Крутоста не е карактеристика на образованието на 21 век
Вдиши: свежа визија за посакуваниот образовен систем. Издиши: неефикасни модели и неосмислени реформи.
Ова е најважната „мајндфулнес“ порака за овој период за нашиот систем, за кој пандемијата беше лакмусов момент што ги извади на виделина сите слабости што долго време биле ставани под тепих. Посебно, пак, тие што се однесуваат на образованието. Но, терапевтскиот чекор не помага без акција. Квалитетно општество во иднината не е возможно без денешен квалитетен еквивалент во образованието. Затоа што тие што се одговорни граѓани утре, денес се збунети ученици, во друштво на уште позбунети родители, наставници, институции…
Оваа сива ситуација се обидовме да ја размаглиме со Бојана Нацева, виш специјалист за образование од Светска банка, која е децидна дека „училиштата и универзитетите имаат огромна улога во подготовката на идната генерација со граѓански вредности“.
*Реформите во образованието повремено се стихијни, повремено најавени како осмислени. Единствено резултатите доцнат… Како го оценувате начинот на кој системот пристапува кон нив? Што е тоа што тој не го гледа кога донесуваме важни одлуки поврзани со образованието? Каде може да се адресира вината или, подобро, решенијата?
Образовните реформи треба да ги адресираат долготрајните проблеми со еднаквиот пристап и со квалитетот на образованието. Формирањето на вештините почнува од многу рана возраст и е континуиран процес (ниски постигнувања во раната возраст доведуваат до исклучување од многу идни можности), па затоа обезбедувањето квалитетно образование од самиот старт и еднаков пристап се клучни за обезбедување подобра можност за вработување на идните дипломирани средношколци и студенти. Северна Македонија презеде успешни, но и помалку успешни реформи во образованието. Потребно е тие да бидат препознаени, да се добијат информации од истражувања и да бидат усогласени со стратегиските приоритети на државата. Многу е битно да се разговара за нив и да бидат прифатени од засегнатите страни. Воведување парцијални решенија без анализа за тоа како би влијаеле на подобрување на квалитетот на образованието и дали се во сообразност со другите потсистеми е погубно. Во минатото имавме реформи што на општата популација ѝ изгледаа интересни и полезни, но бидејќи не беа добро испланирани или, пак, често беа неусогласени со другите потсистеми и системски механизми, беа неуспешни или, пак, имаа спротивен ефект од посакуваниот. Се разбира дека владата е најодговорна за донесување квалитетна и издржана политика во образованието, но и медиумите, политичарите, како и сите ние, всушност, треба подобро да ги нагласуваме придобивките на квалитетното образование, како и стапиците од прераното напуштање на образовниот систем. Младите луѓе треба да разберат дека без основните вештини неопходни за добивање квалитетно работно место, ќе имаат ограничени економски можности и ќе им недостигаат клучни вештини неопходни да добијат добро платени работни места. Училиштата и универзитетите имаат огромна улога во подготовката на идната генерација со граѓански вредности, како и технички знаења и критични социо-емоционални вештини какви што се упорноста и способноста за соработка со други и комуницирањето.
Глобалната економија се менува брзо, па затоа човечкиот капитал на државата треба да биде иновативен и да може да се приспособи на усвојувањето вештини, кои постојано се менуваат. Оттука произлегува дека учењето е доживотен процес, кој не завршува кога ќе ви дадат диплома.
*Во развиените земји што имаат квалитетен образовен систем развојот се темели на сеопфатни истражувања, кои треба да го одредат развојот на политиката во оваа сфера. Каде сме ние во оваа интенција? Колку се потпираме на вредноста на податоците што треба да дојдат од различни засегнати страни, вклучително и од учениците, чијашто визија за новото образование неминовно треба да биде интегрирана во суштината и во изгледот на идниот образовен систем? Кој вид истражувања ни недостигаат, чии ставови и потреби не се вклучени во донесувањето одлуки базирани на податоци? И кој сѐ треба / смее да прави истражувања во образованието?
Во процесот на истражување на образовниот систем треба да се потпираме на ставовите од експертската јавност кај нас, вклучувајќи ги тука сите тие што, на некој начин, се вклучени во образованието, но и експертите од развиените образовни системи, кои може да ни пренесат важни искуства од надвор. На овој начин, ќе добиеме подобра дијагностика за тековните карактеристики, како и многу важна размена на искуства. Тоа што е еднакво важно е да се најдат начини податоците што ќе се добијат од спроведените истражувања да бидат транспарентно и соодветно споделени со пошироката јавност. Работите треба да се објаснат на таков начин што секој ќе може да ги разбере проблемите и решенијата што произлегуваат од спроведените анализи. Само така ќе ја подигнеме заинтересираноста на целата јавност за овие прашања.
