Лице в лице тема, Магазин

ИДНИНАТА НА РАБОТНИТЕ МЕСТА Е ЧОВЕКОЦЕНТРИЧНА

Авто­ма­ти­за­ци­ја­та, во тандем со економската криза предизвикана од пандемијата на ковид–19, пре­диз­ви­ку­ва двојна главоболка за работниците во светот.
Ка­ко што предупредува извештајот  за иднината на работните места, изработен од Светскиот еко­ном­ски форум (СЕФ / WEF), како дополнение на актуелните проблеми на работната си­ла што ги предизвикува изолацијата на голем број светски економии, прифаќањето нови технолошки ре­ше­ни­ја во компаниите веќе до 2025 година во голема мера ќе ги трансформира задачите, ра­бот­ни­те места и вештините.
До 2025 година, според СЕФ, времето поминато на тековни задачи во работниот процес ќе би­де еднакво меѓу луѓето и машините, a 43 проценти од анкетираните претпријатија планираат да го намалат бројот на вработени поради технолошките промени. Значителен дел од ком­па­ни­и­те, исто така, во следните пет години очекуваат да ги променат своите локации, вред­нос­ни­те синџири, како и бројот на вработени поради фактори што немаат врска со технологијата.
Но, бројот на загубени работни места ќе биде надоместен, па и надминат со бројот на ра­бот­ни­те места на иднината што ќе се создадат допрва. Тоа што загрижува во моментов е  што соз­да­ва­ње­то нови работни места забавува, додека губењето на веќе постојните работни места за­бр­зу­ва. 

Во отсуство на проактивни напори, нееднаквоста само може да расте поради двојниот ефект од технологијата  и рецесијата поради пандемијата. Работните места во делот на ни­ско­ква­ли­фи­ку­ва­ни­те позиции, кои се и најслабоплатени, потоа жените и помладата работна сила, се нај­сил­но погодените категории во досегашната фаза на економска рецесија. Како што вели СЕФ, ако се спореди ефектот на светската финансиска криза од 2008 година врз работниците со по­ни­ски квалификации со ефектот од кризата предизвикана од ковид–19, влијанието денес е мно­гу позначајно и сѐ повеќе ја продлабочува постојната нееднаквост.

Кон­сул­тант­ска­та куќа „Мекинси“ како најзагрозени работни места во следниот период ги иден­ти­фи­ку­ва продажбата и трговијата, каде што само во Европа се очекува да бидат загубени 5,4 ми­ли­о­ни работни места. Следува секторот индустриско производство, со процена на 4,26 ми­ли­о­ни загубени работни места, а на трето место е администрацијата и услугите со 3,25 ми­ли­о­ни работни места. Најбезбедни ќе бидат вработените во секторот финансии и осигурување, ка­де што се очекува да бидат укинати „само“ 600 илјади работни места на европскиот континент.

Да се искористи потенцијалот на социјалното претприемаштво

Си­те овие наоди упатуваат на заклучок дека без заеднички ангажман на повеќе засегнати стра­ни – државите, компаниите и граѓанскиот сектор – иднината на милиони работници на пла­не­та­ва станува позагрозена отколку што може да замислиме во моментов.

Од­го­во­ри­те на прашањата како да се соочиме со овие предизвици, како да се заштитат нај­ран­ли­ви­те категории работници загрозени од технолошкиот напредок и економскиот ефект пре­диз­ви­кан од пандемијата, беа побарани и на четвртиот Форум на добри компании што се одр­жа неодамна, за првпат на интернет, во организација на Асоцијацијата за истражување, ко­му­ни­ка­ции и за развој „Паблик“ и на Германското друштво за меѓународна соработка  – ГИЗ.

По­го­лем фокус кон социјалното претприемаштво е еден од начините за надминување на овие проб­ле­ми, смета вицепремиерот за економски прашања во македонската влада, Фатмир Би­ти­ќи, кој имаше чест да го отвори Форумот.

