Доза вести, Лице в лице

Летен изглед за извидници – ленени униформи и свежа енергија дури до Португалија

Време на читање: 4 минути

Наши извидници беа во Португалија, каде учествуваа на настан кој се одржува на секои 4 години и е наменет за млади на возраст од 18 до 25 години, како и за извидници – волонтери постари од 25 години.
Познавајќи дел од извидниците и нивните инспиративни карактери, секогаш исполнети со свежи идеи, знаев дека сигурно имаат и некоја многу добра приказна за раскажување.
Разговаравме со Дарко Тошиќ од Извидничкиот одред „Еквинокс“ од Штип кој присуствуваше на настанот и кој од „прва рака“ ни раскажа како било таму.

Како се најдовте вие на настанот?

За многу од учесниците ова беше прво учество на ваков меѓународен собир, што само го направи искуството уште повредно. Да се најдеш помеѓу илјадници млади луѓе од различни делови на светот, кои  делат исти идеи, ентузијазам и љубов кон природата, беше момент за паметење.
Присуството на македонските извидници на Светскиот извиднички мут (World Scout MOOT) 2025 во Португалија претставуваше исполнет сон за секој млад извидник!
Македонскиот контингент се состоеше од 31 учесник на возраст од 18 до 25 години, придружувани од еден водач и четворица волонтери. Волонтерите беа дел од Меѓународниот сервисен тим (IST) – волонтери задолжени за поддршка и реализација на активностите на терен. Некои од нив пристигнаа и пред официјалниот почеток на настанот, активно учествувајќи во подготовката на инфраструктурата и логистиката.
Настанот собра повеќе од 8.000 извидници од 114 земји, а нашето присуство беше дел од едно глобално семејство на млади со исти вредности, кои се поврзуваат преку духот на извидништвото.

Дел од настанот е и претставување на културите од каде што доаѓаат учесниците. Што најмногу им се допадна на другите учесници во однос на македонската култура?

Целта на настанот е размена на искуства, идеи и вештини помеѓу младите ширум светот. Нешто што навистина носи прекрасна енергија на овој настан е и претставување на културите и традициите на земјите учесници. Дефинитивно, македонската култура ги освои срцата на многумина!

Како дел од програмата беше организирана интернационална вечер каде секој контингент ја претставуваше својата земја и традиција. Нашиот штанд привлече големо внимание. Традиционалната храна и македонските јадења беа хит помеѓу младите. Најголемо внимание добија ајварот и македонскиот локум. Нешто што ја одбележа оваа вечер, на што сме особено горди, е тоа што токму на втори август, на денот кога го славиме Илинденско востание, македонските извидниции ја имаа честа да дадат почит и да го одбележат овој момент со презентирање на орото „Пајдушко“ на главната сцена, пред повеќе од 8 000 луѓе ширум целиот свет!

Пренесете ни дел од искуството. Кој е најдобриот личен момент, што ќе паметите и раскажувате на помладите извидници?

Она што секој еден од нас ќе го понесе од овој настан не може да се опише во една реченица. Но со сигурност можеме да заклучиме дека секој од нас има момент на себеостварување, огромно искуство и начин на функционирање во заедница, споделување позитивни практики и начини на размислување кои се дел од „ранецот“ кој го ќе го понесеме по секој извиднички настан!

Кое е најбрзото време за кое македонскиот извидник може да оформи пријателство на ваков фестивал?
Овие настани создаваат пријателства кои траат! Извидниците создаваат пријателства и се запознаваат уште пред да стигнат до местото на одржување на настанот. Првите пријателства и комуникација ја остваруваме уште на аеродром! 
Не би можеле да кажеме колку време ни е потребно за да оствариме ново пријателство. Чувството и пристапноста помеѓу извидниците е на едно друго, поинакво ниво кое создава пријатна атмосфера уште во првиот момент на запознавање. Со тоа чувство, како веќе да се познаваме!
Настан од ваков размер прави светот да се претвори во еден извиднички град, а секој извидник – сосед.

Фотографии: Архива на извидници

Напишете коментар