Македонските градови нацртани на „Своч“ часовници
Разговараме со македонскиот дизајнер Иван Петрушевски Флим, кој, инспириран од спецификите на Маврово, Крушево, Охрид, Скопје, Прилеп и Берово, изработи дизајни кои се најдоа на часовници на швајцарскиот производител
Ретро шмек, позитивна енергија, специфичен дизајн на кој неминовно реагирате со насмевка е карактеристика на делата на дизајнерот Иван Петрушевски Флим. Тој е меѓу омилените дизајнери и соработници на „Лице в лице“, а публиката на платформата за одржлив развој ги препознава и неговите креации кои годиниве наназад се дел и од новогодишните честитки кои се омилени и кај продавачите на списанието.
Актуелен е со соработката со светската марка „Своч“, откако повеќе дизајни инспирирани од неколку македонски градови, насловени „Joy Stamps“ ги красат часовниците на познатиот производител.
„Бруталистичката архитектура на Скопје и на Прилеп се впарува со идиличната природа на Охрид, Маврово, Берово. Носталгичните дизајни насловени „Joy Stamps“ на Иван Петрушевски, прикажуваат дека Северна Македонија е навистина земја на контрасти, комбинирани во еден зачудувачки колаж“, пишува во најавата на швајцарскиот производител на часовници, од каде може и да се нарача персонализирана верзија која ги опфаќа дизајните на Флим.
Разговараме со нашиот дизајнер токму за оваа соработка, но, и за неговите следни чекори.
Маврово, Крушево, Охрид, Скопје, Прилеп, Берово… Од дизајни за поштенски марки, до „Своч“. Актуелен си со соработката со светскиот производител на часовници „Своч“. Како дојде до оваа соработка?
– Соработката дојде преку глобален конкурс на кој „Своч“ ги повика сите дизајнери ширум светот да ја претстават својата земја преку визуелно дело кое би било испечатено на „Своч“ часовник. Повикот беше поврзан со саемот „Dubai Expo“. Беше нагласено дека таму ќе бидат изложени сите дела и дека тоа е местото каде што ќе можат иницијално да се купат часовниците. Бидејќи веќе имав создадено дизајни во форма на поштенски марки со мотиви од Македонија, помислив дека тоа е идеална платформа за претставување на една земја. Веќе ги имав направено марките за Скопје, Охрид и Маврово па ја проширив колекцијата со мотиви од Берово, Прилеп и Крушево. Пола година подоцна добив мејл од „Своч“ каде што ме известија дека ќе бидам македонскиот претставник на нивниот штанд на „Dubai Expo“. Беа фини и ми пратија седум часовници со мојот дизајн.
Веројатно пандемијата „ги донесе“ почестите прошетки во земјава. Беше ли тоа инспиративно, или сепак, други елементи ве натераа да работите дизајни со симболите на македонските места?
– Апсолутно да, пандемијата нè заклучи во земјава и нè натера да ја откриеме подобро и можеби да ја гледаме од поинаква перспектива. Само што се вратив од Охрид, седнав и ја направив првата поштенска марка. Си помислив дека тоа прекрасно место заслужува современи визуелни интерпретации и дека можеби мојот дизајн, преку социјалните медиуми, ќе му го открие овој град на некој од другата страна на светот. Набрзо потоа ги направив дизајните за марките за Скопје и Маврово.
Имајќи предвид дека соработувате со познати брендови од странство, какво е чувството да си уметник/дизајнер во Македонија?
– Сметам дека дизајнерите во Македонија се соочуваат со добра и лоша страна. Добрата е што локалниот пазар на талент сè уште е во развој, па секој талентиран млад дизајнер многу брзо може да стекне еден вид на локална репутација. Лошата страна е секако лимитирниот избор на клиенти и помалата заработувачка, во однос со другите евопски земји. Но за среќа, денес имаме дигитални технологии и платформи на кои секој дизајнер може да создава за било кој пазар.
Што читате, на кои дела им се навраќате постојано, а кои Ви се фаворити засекогаш?
– Само што го завршив манга серијалот „Pluto“, кој е обработка на серијалот „Astro Boy“, но во еден темен и драматичен визуелен израз. Морам да признаам дека не сум голем читател на белетристика, но уживам во книги за графички и индустриски дизајн кон кои имам своевиден колекционерски однос.
Што гледате, што би препорачале на нашата публика?
– Моментално ја гледам серијата „The Marvelous Mrs. Maisel“. Освен интересното сценарио со брзи дијалози, серијата има елаборирана сценографија која многу верно го отсликува дизајнот и животот во 1950 – те години. Исто така, од време на време се навраќам на серијалот „Mad Men“, во кој се прикажува работата на адвертајзинг агенциите, исто така во 1950-те години.
Препорака за музика?
– „Jungle“ – „Loving in Stereo“. Албум кој ми ја одбележа изминатава зима и сè уште не сум заситен од нивниот звук. Голем љубител сум на бристолската сцена, па често ги слушам „Massive Attack“, „Portishead“, Tricky, „Kosheen“ и Roni Size.
Kои дизајнери/уметници Ви се најголема инспирација? Зошто? Од кого учеше/учи Флим?
– Веројатно првиот уметник од кого учев беше Елена Стојанова Psila. Елена ме воведе во светот на стикерите и маркерите и иако денес не живее во Македонија, сè уште ми е близок пријател.
Има голем број на одлични улични уметници кои ми оставиле голем впечаток: Swoon, Os Gemeos, Buff the monster, Flying Fortress…
На што работите во моментов? Што да очекуваме од Вас наскоро?
– Во моментов работам на својата наредна самостојна изложба насловена „Јас сум дух”. Проектот е спој на лустери и лампи од минатото врз кои интервенирам со цртеж. Ќе се одржи oваа есен, во галеријата на МКЦ.
За кого би сакале да читате вакво интервју? (можеби и ќе можеме да го/ја побараме, според Ваша препорака.
– Ина од „Nameless Tattoo“, Марјан Димиќ – Мачка (илустратор), Гоце Илиевски (илустратор).