– Ве­ру­вам дека светската економија ќе има сериозно поместување кон социјалната економија, ка­де што центарот на вниманието ќе им припаѓа на општествено одговорните компании, тие што работат за добро на општеството, а кои преку генерирање профит создаваат и можности од голема важност за ранливите групи – истакна Битиќи.
Тој додаде и дека владата, преку националниот совет за одржлив развој, ја потврдила за­лож­ба­та за спроведување на Агендата 2030 година на Обединетите нации и ја истакнува важноста за стабилна интеграција на целите за одржлив развој во националните стратегиски документи и во локалните планови.

– Го препознаваме големиот потенцијал на социјалното претприемаштво и сме подготвени да го приспособиме нашиот систем за нови идеи и нови начини на создавање бизнис со цел да из­гра­ди­ме инклузивно општество – рече Битиќи.

ИКЕА и „Декатлон“ зборуваат за нови начини на водење бизнис

Ед­на од главните говорници на Форумот, Ен Софи Гунарсон, одговорна за нови партнерства и со­ра­бо­тки во шведскиот гигант ИКЕА, зборуваше како партнерствата меѓу иницијативите за со­ци­ја­лен бизнис прават општо добро. Таа истакна дека преку овој тип партнерства компанијата соз­да­ла повеќе од 30.000 работни места и повеќе од 300 различни нови производи на гло­бал­но ниво.

– Са­ка­ме да пробуваме нови нешта и да ги пробиваме општествените пречки. Вклучуваме жени од ранливите категории, бегалци и луѓе од другите ранливи категории. Ги прашуваме што зна­ат да прават најдобро, и потоа разгледуваме  какви продукти може да бидат направени според нив­ни­те капацитети –  објасни Гунарсон.
Таа додаде дека инклузијата и интеграцијата на овие луѓе е многу важна на долг рок затоа што се создаваат стабилни работни места и економијата се движи напред.

-Ка­ко голем учесник на пазарот, ние можеме да обезбедиме сѐ што им треба на социјалните прет­при­ја­ти­ја. Клучот е во соработката. Нашата цел е да создадеме 95.000 работни места до 2030 го­ди­на. Тоа ќе го постигнеме преку интеграција на овие луѓе, а додадената вредност е што овие производи се рачна изработка – нагласи таа.

Еден од главните говорници на Форумот беше и Чарли Фелгејт, лидерот за иновации и за ви­зи­ја во „Декатлон“, францускиот синџир продавници за спортска опрема, кој апелираше дека е ко­неч­но време фокусот да биде ставен на иднината на луѓето и дека проблемите може да се ре­шат само ако сите засегнати страни работат заедно.

– Са­ми­те вработени ги носат главните идеи, a мојата работа е да ги слушнам и да ги спро­ве­ду­вам. Кога зборуваме за иднината на работните места, прво разговараме за иднината на луѓето. Проб­ле­ми­те со кои се соочуваме можеме да ги решиме заедно, само заедно! Тоа е единс­тве­ни­от начин – вели Фелгејт.
Тој посочи и дека компанијата вработува врз основа на вредности:
– То­гаш си поинклузивен во регрутирањето. Не сме заинтересирани за модерни универзитети и за скапи дипломи. Многу ни е важна инклузијата, па оттука го цитирам мојот пријател, кој ве­ли: културна разновидност е да бидеш поканет на забава, а инклузија е да бидеш поканет да тан­цу­ваш и да се вклучиш во сите разговори.

Инклузивноста како приоритет

Кли­мен­ти­на Илијевски, директорката на „Паблик“, ја истакна инклузивноста како приоритет на оп­штес­тво­то во развојот по пандемијата. Таа смета дека на пандемијата може да се гледа и ка­ко на значителен глобален настан во историјата на неколку генерации, по кој светот има шанса да ја насочи глобалната економија кон сосема нов правец, кој ќе ја прекине практиката што до­ве­де до огромни последици за планетата и за човештвото.
-Во посакуваниот општествен систем, инклузивните работни места, инклузивните прет­при­ја­ти­ја и инклузивниот пораст се високи приоритети. Во нив порастот нема да се следи само преку до­маш­ни­от бруто-производ, туку преку сет индикатори, кои истовремено ќе носат ин­фор­ма­ци­ја – кој има бенефит од економскиот пораст, дали порастот е одржлив во однос на ефектите врз животната средина и како тој влијае врз благосостојбата на луѓето – истакна Илијевски.