Следејќи ги искуствата од поразвиените земји и кај нас сѐ повеќе внимание се посветува на спроведување истражувања, кои ќе може да ни ја покажат фактичката ситуација во една област и кои ќе може да ни понудат различни реформски опции за посоодветно конципирање на образовната политика. Но, овој процес е далеку од готов и сè уште има простор за подобрување. Остануваат многубројни прашања за кои имаме мал број податоци и во такви услови ризикуваме политиката да биде донесена врз база на анегдоти и на претпоставки.
*Пандемијата го доведе образованието до колапс. Ова е момент од кој може да почне трансформацијата. Што е клучно сега? Кои чекори се најитни?
Ситуацијата со ковид-19 ја зафати целата планета и се покажа како исклучителен предизвик за сите земји, дури и за тие со многу понапредни образовни системи од нашиот. Слободно може да се каже дека пандемијата е најголемиот шок што образовните системи во светот некогаш го искусиле. За само неколку месеци повеќе од 150 земји целосно ги затворија градинките, училиштата и универзитетите, а со тоа повеќе од една и пол милијарда ученици беа принудени да останат дома. До неодамна такво нешто беше незамисливо. На почетокот, како клучен сегмент на кризата се издвои обезбедување континуитет во наставата. Сите земји, вклучително и Северна Македонија, се соочија со предизвикот да обезбедат учење од далечина, да создадат канали за ваков тип учење и како да го подготват наставниот кадар за такво нешто. Тоа што останува како дилема и денес е како во овие услови загубите од учењето да се сведат на минимум. Знаеме дека и пред кризата им беше потребно подобрување на резултатите во ова поле, а оваа пандемија има потенцијал уште повеќе да го влоши образовниот исход ако не дејствуваме брзо и соодветно. Дополнително, треба да ги имаме на ум и тие категории деца и млади што се најпогодени од ваквата криза. Негативните влијанија на пандемијата од аспект на образованието, за жал, најмногу ги чувствуваат тие деца и млади што доаѓаат од сиромашни семејства и затоа е најпотребно да се насочи помош кон нив. Не смееме да дозволиме поради социо-економските околности дел од учениците да го напуштат образовниот процес предвреме. Во постојната фаза, како предизвик се јавува и повторното отворање на образовните институции и најсоодветниот начин да се направи тоа. Со право, и кај нас и во многу други земји, на ова прашање се пристапува многу внимателно. Тоа што е сигурно е дека, без разлика кои мерки ќе бидат спроведени – дали учење преку интернет, физичка настава или комбинација од двете – тие ќе бараат подготвеност за брзо приспособување на околностите, кои се менуваат од ден на ден. Во принцип, ако стапката на зараза не се намалува, мудро е да се дизајнираат креативни и прагматични алтернативни процеси на поучување. Прво, корисно би било да се поедностават наставниот план и наставите програми и да се дефинира оптимален сет од клучни компетенции што можат реално да се постигнат од страна на учениците во текот на оваа учебна година. Приоритет би требало да им се даде на фундаменталните и на социо-емоционалните вештини така што дигиталните содржини, ТВ и радиочасовите би можеле да ја поддржат реализацијата на наставните програми намалени во обем. Траењето на учебната година, како и распустите, би можеле да се скратат и приспособат во согласност со епидемиолошката ситуација во земјата.
Второ, на наставниците ќе им треба континуирана поддршка во користењето дигитални алатки и платформи на интернет. Тие ќе мора да ги приспособат методите на поучување, формативно следење и сумативно оценување на постигнувањата на учениците и комуникацијата со родителите.
Трето, домашната средина за учење не е еднаква во сите домаќинства во државата. Во согласност со тоа, потребна е политика што драстично ќе ги подобри условите за учење дома, како што е пристап до евтин или бесплатен интернет, пристап до технолошки ресурси и обезбедување и дистрибуција на печатени материјали за децата во нивните домови. Оваа политика е клучна за обезбедување еднаков пристап и квалитет во учењето за сите деца, особено за најранливите групи.
И четврто, континуирана и интензивна комуникација и поддршка на родителите и на старателите за да можат да им обезбедат сигурна и поддржувачка средина за учење на своите деца.
За крај, вреди да се спомене дека тековната криза може да ја искористиме како можност да го преиспитаме и подобриме образованието што им го нудиме на младите и да го направиме образовниот систем поотворен и поиновативен. Оттука треба да се искористи моментот за засилување на образовниот систем со што тој би бил поподготвен и поотпорен на вакви или слични кризи во иднина.
