Лице в лице со Алмир Мустафа
Ако не бев продавач на уличното списание, ќе бев тоа што ме учеше вујко ми да бидам – молер. А, ако ме прашате зошто молер, затоа што сакам кога правам промена и од неуредно станува чисто и бело. Многу ја сакам промената
Секоја промена е чудна на почетокот, но прекрасна на крајот. Тоа помеѓу е зоната во која растеме. Ова е патот што го поминува и ранливиот сограѓанин кон целта да стане работно интегрирано лице што е економски и социјално засилено. Сте се прашале ли кои се продавачите на „Лице в лице“ надвор од униформата и зошто останале истрајни во процесот на работната интеграција?
Менторските средби што се специјално дизајнирани за продавачите на уличното списание се инспирација и поттик за да се постави токму ова прашање, да се роди љубопитноста за интересите, желбите и за нивните приказни, затоа што сите ние ги имаме.
На овој начин, со низа прашања и фотографии го претставуваме Алмир Мустафа, продавачот со харизма на која сите „паѓаме“! ☺
Алмир е продавач на списанието од 2015 година, со неколку паузи поради непредвидливоста на животот, но тој со неговата харизма и ненаметливост, тивко, а смело повторно освојува свои територии.
Татко е на три деца, Муксин (4 години ), Един (2 години) и Амин (5 месеци), а самиот вели дека партнерката Кадрие ја чува како вистинска кралица. И двајцата се трудат да бидат добри родители, кои ќе ги научат своите деца на вредности. На прашањето како би се опишал себеси, низ насмевка одговара:
– Ух, како да почнам… Најтешко ми е кога треба да зборувам. Добар човек сум, чесен, сакам да работам, ама не во политика. И, не лажам, освен тебе Ема, кога сум ти задоцнил на средбите за координација – почна да раскажува Алмир со доза трема, но и љубопитност за прашањата.
Го пренесуваме интересното патување низ кое го запознаваме Алмир, на поинаков начин.
Што би работел ако не беше продавач на „Лице в лице“?
– Ќе бев тоа што ме учеше вујко ми – молер. А ако ме прашаш зошто молер, затоа што сакам кога правам промена и кога од неуредно станува чисто и бело. Многу ја сакам промената.
Тешко ли е да се продава улично списание? Опиши го искуството.
– За мене воопшто не е тешко. Ме радуваа оваа работа. Сум имал искуство да работам и да помагам, ама многу сакам што кога продавам „Лице в лице“ излегувам и се враќам чист. Се движам меѓу убави луѓе, а тие го уважуваат тоа што го работам. А има многу случки од терен!
Омилено место за продавање
– Мојата локација е на плоштадот во Скопје, таму ми е најубаво!
Ако треба да избираш меѓу Дебар маало и Лепоткарија за продажба, кое е твоето омилено место?
– Ако веќе морам да избирам од овие две, тогаш мојот избор е Дебар маало.
На што последно се смееше?
– Не можам да се сетам, ама знам на што се насмевнувам секој ден. Тоа е кога ги продавам сите списанија или кога продавам на некои убави девојки.
Што знаеш најдобро да готвиш?
– Оуууу, сакам да готвам многу нешта! Правам најубав ориз во тавче. Децата и жена ми го сакаат многу. А од салата, марулата ми е најубава, можам секој ден да јадам.
Која ти е омилена песна?
– Ех… јас не пеам, ама има ромски сплетови што ги сакам многу. Сплетот на Ервин ми е омилен.
По што те препознаваат луѓето?
– Дефинитивно по униформата на „Лице в лице“ и мило ми е поради тоа!
Сподели интересна случка од терен
– Многу ми е интересно кога правам пауза од работа и седнувам да пијам кафе во кафулињата. Газдите и персоналот ме честат бидејќи ме знаат по „Лице в лице“ и униформата. Еднаш додека го чекав кафето дојде еден човек и ми купи од маса, обратна ситуација – јас одморав, а тој дојде да купи од мене, не отидов јас кај него
Како и каде сакаш да го пиеш првото кафе?
– Во „Џино“. Особено кога е лето. Со вработените многу се почитуваме и уживам во нивно друштво.
Без што Алмир не е Алмир?
– Без фризурата и униформата.
Фудбал или кошарка?
-Фудбал, пред ковид често игравме во маало.
Сакаш ли да црташ? Што би нацртал ако имаше сега лист и молив?
– Сакам да цртам и да бојам. Често си купувам боенки и боички. Дај ми лист да нацртам нешто
Што би купил ако добиеш седумка на лото?
– Тренерки.
Да имаш магично стапче или моќ што би променил во светот?
– Би го сменил животот на Ромите во Шуто Оризари!
Каков совет би си дал ако можеш да се вратиш на 18-годишна возраст?
– Да бидам истраен на добриот пат. Ме чека убава работа и дружба со „Лице в лице“.
На кои вредности сакаш да ги научиш твоите деца?
– Да учат школо, да бидат учени. Да имаат своја визија во животот и да останат чесни.
Кој е твојот животен ментор?
– Вујко ми и наставничката Ирена Велкоска од дневниот центар. Таа ме научи како да бидам културен и вешт, а вујко ми како да бидам добар мајстор.
Која е најголема животна лекција што си ја научил досега?
– Секогаш да бидам на страна на вистината.
Од кого најмногу научи за продажбата на уличното списание?
– Од теренот и од различните луѓе што ги среќавам низ Скопје.
Прашањата и одговорит испланирани разиграно, различно од воведниот дел од текстот