Ин­те­рес­но е што во зголемувањето на инклузивноста на пазарот на труд може да помогне ток­му технологијата, која вообичаено е посочувана како еден од виновниците за загрозеноста на ра­бот­ни­те места. Пример за тоа видовме на самиот Форум, каде што зборуваше израелскиот прет­при­е­мач Елијав Родман од „My Interview“. Родман сподели дека станува збор за пла­тфор­ма што со помош на вештачката интелигенција помага во процесот на одбирање идеални кан­ди­да­ти за некое работно место фокусирајќи се на личноста на кандидатот, а не на неговата би­о­гра­фи­ја.
– Ако на некоја компанија ѝ стигнат 100 апликации за едно работно место, со традиционалниот ме­тод на спроведување интервју, тој кој аплицирал 99. има многу мали шанси да ја добие ра­бо­та­та, иако е, можеби, еден од најквалитетните. Преку нашата платформа алгоритмите овоз­мо­жу­ва­ат никој да не биде пропуштен и сите да добијат еднаква шанса. Ни помагаат да не про­пу­шти­ме добар кандидат – објасни Родман.

Не­бој­ша Илијевски, контент директорот и модератор на Форумот на добри компании, истакна де­ка токму „My Interview“ е пример како технологијата, односно вештачката интелигенција, мо­же да помогне во воведувањето на ранливите категории на пазарот за труд.
– Што ќе стави во биографијата една личност со попреченост што долго време е невработена? -пра­ша тој.
Род­ман одговори дека „Мy Inteview“, меѓу другото, ќе го надмине и тој проблем, на при­страс­но­ста и на субјективноста во процесот на вработување базирана само врз основа на читање на ра­бот­ни­те биографии на кандидатите.
– Да ја вратиме личноста на луѓето во процесот. Во  иднината на работните места не­ма место за субјективноста!  Ако некој има лоша географска позиционираност, или не завршил пре­стиж­но училиште, одговорниот за регрутирање може да има предрасуди кон тоа, а клучот за да ги надминеме овие работи е да се концентрираме на личноста, а ваквите алатки може да ни помогнат во тоа – истакна Родман.
Прет­став­нич­ка­та на Меѓународната организација на трудот (МОТ / ILO), Даниела Зампини, на Фо­ру­мот истакна дека ако сакаме да ја подобриме иднината на работните места, мора да се ин­ве­сти­ра во луѓето и во нивните вештини, да се ремоделираат институциите, но и да се подобрува ди­ја­ло­гот меѓу сите страни – бизнисот, институциите, граѓанскиот сектор и самите работници.
– Во минатото, лидерските капацитети, главно, беа поврзани со машки квалитети, а денес ра­бо­ти­те многу се променија, иако не со брзината со која требаше. Сега се бараат лидерски ква­ли­те­ти поврзани со емоционалната интелигенција и умеења што се, генерално, женски ка­ра­кте­ри­сти­ки, кои ќе ни помогнат подобро да се соочиме со големи предизвици како што е пан­де­ми­ја­та – рече Зампини.

