Лотарија во супермаркет – како политичките партии ги користат затворените кандидатски листи за да ја задржат контролата
Со цел граѓаните да им бидат приоритет на пратениците, а не нивните политички партии, неопходно е нивно поголемо учество во изборниот процес.Повеќето потрошувачи во супермаркет, како и повеќето гласачи на избирачкото место, сакаат да знаат што добиваат. Отворените кандидатски листи се само еден пример како да се постигне тоа
Замислете, одите во супермаркет и место да одберете производи и марки поради нивниот вкус и цена, мора да изберете меѓу претходно веќе спакуваните производи во кошнички што ги нуди секој од македонските маркети. Според ова сценарио, од потрошувачите е побарано да направат избор меѓу претходно спакувани кошнички 1, 2, 3 или 4 од еден од супермаркетите. Секако, продавниците избираат што ќе има во кошничката што ќе ја купите. Потрошувачите се препуштаат на одлуките на супермаркетот за тоа кои производи да ги купат и слепо веруваат во избраниот супермаркет и во неговата одлука за полнење / пакување на кошничката.
Пропорционален изборен модел
Од 2002 година гласачкото тело во земјава ги избира пратениците во Собранието на Република Северна Македонија според пропорционален изборен модел, каде што граѓаните треба да изберат 20 кандидати (претходно спакувана кошничка) од одредена политичка партија (супермаркет). Според Донтовиот метод, математичка формула ги претвора изборните резултати во број на пратеници што ќе ги заземат своите места во Собранието. Во постојниот систем, гласачите немаат опција да им дадат приоритет на кандидатите што се подолу на кандидатските листи што ги предлага секоја од партиите..
Уставот на републиката наведува дека пратениците се претставници на граѓаните и тие гласаат според сопственото уверување (член 62). Според Уставот, претставувањето на граѓаните е камен-темелник на претставничката парламентарна демократија.
Сепак, граѓаните често се чувствуваат занемарени од нивните избрани претставници. Веројатно, еден од основните проблеми е перцепцијата дека пратениците се одговорни пред партиските лидери, кои, пак, решаваат кои кандидати ќе се најдат на партиските кандидатски листи. Со ова се засилува перцепцијата дека лидерите на партиите, всушност, се главните избирачи на кандидатите за пратеници од нивните партии.
Некои земји од регионот, како Босна и Херцеговина, Хрватска и Косово, усвоија модел на преференцијално гласање (отворени кандидатски листи), каде што гласачите можат да избираат поединци од кандидатите на партиските листи. Често се случува тие што се „подолу“ на листите да бидат избрани затоа што им се повеќе познати на гласачите или, пак, доаѓаат од некој град или регион.
Користејќи ја аналогијата на супермаркетите, тоа би значело дека потрошувачите (гласачите) би можеле да изберат што да купат од списокот со намирници (отворени кандидатски листи) достапни во омилениот супермаркет (политичката партија). Овој метод ќе им овозможи на потрошувачите да имаат поголем избор при купување и на гласачите можност за директен избор за тоа кој ги претставува во Собранието. Со преференцијалното гласање избраните пратеници се поодговорни пред своите избирачи за повторен избор, што, исто така, може да даде информации и за нивниот избор при гласање.
Една од политичките партии во своите изборни програми во 2016 година и во 2020 година се заложи за измени на Изборниот закон со цел воведување отворени листи. Предлогот наиде на несогласување со другите политички партии, кои беа загрижени какви последици би имале овие измени врз нивните партии. Бидејќи се работи само за политичко ветување од страна на партијата промотор на идејата за отворени листи, преференцијалното гласање или отворените листи може допрва да се отворат како тема за законски измени.
За подобро разбирање на перцепцијата на јавноста за темата и општата перцепција за работата на Собранието, преку Програмата за поддршка на парламентот (ПСП), Институтот за демократија „Социетас цивилис Скопје“ (ИДЦС) спроведува годишни истражувања лице в лице со избран примерок граѓани од земјава и маргина на грешка од + / – 3 проценти. Оваа програма го поддржува институционалниот развој на парламентот и се спроведува од Националниот демократски институт (НДИ), ИДСЦС и од Центарот за управување промени (ЦУП) со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и за соработка. Последното истражување беше спроведено од ИДСЦС од 17 февруари до 6 март 2020 година.
