Јас ≤ Ние
Природата на мислата е таква што го фрагментира светот на делови: јас и другите, ние и вие, луѓето и животните, човекот и природата, соларниот систем и галаксијата, галаксијата и универзумот. Кога оваа илузија ќе се согледа како таква, останува реалноста како целина. Кога ова ќе се доживее искуственоa, а не само да се разбере интелектуално, човек ги доживува другите, животните и светот како неразделен дел од себе
Сѐ што ќе прочитате некој друг веќе го кажал пред мене, а на повеќемина од вас, сепак, ќе ви биде новo.
Пред десетина години ми се случија ред коинциденции (ако верувате во такви работи) што ме донесоа до едно искуство што е многу тешко да се објасни со зборови, можеби и залудно, ама кога веќе сум тргнал да ви го кажам тоа што сакам да ви го кажам, ќе треба да се обидам да го опишам.
Тоа беше искуство во кое го гледав светот околу себе исто како и вообичаено, но го доживував без да имам концепти во главата за што е тоа небо, а што земја, што е јас, а што другите, минатото и иднината претопени во бесконечно долго сега. Всушност, перцепција на светот како жива целина, без мисли во главата да го фрагментираат на делчиња. Во исто време, сите стравови исчезнаа, вклучувајќи го и тој од смрт, тоа беше најголемата слобода што некогаш ја имам доживеано.
Истото тоа искуство ми влеа еден неколеблив мир дека секое зрно песок е на вистинското место.
На почетокот бев многу тивок за тоа што ми се случи, го споделив само со неколку блиски луѓе, еден од нив искусно ме посоветува да не зборувам многу на темата сè додека не созрее искуството. Десетина години подоцна, еве ме, пишувам јавно бидејќи ми рекоа дека имало луѓе што ќе сакаат да прочитаат, а јас сум сигурен дека ќе има и луѓе што ќе ме гледаат чудно по ова. Затоа ве замолувам да читајте со отворен ум и извинете за англицизмот ама “here goes nothing”.
За мислите, свесноста е тоа што е хартијата за речениците што ги читате
Целата поента можам да ја сведам во една реченица што звучи вака: Речиси сите човечки проблеми потекнуваат од ист извор, а тоа е погрешна самоидентификација. Во нашето секојдневно постоење ние добиваме информации од надворешниот свет преку петте сетила, а од внатрешниот свет преку мисли и емоции. Пропуштам ли нешто?
Сите наши искуства од раѓање до моментов додека го читате ова се сведуваат на тие седум начини на примање информации. Од овие седум, ќе ви презентирам една поинаква перспектива за тоа како ги перципираме информациите од мислите. Генералното верување е дека перцепцијата на мислите ја вршиме со мозокот.
Моето сознание е дека, всушност, мозокот е одговорен за произведување на мислите додека перцепцијата на мислите ја прави (тоа што овде ќе го викаме) свесноста или некои тоа го викаат умот. Не би сакал јас да сум тој што ќе реши која ќе биде дефиницијата што ќе ја користиме сите ние, но бидејќи јас го пишувам текстов би било паметно да ви објаснам како јас ги разграничувам.
Да речеме дека умот е склоп на мисли (сеќавања, сонови, визии, мелодии) и на емоции, а свесноста тоа што знае за мислите и за емоциите.Мислите се нешто врз кое имаме релативна, а не апсолутна контрола, слично како и врз дишењето. Во спротивно, ние луѓето не би имале тешкотии со концентрација или проблем да прекине да ни се врти некоја песна в глава. Дури и би можеле по наша волја да ги прекинеме мислите комплетно.
Мозокот е орган во телото како и сите други. Срцето ја циркулира крвта, адреналинската жлезда лачи адреналин – мозокот произведува мисли. Но не постои „размислувач“, исто како што не постои и „циркулирач“ на крвта.
Според тоа, јас не сум моите мисли или мојот ум.
Ајде да го направиме ова уште поедноставно и појасно со пример. За да можеме да видиме некој предмет (како на пример списанието во вашите раце), мора да имаме сетило за вид со кое ќе перципираме, што значи постои објект што е набљудуван и субјект што набљудува. Оваа ситуација може да предизвика мисла како „Јас држам списание во рацете“. Оваа мисла е, исто така, објект што е забележан. Прашањето е – од што?! Мора да постои нешто (субјект) што знае за мислата! Тоа нешто што знае за мислата не може да биде мисла бидејќи мислата не знае за самата себе. Тоа нешто што знае за мислата е постојано незабележано, постојано „одминато“ во нашето секојдневие. Тоа нештого нарекувам(е) свесност.
Свесноста е незабележана бидејќи нема форма достапна за некое од нашите сетила. Не можеме да ја видиме или допреме, нема мирис, ниту вкус и не произведува звуци. Таа е како празниот простор меѓу вашите очи и овие букви, постои ама не ја забележуваме.
Што друго можеме да знаеме за нешто што нема форма, боја, мирис и вкус? Може ли да се менува? Не. Може ли да се роди или умре? Не. Може ли да биде сфатена со размислување? Не, бидејќи мислите не можат да разберат нешто што не можат да го перципираат.