Преквалификација и доквалификација

На темата инвестирање во луѓето и во нивните вештини, Светскиот економски форум истак­ну­ва загрижувачка тенденција – просторот за преквалификација и за доквалификација на ра­бот­ни­ци­те се стеснува во новите околности на пазарот на труд предизвикани од пандемијата. Ова се однесува и на работниците што е поверојатно да останат на своите работни позиции, како и на тие што се изложени на ризик од губење на работата поради порастот на невработеноста пре­диз­ви­кан од рецесијата и не можат да очекуваат допрва обуки и тренинзи на работа. За тие ра­бот­ни­ци што е веројатно да останат на своите позиции, процентот на основни вештини што ќе се променат во следните пет години е 40, додека 50 проценти од сите вработени ќе имаат потреба од преквалификација. Тоа што дава надеж е дека и покрај тековната еко­ном­ска криза, голем дел од работодавците ја препознаваат вредноста на инвестирањето во чо­веч­ки­от капитал. Анкетираните компании во извештајот на СЕФ, во просек, очекуваат да овоз­мо­жат преквалификација и доквалификација на 70 проценти од своите вработени до 2025 го­ди­на. Меѓутоа, ангажманот на вработените во овие обуки оди со побавна стапка, односно само 42 про­цен­та од нив ги прифаќаат овие можности за надградба овозможени од работодавците.
СЕФ препорачува јавниот сектор да даде посилна поддршка во процесите на пре­ква­ли­фи­ка­ци­ја и на доквалификација за тие работници што ги загубиле работните места или се изложени на ризик од тоа. Во моментов, само 21 процент од анкетираните претпријатија се изјасниле де­ка имаат пристап до јавни фондови за поддршка на своите вработени во надградбата.

Јав­ни­от сектор ќе треба да создаде стимулации за инвестирање во работните места на ид­ни­на­та, да обезбеди подобра заштита за луѓето што загубиле работа или се во процес на барање ра­бо­та, и решително да се зафати со долго одложуваните подобрувања во образовните си­сте­ми на планетава.
Исто така, СЕФ им препорачува на владите во светот да размислат сериозно за подолгорочните пос­ле­ди­ци по пазарот на труд доколку ја одржат, повлечат или ако делумно ја повлечат сил­на­та поддршка што ја даваат во текот на кризата предизвикана од ковид–19 за да се одржат пла­ти­те и работните места во повеќето светски економии.

Кои работни места се најзагрозени од автоматизацијата?

На­ста­ни­те од изминатата година драматично го забрзаа темпото на дигиталната транс­фор­ма­ци­ја на општеството во целина. Дигитализацијата се чини како нужен и неопходен чекор, а за­вр­шу­ва­ње­то на работата побезбедно и поефикасно е само дел од нејзината предност, велат од „Бре­ин­стер“, платформата што помага во усовршување на кариерата. Во Европа, индустрии из­ло­же­ни на најголем ризик за губење работни места како последица од ковид-19 и од авто­ма­ти­за­ци­ја­та, според анализата на „Мекинси“, се трговија на големо и мало, производство, хо­те­ли­ерс­тво и угостителство и градежништво.

Меки вештини што ќе бидат најбарани на пазарот за труд до 2025 година

Ме­ки­те вештини (soft skills) што се значајни во контекстот на работните места на иднината зна­чат способност за управување на самиот себе (self – management), активно учење, фле­кси­бил­ност и толеранција на стрес или издржливост на работникот, велат анализите на Светскиот еко­ном­ски форум. Овие трендови, исто така, ќе бидат предизвик и за самите компании, што зна­чи дека, покрај процесот на автоматизација на работата, паралелно ќе постои и пре­диз­ви­кот за активно учество и следење на трансформациите на работните места, создавање услови за преквалификација, оспособување на работникот и сл.
СЕФ  направи и список на меки вештини за кои ќе расте потребата во блиска иднина:
-Ана­ли­тич­ко размислување и иновативност
-Актив­но учење и стратегија на учење
-Ре­ша­ва­ње комплексни проблеми
-Кри­тич­ко размислување и аналитичност
-Кре­а­тив­ност и оригиналност
-Ли­дерс­тво и влијателност
-Упо­тре­ба на технологија
-Ди­зајн на технологија
-Фле­кси­бил­ност и отпорност на стрес
-Стру­кту­ри­ра­ње идеи
-Емо­ци­о­нал­на интелигенција
-Ло­ци­ра­ње проблеми
-Убе­ду­ва­ње и преговарање.

