Доза вести, Лице в лице интервју

(ИНТЕРВЈУ) Елена Ачковска Лешковска: Дали им посветуваме доволно внимание на надарените деца?

Време на читање: 8 минути

Крајно време е да се преземат сериозни чекори за да се спречи одливот на умови и да престанеме на западните земји да им „извезуваме“ стручни лица во чија едукација државата инвестирала, а не може да го почувствува бенефитот од таа инвестиција, вели проф. д-р Елена Ачковска Лешковска, која има експертиза на полето на психологијата на надареноста и психологијата применета во образованието

Анета Ристеска


Имаме успешни физичари, математичари, хемичари, родени во Македонија, ама, многу од нив не работат тука. Својот професионален развој и кариера често одлучуваат да ги продолжат надвор. Многу често, дел од нив заминале затоа што тука не им биле препознати капацитетите. Дома. Ниту како талентирани ученици, ниту како исклучителни студенти. 
Каде грешиме со грижата, препознавањето, вреднувањето на талентот на нашите млади? Зошто ја пропуштаме надареноста, и како родители, како наставници, како систем?

Повод за разговор со Елена Ачковска Лешковска, редовен професор на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Нејзиниот потесен научен и стручен интерес и активност е во областа на когнитивната психологија, психологијата на надареноста и психологијата применета во образованието.

проф. д-р Елена Ачковска Лешковска

1. Обично најголемите успеси на натпросечните деца кај нас завршуваат само како информација на Фејсбук или на Инстаграм. Што треба да менуваме во нашиот пристап кон овие деца, пред сѐ како родители, потоа и како образовни институции, како граѓани?
Одговараме ли соодветно на нивните потреби? Ги мотивираме или почесто демотивираме?


За жал, интересот на јавноста и на надлежните институции се активира дури откако медиумите ќе објават сторија за некое исклучително надарено дете,  кое постигнало успех на некој меѓународен натпревар или се издвојува од неговите типични врсници со забрзаниот  интелектуален развој и способноста да извршува активности побрзо, поефикасно и на повисоко ниво. Таа еуфорија ќе трае некое време и повторно ќе настане затишје до следниот бран на интерес, со појавата на друг вундеркинд. А во меѓувреме што се случило со првото дете? Дали добило соодветен едукативен третман или родителите се препуштени сами на себе во потрагата по оптимално решение низ институционалните лавиринти?! Секој родител на надарено дете е горд, но не е лесно да се одгледа и да му се задоволат потребите, бидејќи тие деца знаат да бидат хиперсензитивни, хиперактивни, гладни за информации, со безброј прашања на кои очекуваат одговори. Од друга страна, дали сите родители се информирани за знаците кои упатуваат дека нивното дете е надарено во некоја област и дали се подготвени интелектуално, емоционално  и финансиски да го стимулираат тој развој? Дали умеат да се справат со невоедначениот когнитивен и социо-емоционален развој на детето кое има ум на возрасен, а тело, емоции и социјални компетенции на дете? Многу прашања, а малку одговори.
За да има ефекти, промените треба да се системски и систематски, почнувајќи од предучилишното, па сѐ до високото образование. Најнапред треба да се расчисти со предрасудата дека овие деца заради високите потенцијали сами ќе се снајдат и ним нема потреба да им се посветува големо внимание. Целата енергија треба да се насочи кон учениците со пречки во развојот, тешкотии во учењето или недисциплинирано и проблематично однесување. Како што за тие деца е неопходна специјална едукација, индивидуализиран пристап и квалификувани едукатори, и со надарените треба да се работи според специјално подготвени, индивидуализирани наставни програми, во зависност од видот и степенот на развиеност на дарбата. Треба повеќе да се работи и на информирање на граѓаните, пред сѐ родителите, можеби и да се иницира создавање асоцијација на родители заради меѓусебна поддршка и размена на искуства. Интересно е што кај нас, колку што мене ми е познато, ниедна невладина организација не се занимава со правата на овие деца или водење евиденција за нивниот развоен пат. Очигледно, тоа не е сфера за која се нудат фондови од домашни или странски извори.