*Колку финансиските одвојувања во образованието, од секој аспект, се рефлектираат и врз квалитетот на образованието? Дали се следат наизменично? Во што треба најитно да инвестираме?
Не постои волшебна бројка за процентот од БДП, кој секоја земја би требало да го вложи во образованието. Бидејќи БДП е различен од земја до земја, еден ист процентуален дел може да одразува многу различни расходи по ученик. Исто така, спроведувањето на образовните активности многу се разликува од земја до земја, што доведува до многу различни трошоци.
Во текот на годините, Македонија постепено ги намали трошоците за образование како дел од БДП, и сега троши помалку од просекот во ЕУ. Дополнително, образовниот систем е ослабен и поради ниското ниво на ефикасност во трошењето на средствата што се на располагање. Последниот преглед на јавни финансии на Светска банка (2018) покажа дека нашата земја има најнизок скор на ефикасност во регионот во однос на обезбедување пристап во средното образование. Земји со слично ниво на трошоци имаат опфат во средно образование за 20 проценти поголем од тој во Северна Македонија. Нашата земја е исто толку малку ефикасна во обезбедување квалитетно образование, земји со слично ниво на трошоци постигнале повисоки резултати на тестирањето според ПИСА. Неефикасно трошење има и во високото образование. Висок степен на откажување од студии како и подолго време во просек на завршување на студиите се карактеристики на високото образование во државата. Зголемувањето на квалитетот бара зголемување на вложувањата, но, исто така, и помудро вложување за подобрување на резултатите од образованието. Нивото на инвестиции е еден од најважните сегменти за успех. Сепак, финансиското одвојување во образованието не е единствениот критериум што го одредува квалитетот. Еднакво важен фактор е за кои потреби се користат средствата, според кои модалитети (т.е. формули) се распределуваат и што се обидуваат да артикулираат како визија. Во оваа насока, успехот не зависи само од достапноста на доволно финансиски средства, туку и од нивно поврзување со стратегиските цели што ги има поставено државата. Оттука, едно од клучните прашања е кое ниво на финансиски, но и човечки ресурси ни е потребно за да се постигнат поставените стратегиски цели на одржлив начин. Во услови на пандемија, прашањето за обезбедување соодветни финансиски ресурси за образованието е особено важно, независно од модалитетите на изведување на наставата. Државата мора да обезбеди доволно средства за одржување соодветни хигиенски услови во училиштата, изведување квалитетна настава на далечина и обезбедување еднаков пристап до наставата на далечина за сите ученици, особено на ранливите групи.
*Дали ни недостига институција што независно ќе врши мониторинг на квалитетот на образованието во нашата земја, какви што постојат во многу европски земји? Колку е важно да се мери ефикасноста на образованието? Кој треба да врши мониторинг на образовниот процес, курикулумот, методиката, наставниците, резултатите и да даде информација за тоа?
Постоењето соодветни механизми за обезбедување на квалитетот е уште една клучна област за образованието. Со брзиот развој и експанзија на образовните системи се појавува и потребата за активно следење и евалуација на ситуацијата во повеќе сегменти, меѓу кои најважно е следењето на квалитетот на образованието. Придобивката од користење на алатките за мониторинг на образовниот процес е тоа што тие обезбедуваат можност за процена на функционирањето на образовниот систем со сите негови предности и слабости. Несомнено, ваков тип механизми, и независни институции што ќе се занимаваат со тоа, му се потребни и на нашиот образовен систем. Тука спаѓа и потребата од зголемено користење механизми за обезбедување квалитет и нивно етаблирање како составен дел од работата на училиштата ина универзитетите. Само на тој начин ќе изградиме т.н. култура на квалитет (quality culture), која е појдовна точка за сѐ друго. Во однос на начинот на кој ова може да се изведе, постојат различни модалитети.
Улогата на мониторингот на образовниот процес е обврска на повеќе фактори од кои како најважни се издвојуваат образовните институции и државата. Во развиените системи, училиштата и универзитетите по правило преземаат обврска да се самоевалуираат и во тој процес критички да се осврнат на начинот на кој обезбедуваат квалитет. Во исто време, како клучна се јавува и улогата на државата, која има обврска да се осигури дека образованието ги постигнува посакуваните резултати. Тоа што, веројатно, е клучно за обезбедување добар систем за оценување на квалитетот е отворен пристап кон проблемите од страна на сите фактори.