За поголема продуктивност, намалете  со тоа „зумување“ везден

Пла­тфор­ма­та „Зум“, која стана дел од нашето секојдневие од почетокот на пандемијата на­ва­му, влезе и во нашиот вокабулар како посебен збор што означува состанок преку видеоврска, кој понекогаш е и на платформи од други марки – па така, сега се „зумуваме“ едни со други, се ка­ни­ме на „зум“ или, пак, сме преморени од „зум“. Најново е и „зум прегорување“ – фраза што значи многу повеќе од вообичаениот умор или  замаглување пред очите што ни се по­ја­ву­ва по честите состаноци преку видеоврска.
Во новата студија  што ја споделува интернет-порталот theconversation.com (глобален извор на но­во­сти, погледи и анализи од академската и од истражувачката јавност во светот, н.з.) се истак­ну­ва­ат причините за ова ново професионално „заболување“ и како да се соочиме со сето тоа. Премногу користење „Зум“ може да биде напорно за нашиот ум и тело. А, кога луѓето се мен­тал­но преморени, тогаш нивната продуктивност се намалува. Со тек на време, ефектот на се­кој вработен што е ментално заморен ќе се намалува на тие работни задачи што бараат умс­тве­ни напори. Исто така, кога сме преморени, нашата работна меморија послабо функ­ци­о­ни­ра. Почнуваме сѐ почесто да забораваме, опаѓа квалитетот на нашето внимателно слушање на дру­ги­те, а снимањето на состаноците одржани на „Зум“со цел подоцна да се преслушаат, уште по­ве­ќе нѐ тера да поминуваме часови пред нашите монитори.

Па, така,  состаноците на интернет замислени како средство да се завршат работите без средба во живо, може да се претворат токму во средство со кое ќе се намали нашата продуктивност. Прет­ход­но споменатата студија открива дека луѓето поминувајќи секојдневно часови на „Зум“ и на сличните платформи, достигнуваат т.н. „невербална поплава“ (non – verbal overload) со прем­но­гу контакт со очите. Тоа значи дека ни станува многу потешко да ги испратиме и при­ми­ме сите тие невербални сигнали што се губат додека многумина се само главчиња што го ис­пол­ну­ва­ат екранот.

Во класичните состаноци во живо, невербалната комуникација си тече природно и ние ретко свес­но обрнуваме посебно внимание на сопствените гестикулации и на другата невербална ко­му­ни­ка­ци­ја. Ова е една од причините што многу луѓе едвај чекаат да се вратат на работата по ста­ро, со состаноци во живо. За другите, пак, „Зум“ е фина опција, сѐ додека не удри преморот.

За­тоа, студијата предлага повеќе да се користи аудиокомуникација, место честите ви­де­о­со­ста­но­ци. Тоа што го знаевме и пред пандемијата како конференциски повик (conference call) без ви­део е сосема пристојна алтернатива за „зумувањето“. Ако состанокот е само меѓу две лич­но­сти, тогаш стариот добар телефонски разговор ќе заврши работа. На овој начин, ние веќе не сме во опасност од невербалната поплава, ниту од можност главата да ни пукне од сиот тој кон­такт со очите. Можеме дури и да се протегнеме малку, да се рашетаме по просторијата, па ду­ри и да си свариме кафе или чај додека зборуваме.
Исто така, кога зборуваме по телефон, во принцип, секој од нас верува дека добива 100 про­цен­ти внимание од соговорникот. Истражувачите заклучиле дека само минимален дел од со­ста­но­ци­те бараат да се ѕвериме еден во друг заради успешно комуницирање.

За­тоа, обидете се да држите некои од состаноците преку телефон. Можеби ќе изгледа чудно од прва и ќе ви треба време да се навикнете, но на крајот вашите состаноци ќе бидат по­про­ду­ктив­ни и позадоволителни.

Напишете коментар