Ова значи дека свесноста е константа, нешто како брзината на светлината што е константа во природата на универзумот. За разлика од светлината, свесноста не можеме да ја измериме и затоа е тема на несогласувања во науката.
Тоа што е, можеби, најинтересно и најчудно за свесноста е дека може да се идентификува со нештата што ги перципира до тој степен што може да заборави за своето постоење. Како во мислите, на пример.
Тоа значи дека колку и да е софистицирано моето мислење за тоа кој сум јас, не е точно, затоа што моето есенцијално „јас“ е свесност што не може да биде разбрана со мислење. Сите наши сеќавања (што се, исто така, мисли) се збир од животни искуства, мисли и емоции, кои создаваат приказна за личност или персона со која се идентификуваме.
Етимолошки, зборот person потекнува од латинскиот збор persona што значи актерска маска или лик од претстава. Погрешната самоидентификација се случува кога јас (свесноста) мислам дека сум личност со име и презиме, одредена историја и карактеристики. Оваа погрешна идентификација популарно се нарекува его. Кога човек се обидува да се дефинира или разбере со мисли, тогаш се ограничува себеси. Соочен со вакви идеи, многу е возможно вашиот ум да најде куп причини зошто ова не е точно и на тој начин егото се бори за својот опстанок. Сите тие причини се всушност само уште мисли што се забележани од истата свест.
За мислите, свесноста е тоа што е хартијата за речениците што ги читате
Мислите можат да бидат лош владетел или одличен слуга!
Еве како да проверите дали ова што го зборувам е вистина. Една минута затворете ги очите и почнете да си зборувате (во себе) за што било. Штом завршите, поминете на следниот пасус.
Сега прашајте се, што доживувам поинтимно или поблиску до себе – мислите што се менуваат или тоа што знае за мислите?
Истото можете да го направите и со емоции.
Да не се разбереме погрешно, не сакам да кажам дека мислите се нешто лошо од кое треба да се оградиме. Туку дека тие можат да бидат многу лош владетел или одличен слуга. Сѐ што треба да направите е да ги забележувате сопствените мисли и емоции додека се случуваат знаејќи дека вие сте свесноста. Тогаш се раѓа интелигенција многу поголема од таа на мислите и во тој момент не сте роб на својот ум.
Оваа деперсонализација од мислите и од емоциите е ослободувачка, а секоја друга слобода е минорна во однос на неа.
Мислите имаат огромна моќ да нè убедат во работи што не постојат, до тој степен што веруваме дека се апсолутна вистина, плацебо-ефектот е одличен доказ за ова. Овие нешта што се измислени од умот, а немаат реалност сами по себе, ги нарекуваме ментални концепти.
На ист начин умот постојано создава концепти дури и од реалните нешта и не ни дозволува да ги доживееме нештата такви какви што се вистински. Вашиот ум веќе има создадено и концепт за – што е тоа свесност. И доколку сега верувате дека е подобро да се идентификувате со свесноста, отколку со умот, истиот тој ум постојано ќе се „маскира“ во вашиот концепт за свесност. Препознавањето на оваа итрост на умот е мудрост.
Па, како тогаш можеме да излеземе од овој илузорен свет на концепти и да ги доживееме работите такви какви што се? Можете ли да ги забележите и доживеете предметите и природата околу себе, без да се потпирате на мислите за интерпретација? Тоа е возможно само од една состојба на свест, која се нарекува медитација, но за тоа во друга околност.
Коренот на речиси сите проблеми е човечкото его
Кога ќе погледнеме објективно на личните или глобалните проблеми и ќе се обидеме да сфатиме зошто се случуваат, може да увидиме дека коренот на речиси сите проблеми е човечкото его. А тоа произлегува од погрешно самоидентификување. Ова не значи дека човек треба да гледа само за другите и да заборави на себе, туку да сфати на кој начин правејќи работи за себе, несвесно им предизвикува проблеми на другите и на природата. Јас ≤ Ние.
Мислите и емоциите што ги доживуваме се многу реални, но тие креираат илузорен идентиет со кој се доживуваме како единка, одделна и независна од светот околу себе. Тоа е само привид, исто како што ни се причинува дека има вода на улиците во летните жешки денови. Природата на мислата е таква што го фрагментира светот на делови: јас и другите, ние и вие, луѓето и животните, човекот и природата, соларниот систем и галаксијата, галаксијата и универзумот. Кога оваа илузија ќе се согледа како таква, останува реалноста како целина. Кога ова ќе се доживее искуствено, а не само да се разбере интелектуално, човек ги доживува другите, животните и светот како неразделен дел од себе. Повеќе не се доживуваме како човек што го искусува животот и универзумот, туку како животот и универзумот да се во привремено искуство на човек.
Во таквото искуство дури и да се појави нешто што го нарекуваме „проблем“, не е проследено со страдање или болка. Дополнително сите ситуации се лесно решливи бидејки солуцијата доаѓа од повисоко ниво на свест и интелигенција од таа на мислите.
(Авторот по професија е филмски режисер, а по должност учител по јога и медитација)