Во нашата држава постојат механизми за обезбедување квалитет како во предуниверзитетското така и во високото образование. Постојат и институции задолжени за спроведување национални оценувања (Државен испитен центар) и за надворешно вредување на институциите за високо образование т.е. новоформираната Агенција за квалитет во високото образование. Следниот чекор треба да опфати засилување на капацитетите на овие установи, како и систематско користење на резултатите од тестирањата и вреднувањата за донесување одлуки според информациите во однос на потребните реформи во образованието. Ме радува дека Министерството за образование и наука, како и наведените институции, најавија дека еден од клучните приоритети во наредниот период ќе биде подобрување на капацитетите и на механизмите за контрола на квалитетот на сите степени на образование и засилување на аналитичките капацитети за секундарни анализи на податоците и спроведување политика базирана на податоци.
*Образованието има цел да создаде активни и корисни членови на општествената заедница, кои ќе создаваат нови вредности. Колку сме иновативни во начините на кои македонскиот образовен систем го постигнува ова? Колку сме храбри во поставување на предизвиците и на целите, а колку проактивни во нивното исполнување?
Колку, пак, треба да сме насочени кон преземање успешни надворешни искуства и нивно интегрирање во нашиот систем?
Истражувањата покажуваат дека образованието ги прави луѓето поздрави, позадоволни од животот, ја намалува зачестеноста на кривичните дела и ја подобрува родовата еднаквост. Тоа е од исклучителна важност за економијата: претставува моќен двигател на развојот и е еден од најсилните инструменти за намалување на сиромаштијата, подобрување на продуктивноста и за зголемување на можностите за вработување и на приходите. Дополнително, образованите општества се поиновативни и можат побрзо да усвојуваат нови технологии. Од ова произлегува дека најнапред треба да го поставиме системот да обезбедува усвојување на клучните компетенции кај младите луѓе потребни на пазарот на трудот, но и здобивање социо-емоционални вештини, кои ќе придонесат за формирање одговорен и продуктивен човечки капитал во државата. Пандемијата ни покажа многу јасно каде се слабите страни на системот и дека крутоста не е карактеристика на образованието на 21 век. Видовме дека во земји во кои има добро воспоставени системи, силни училишта и иновативен пристап во учењето и во менаџирањето на образованието, многу полесно и поуспешно се приспособија на новото нормално.
Мораме да ги насочиме реформите кон воспоставување упорен и приспособлив образовен систем подготвен да одговори на предизвиците што ги носи четвртата технолошка револуција, климатските промени и други можни надворешни шокови. Треба да се користи добрата практика од други држави, но не да се копира и да се насади кај нас, туку, пред сè, треба да се истражат причините за воведувањето на промените, како придонесувале кон мисијата и целите на образованието во дадена држава и кои биле ефектите од нивната примена. Без ваков критички пристап кон туѓите успешни приказни, пресликувањето туѓи искуства во системот може да придонесе кон негово ослабување, место подобрување.
*Дали нашето образование прави соодветни усогласувања со програмите по кои работи и условите на пазарот на трудот? Односно, колку ваквата поврзаност ја условува идната моќ на економијата?
Соодветноста и поврзаноста на образованието со пазарот на трудот останува предизвик за образованието кај нас. Работодавците истакнуваат дека образовниот систем не ги обезбедува потребните вештини и тие често се соочуваат со тешкотии при наоѓање квалификувана работна сила. Имајќи го ова предвид, потребно е да се изградат потесни врски со стопанството, но и со другите сектори со цел да се обезбеди ефективна интеграција на пазарот на трудот. *Скандинавските земји размислуваат за редуцирање или спојување на високообразовни институции, а кај нас се оди на нивна децентрализација. Располагаме ли ние со толку многу ресурси, пред сѐ, човечки, професори, кои може да бидат на располагање на сите тие дисперзирани факултети?
Големиот број високообразовни институции е предизвик со кој се соочуваат речиси сите земји од регионот на Западен Балкан, но и голем дел од земјите од Источна Европа. Со потребата да се зголеми опсегот на студенти што ќе бидат опфатени во рамки на високото образование се случи брза и ненадејна експанзија на бројот на универзитети со која сега тешко излегуваме на крај. Според некои споредбени истражувања од регионот, кои се осврнуваат на ова прашање, бројот на јавни универзитети (вкупно седум) кај нас е во рамките на просекот. Од друга страна, бројот на приватни универзитети и факултети (повеќе од 15) отвора можности за загриженост. Во целина, заклучокот е дека ние како држава треба да размислуваме во насока на градење поефикасен и покомпактен високообразовен систем, кој ќе може да одговори на реалните потреби. Предимензиониран образовен систем може да создаде низа проблеми, вклучително и во однос на кадарот што е на располагање. Во некои области, едноставно, нема доволно кадар што може да го издржи товарот создаден од бројот на универзитети.
Фотографии:Томислав Георгиев