Каде ни се младите и како да ги вратиме дома?
Состојбите во нашата земја поврзани со масовното иселување на луѓето, особено на младите, како и податоците за аспектите поврзани со животот на младиот човек, укажуваат дека сме земја што како да не е привлечно и квалитетно место за живеење. Во последните неколку години, дури 500.000 луѓе, или речиси една четвртина од населението, ја напуштило земјава. Овој податок на Светската банка, наведен во извештајот „Миграција и одлив на мозоци во Европа и во Централна Азија“ објавен во 2019 година, е сериозен аларм дека сите ние мораме да си ги засукаме ракавите, да преземеме одговорност и да придонесеме кон промена на ваквата непожелна реалност.
Незадоволство од квалитетот на живот
Принципот „Младите се иднината“, нè носи кон потребата да се фокусираме на младите и на феноменот одлив на млади мозоци. За да знаеме како да третираме одреден проблем, треба да ги имаме предвид причините поради кои настанал. Во недостиг на национални анализи од државните институции, се повикуваме на истражувања спроведени од граѓанскиот сектор.
Економските фактори се сметаат за најголем мотив и причина за иселувањето на младите. Последното истражување спроведено од УСАИД и од „Наванти груп“, дава податок дека 74 проценти од младите опфатени со истражувањето си заминале за да најдат подобра работа во странство. Иако економските причини не се единствени за заминувањето, тие најчесто се опфатени во државните мерки и политика.
Младите заминуваат и поради незадоволство од квалитетот на животот во нашата земја. Дури 36 проценти си заминуваат во потрага по подобар живот: животен стандард, животна средина, политичка состојба, социјална и здравствена заштита и слично.
Загадениот воздух и животна средина се уште една причина поради која си одат, дури и тие што се високо квалификувани, образовани и со стабилни работни места. Македонските градови неретко се наоѓаат на листите на најзагадени градови во светот, а, како што објави Светска банка пред неколку години, повеќе од 1.300 луѓе во земјава умираат од загаден воздух.
Недостигот од чувство на сигурност, исто така, е причина за заминување. Последната студија за млади изработена за период 2018/19 година покажува висок индекс на стравови кај младите поврзани со социјална неправда (2,5 на скала од 1 до 3), зголемена сиромаштија (2,6), загадување и климатски промени (2,6), сериозни болести (2,6), корупција (2,5), што укажува на тоа дека младите не се чувствуваат сигурни во својата земја.
Имаме ли политики за соочување со одливот на мозоци?
Политичките кризи и политичката нестабилност стануваат неподносливи за младата популација. Во истражувањето на „Наванти груп“, фрустрацијата од политичката ситуација е нагласена како причина за заминување на дури 36 проценти од младите. Од тие што останале во земјата, 61 процент сметаат дека политичарите не се грижат за нивното мислење.
Единствен национален документ што директно го опфаќа прашањето на одлив на мозоци е Националната стратегија за вмрежување и соработка со високо образовани и стручни кадри 2013 – 2020 година. Иако формално постои, стратегијата не е спроведена, па така, 67,4 проценти од младите не ни препознаваат дека државата има стратегија насочена кон нивно задржување или враќање во земјата.
Проблемот е комплексен и нема едноставно решение, па што може и треба да се направи? Да почнеме од промена на перцепцијата дека младите се проблем и да сфатиме дека младите се најголемиот ресурс што го имаме, извор на креативни решенија, и да почнеме да ги третираме така.
Да се преброиме и да се лоцираме! Во недостиг на попис, навистина е тешко да говориме со сигурност колку точно млади се заминати од нашата земја, а колку се останати. Важно е и да воспоставиме систем со кој ќе лоцираме каде се заминати младите, дали се заминати привремено или трајно, да воспоставиме комуникација со нив, да ги разбереме причините за нивно заминување за да можеме да ги мотивираме да се вратат и да создадеме мерки врз основа на ваквите сознанија.
Соработка на институциите е клучна! Не постои една одговорна институција и не постои една клучна политика. Причините за заминувањето на младите се различни, а единствен ефективен пристап за надминување на овој предизвик е преку соработка меѓу различните институции, од различни ресори, но и вклученост на граѓанскиот сектор и на самите млади.
Искуствата од странство може да ги приспособиме и дома
Не секогаш мора да смислуваме топла вода. Во земјите низ Европа, па и во соседството, можат да се забележат интересни примери за мерки насочени кон задржување и привлекување на младите, кои можат да служат како пример и да се приспособат за националниот контекст. Така, Полска укина плаќање персонален данок за граѓаните помлади од 26 години. Хрватска го направи истото за помлади од 25, а за тие од 25 до 30 години, го намали за 50 отсто. Естонија успеа да се позиционира како „дигитален и инвестициски рај“ за младите и особено за „дигиталните номади“ и слободни соработници. Така, во 2018 година ја воведе и првата виза за нив привлекувајќи илјадници млади ИТ-таленти од Азија и од Европа, но и неколку стотици Естонци, млади претприемачи назад преку бизнис-програмата „Талентот назад дома“. Сличен пример имаме во Пловдив, Бугарија. Од традиционално индустриски град, преку конкретна економска и младинска политика, Пловдив се трансформира во средиште на урбан развој. Ставајќи акцент на ИТ-секторот, бенефиции за бизнис, можности за надворешна соработка и промоција на младинскиот урбан културен живот, Пловдив е во предност кај младиот талент во однос на главниот град Софија.
Пример за успешна сеопфатна национална стратегија е Албанија, со својата програма за прилив на мозоци. Програмата во своето петгодишно спроведување успеа да привлече 137 високо образовани млади, кои дополнително го етаблираа Универзитетот во Драч, помогнаа во создавање мрежа на илјадници високообразовани Албанци во странство и отворија неколку нови прогресивни одделенија во рамките на националните министерства.
Мобилноста на младите мора да се гарантира
Ваквите примери покажуваат дека промените се можни. Со посветеност, ефикасно планирање, политичка волја, соработка, давање приоритет и стратегиски пристап, можеме да создадеме квалитетни услови за живот и за просперитет на младите луѓе што сè уште живеат во нашата земја, но и да ги поттикнеме тие што заминале, да се вратат и да просперираат дома.
Спречување на одливот на мозоци не е ограничување на младинската мобилност. Тоа што е од голема важност да се запамети е дека мобилноста на младите мора да се гарантира. Заминувањето на младите во други земји за доедукација, доквалификација или од која и да е друга причина може да биде од голем бенефит за младиот човек во насока на градење на самостојност и на независност, но и од бенефит за државата доколку истиот тој млад човек се врати и го инвестира здобиениот интелектуален капитал назад во својата земја.
(Авторот е програмски директор на Здружение ЛЕАД и претставник на Мрежата за спречување одлив на мозоци)