Кого претставуваат пратениците?
На прашањето кого претставуваат пратениците, анкетираните граѓани одговориле дека пратениците ги застапуваат нивните лични интереси (73 проценти) и интересите на својата партија (73 проценти). Четиринаесет проценти веруваат дека пратениците ги претставуваат интересите на граѓаните од нивните изборни единици. Помалку од 1 од 10 анкетирани одговориле дека пратениците ги претставуваат интересите на граѓаните. Интересите на другите земји (16 проценти) и интересите на етничката заедница на која припаѓаат пратениците (18 проценти) беа оценети како подобро застапени од пратениците, отколку интересите на граѓаните.
За да се намали ваквата перцепција, пратениците треба да бидат перципирани дека се поблиски до граѓаните и дека ги претставуваат нивните специфични регионални потреби, како и потреби поврзани со конкретна политика и решенија.
Преголема зависност од партиските лидери?
Со 80 нови пратеници или обрт од две третини во новиот мандат на Собранието, пратениците имаат ограничени можности да ги сметаат своите пратенички места за стабилни, како и за негување на односите со нивните избирачи во текот на подолг временски период. Традиционално високиот обрт го ограничува ефективното застапување за заедниците на кои им служат. Граѓаните беа прашани да проценат колку се пратениците зависни од нивните партиски лидери. Пет од 10 анкетирани граѓани целосно се согласуваат дека пратениците се екстремно зависни од партиските лидери, додека 28 проценти делумно се согласуваат. Петнаесет проценти делумно или целосно не се согласуваат дека пратениците се зависни од лидерите на партиите. Со перципираната или вистинска зависност на пратениците од лидерите на партиите, тешко дека политичките партии доброволно ќе се откажат од таквото влијание, без инсистирање на јавноста.
Дали нов изборен модел ќе ја намали зависноста од лидерите на партиите?
Граѓаните, во рамки на истражувањето, беа прашани дали промената во начинот на избор на пратеници (изборни модели) може да придонесе за намалување на зависноста на пратениците од партиските лидери. Пет од 10 анкетирани испитаници целосно или делумно се согласиле дека е потребна промена во изборниот модел за да се намали зависноста од лидерите на партиите. Три од 10 анкетирани целосно или делумно не се согласувале со изјавата, додека 19 проценти не знаеле или одбиле да одговорат. Преференцијалното / отворено гласање е еден метод за одржување на пропорционалниот изборен модел, додека во исто време на гласачите им се дава доследен избор за тоа кој ги претставува во Собранието. Други партии, пак, размислуваат за враќање на стариот мнозински модел по кој се гласаше во 1994 година, употребувајќи го принципот на мнозинство гласови за избор, во рамките на помали изборни единици што одговараат на бројот на општини што избираат свои претставници во парламентот. Во 1998 година земјата, исто така, го примени комбинираниот модел според кој дел од пратениците беа избрани според мнозински модел, а дел според пропорционален модел. Кога би се разгледувале евентуални измени на изборниот модел, треба да се имаат предвид родовата застапеност, како и застапеноста на помалите етнички заедници во насока на поддршка на поголема вклученост.
Седум од 10 граѓани сметаат дека пратениците ги претставуваат личните интереси и интересите на својата политичка партија. Осумдесет и два процента од анкетираните испитаници целосно или делумно сметаат дека пратениците се зависни од лидерите на партиите, додека 51 процент од граѓаните се изјаснуваат за промена на изборниот модел за да се намали зависноста на пратениците од партиските лидери. Преференцијалното / отворено гласање е само еден пример како да се постигне тоа. Со цел граѓаните да им бидат приоритет на пратениците и на нивните политички партии, неопходен е нивно поголемо учество во изборниот процес. Повеќето потрошувачи во супермаркет, како и повеќето гласачи на избирачкото место, сакаат да знаат што добиваат. Кога партиите ги пополнуваат кандидатските списоци (количките), пратениците зависат од нив, а не од гласачите. Кога политичките партии го прават овој избор во име на гласачите, тоа е лотарија. На таков начин, гласачите не се во можност индивидуално да ги изберат пратениците за кои сметаат дека подобро и попрецизно ќе ги претставуваат нивните интереси.
Авторот е директор на Националниот демократски институт, претставништво во Северна Македонија)