2. Дали нашите наставници се соодветно обучени за препознавање талентирани ученици? Дали познаваат алатки, инструменти, кои им се во прилог на ваквата „детекција“, или тоа е препуштено на субјективната перцепција на учителот? Понекогаш, пак, и можеби пропуштено.

Наставниците имаат клучна улога во процесот на препознавање на надарените ученици затоа што понекогаш специјалниот образовен третман се одвива исклучиво врз основа на нивните номинации. Тешко е да се одговори генерално колку тие се подготвени да дадат валидна проценка на знаците за надарено однесување во одредена област. Тоа зависи од нивната формална едукација, дали на факултетите на кои студирале добиле сознанија на оваа тема или посетувале некаква обука или доедукација. Од некои порани истражувања што сум ги спровела со наставници, резултатите покажале дека нивните проценки само делумно се совпаѓаат со идентификацијата направена со психолошки мерни инструменти, што значи дека пропуштаат некои реално надарени ученици, а вклучуваат некои кои реално не се надарени, туку се само одлични ученици затоа што се амбициозни и вложуваат многу труд. Најсензитивни се за успешните надарени ученици, односно за оние кои се вклопуваат во стереотипот на одличен ученик: со високи постигнувања, исполнителни, со работни навики и дисциплинирано поведение. На наставниците кои посетувале обуки за работа со надарени или се вклучени во училишните тимови за работа со надарени ученици, им се познати некои инструменти (чек листи, скали на проценка) кои им го олеснуваат препознавањето на дарбата во одредена област. Сепак, не се доволно сензитивни за различните типови надарени ученици, кои потешко се препознаваат, како што се оние со пониски училишни постигнувања, со проблематично, бунтовничко однесување, кои тешко се адаптираат во училишната средина, на кои вообичаениот начин на реализирање на наставата не им ги задоволува потребите и интересите или кои покрај дарбата поседуваат и некоја пречка или тешкотија (АДХД, аутизам, дислексија итн.). Оттука, треба да се  започне од образованието на идните наставници на педагошките и на другите наставнички факултети. Во земјите со развиени образовни системи постојат наставници кои иницијалното образование го надградиле и се специјализирале за препознавање и работа со надарени ученици.

3. Става ли нашата образовна политика акцент на поддршката и развојот на талентираните деца? Постојат ли програми специјално наменети за нив? Дали нашата земја, преку некаква стратегија, се грижи оваа група на деца да ги добие сите услови за понатамошен развој на нивниот талент? Дали, можби, пак, најлесно е талентираните да ги претопи со останатите, наместо да се грижи за нив? Што недостасува во овој дел за да се развиваат надарените деца­? Зошто е важно ова прашање да ни е образовен приоритет?

На ова прашање можам да одговорам само врз основа на законската регулатива и официјалните документи од Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образование (БРО), но не и во смисла на нивна имплементација во училиштата затоа што верувам дека постојат разлики во практиката. Во Законот за основно образование, неколку члена се однесуваат на поддршката на оваа категорија ученици. Во членот 34 е регулирано дека МОН, по предлог на БРО, донесува Концепција за откривање и работа со надарени и талентирани, со која се уредува идентификацијата, мерките и активностите за работа со овие ученици. Понатаму, како форми на работа се наведени додатната настава (36 часа годишно), секции и воннаставни активности, како и можност за побрзо напредување (акцелерација) максимум 2 пати во текот на деветгодишното образование (еднаш од 1-3 одд. и втор пат од 4-9 одд.). Во Законот за средно образование, исто така, се укажува на додатната настава како организирана форма на работа со надарените средношколци, можноста за акцелерација (во тек на една година да се завршат две години) и можноста паралелно со основното образование да се посетува средно училиште за музичка или ликовна уметност. Во Водичот за работа на училишниот инклузивен тим, неколку страни се посветени и на препознавањето на надарените ученици, при што се приложени неколку инструменти, пример за акциски план и образец за изготвување индивидуална програма.

