храната што истовремено значи и обезбедување поддршка за помалите земјоделци, сточари и занаетчии.
Изминатите 10 години, како дел од мисијата на „Слоу Фуд“, даваме глас и поголема забележливост на малите производители, ја подигаме јавната свест за вистинската вредност на нивната работа и целиме да ги отстраниме пречките до пристапот на пазарот за нивните производи. Една од пречките што од неодамна е отстранета е донесувањето на новите правилници за флексибилна примена на барањата за условите на производство и на ставање во промет на производи што ги произведуваат малите производители од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.
– Новите можности ни дозволуваат да размислуваме подалеку од производство и директен пласман на медот и на другите производи од пчели директно од нашиот пчеларник. Први понудивме апитуризам, а сега нашиот пчеларник стана и туристичка атракција. Ја зголемивме палетата производи што ги нудиме на посетителите заедно со едукација, а ги вклучивме и во менито на нашиот ресторан. На тој начин додадовме вредност на нашите производи – сподели Нацо Јовчевски, пчелар од село Дихово, Битола.
Овој начин на дистрибуција помага да се создадат блиски економски и општокорисни односи во локалната заедница. Преку намалувањето на растојанието и бројот на фактори во синџирот на дистрибуција на храна, со што се превенира расипување на храната, генерирање отпад со нејзино фрлање, како и отпад од пакување, се промовира свесноста за одржливата практика со ниско влијание врз животната средина, која е основен принцип во градењето на локалниот систем на храна.
Фотографија Нацо © Real Stories Lab / Slow Food Macedonia Фотографија Нацо © Real Stories Lab / Slow Food Macedonia Фотографија Нацо © Real Stories Lab / Slow Food Macedonia Фотографија Нацо © Real Stories Lab / Slow Food Macedonia
Виртуелни можности за реален развој
Социјалната интеракција и комуникација денес е пренесена од реалниот во виртуелниот простор, користејќи голем број лесно достапни алатки. Tака е и во трговијата. Без сомнение, е-трговијата сè повеќе се засилува, таа има позитивни ефекти бидејќи централизираните ресурси на овој начин ќе преминат од рацете на неколкумина во рацете на тие што имаат многу малку. Во блиска иднина ревитализацијата на заедниците ќе оди под рака со развојот на интернетот.
-Гледајќи ја посветеноста и тежината на производството на ориз во моето семејство, немањето пласман, во услови кога на пазарот се нуди увозен ориз препакуван како „кочански“, ја пласирав нашата автентична приказна и производ преку социјалните мрежи. Во рок од две години успеавме да создадеме мрежа на купувачи и да ја пласираме целата реколта со продажба на мало. Сфативме дека има голема заинтересираност. Потрошувачите увидоа дека нудиме константен квалитет и здобија доверба во нас, по што почнаа да ни бараат препораки и директни контакти со други производители. Така се роди идејата за „зелено пазарче на интернет“ и таа моја акција по две години привлече повеќе од 7.300 членови да понудат или купуваат домашни производи директно. Тоа за нас отвори нови можности и денес можеме да размислуваме за иден развој – вели Мирјана Димитров, производител на ориз од Кочани.
Овој нов сектор ќе понуди нови можности за младите, кои го почнуваат свој бизнис како стартап-идеја, без разлика дали се производители, работат во дистрибуцијата и во угостителството или креативните знаења ги реализираат во промоцијата и во понудата на ваквата храна. За сите нив ова е нова шанса за вработување, обезбедување егзистенција и себереализација.
Визија изградена на одржлива основа
Кога се размислува за создавање земјоделски стратегии и политика од голема важност е да се согледа вистинската состојбата на терен во поглед на примената на постојните закони и регулативи, како и потребата од нивно дополнување, промена или создавање нови, кои придонесуваат за натамошен развој на оваа категорија производители.
Постигнувањето забележливи резултати, во голем дел зависи од самите производители. За да ги подобрат карактеристиките на своите фарми и за да станат забележливи и конкурентни на пазарот, треба да бидат поактивно вклучени во отстранување на внатрешните ограничувања. Потребно е да се работи врз развојот на сопствените капацитети на фармата со помош на едукација, здобивање нови знаења и вештини, развој на претприемачки и натпреварувачки дух; примена на иновации во производството и во деловното работење. Тука се и елементите како промени во свеста и увидување на сопствени грешки, подобрување на квалитетот на производот, потреба за здружување и заедничко делување.
Идеи постојат, но која е визијата за малите производители?
– Ќe има намалување на либералните политики . Имам доверба во концептот за одржлива иднина, кој подразбира новата економија да не мери сè преку БДП. Дадена ни е можност да направиме промена во моделот. Да се постави систем што ќе им даде повеќе простор на териториите и заедниците, а прашањата за одржливоста и за суверенитетот на храната ќе станат вообичаени – ќе сподели претседателот на „Слоу Фуд“, Карло Петрини во едно скорашно интервју.
(Авторот е претседател на Национален одбор на „Слоу Фуд Македонија“)