За разлика од развиените земји, па дури и од регионот, ние сѐ уште немаме национална стратегија со која прецизно би биле дефинирани областите за кои училиштата би имале јасни процедури и критериуми за идентификација на надарените, како и разновидни форми на работа со нив. Немаме стандардизирани инструменти за идентификација и јасно поставени критериуми кои ученици ќе се третираат како надарени и талентирани. Една од причините за тоа е што кај нас не постои институција која би се бавела со изработка, стандардизација и дистрибуција на психолошки мерни инструменти, што е хендикеп не само во контекст на откривањето на надарените, туку воопшто и за практиката на психолозите.

Во светот постојат различни модели на стратегии, па изборот се прави врз основа на финансиските, кадровските и материјалните капацитети на земјата, како и на образовната политика. Така на пример, треба да се одлучи дали ќе се негува интегративниот или сегрегацискиот пристап, односно дали надарените ќе се интегрираат во редовните паралелки и ќе добијат збогатени и индивидуализирани програми или ќе се  формираат специјални паралелки или дури и училишта за деца со одреден вид на дарба. И двата приода имаат предности и слабости, па може да се направи и комбинација. Во македонскиот образовен систем актуелна е политиката на инклузивност не само во однос на надарените, туку и на учениците со други типови на различност кои бараат диференциран приод. Секако, оваа задача е сложена во организациска, методска и содржинска смисла.

Фото: Growth mindset vector created by pch.vector – www.freepik.com

4. Дали нашиот систем прави анализа низ училиштата на процент на талентирани деца во земјава, на нивниот развој низ годините, на нивниот напредок, на професиналното насочување и аспирации, на вработувањето, и слично? Особено ако се знае дека во нив треба да лежи потенцијалот на идни способни лидери, претпримачи, иноватори, и сл. Фаќаме ли чекор со времето и со трендовите ширум светот во перцепцијата на талентот на младите како важен општествен приоритет, што е одлика на успешните системи ?

Со оглед на тоа што нема систематски приод кон идентификацијата на надарените и талентираните ученици, се сомневам дека се води некаква евиденција, но повалидни информации за тоа можете да добиете од надлежните институции во образованието. Секако дека напредокот на државата зависи од искористеноста на кадрите со високи потенцијали, знаења и перформанси и тие квалификативи треба да бидат предуслов и приоритет за вработување на младите. За жал, сведоци сме дека во практиката секогаш не се почитуваат овие стандарди и на работни места, па дури и на високи позиции се поставуваат недоволно компетентни лица, избрани според критериуми кои се неважни за дејноста. Овој факт дејствува демотивирачки кај младите способни кадри, па е и една од причините за заминување на работа во странство. Крајно време е да се преземат сериозни чекори за  да се спречи одливот на умови и да престанеме на западните земји да им „извезуваме“ стручни лица во чија едукација државата инвестирала, а не може да го почувствува бенефитот од таа инвестиција.

5. Сметате ли дека постојат доволно мерки/критериуми за поддршка на учествата на талентираните деца и нивните ментори на настани надвор од нашата земја? Се обезбедуваат ли финансиски средства за нивна непречена партиципација на меѓународните натпревари?

Во членовите 44 и 45 од Законот за основно образование и членот 24-а од Законот за средно образование е уредено учеството на државни и меѓународни натпревари, како и висината на паричните награди за учениците и за наставниците/менторите доколку се освојат награди на натпреварите. Се надевам дека тоа функционира во практиката. Не сум запознаена дали учениците кои учествуваат на меѓународни натпревари, но не освоиле награди, добиваат финансиска поддршка или целиот товар паѓа на семејството. Воедно, МОН обезбедува стипендии за талентирани средношколци од областа на природните и техничките науки, како и спортисти и уметници, при што како критериуми се поставени континуираниот висок училишен успех и освоени награди на државни и меѓународни натпревари.

Фото: Child writing photo created by rawpixel.com – www.freepik.com


Напишете коментар