Купувајте локални земјоделски производи
Во периодот што доаѓа, ќе треба да се даде приоритет на земјоделскиот и на руралниот развој и да се направи заедничка заложба за да излеземе од оваа криза.
Кризата предизвикана од ковид-19 ни покажа колку се значајни земјоделството и руралниот развој за опстанокот на државата. Речиси 180.000 семејства егзистираат од земјоделство, а 45 проценти од македонското население живее во рурални средини, кои зафаќаат 87 проценти од вкупната површина на државата, покажуваат податоците од анализата на Државниот завод за статистика (ДЗС). Така, оваа економско–здравствена криза ќе се одрази негативно на семејствата во руралните средини, посебно на нивната егзистенција, и ќе поттикне зголемување на сиромаштијата.
Изминатата година Македонија извезла храна во вредност од околу 15 проценти повеќе во споредба со минатата година. Во истиот период, пак, сме увезле храна со вредност речиси двојно поголема од извозот. Најголем увоз има кај месото, потоа се зеленчукот и овошјето, следуваат житото, млекото и млечните производи и шеќерoт. Кај извозот, најголем придонес имаат свежото овошје и зеленчук и виното.
Намален извоз, зголемен увоз на храна
Податоците од ДЗС покажуваат дека лани е остварен највисок извоз на храна во изминатите 10 години, но истовремено е остварен и највисок увоз на прехранбени производи. Овие факти загрижуваат посебно сега, додека трае здравствената и економска криза, каде што ние како увозно зависна земја може да се соочиме со недостиг од храна. Ако се намали извозот, тоа ќе влијае негативно на македонската економија бидејќи земјоделството учествува со 10 -12 проценти во домашниот бруто-производ (БДП).
Податоците за првиот квартал за извоз и за увоз во 2020 година покажуваат дека извозот на прехранбени производи е намален за 10 проценти во однос на претходната година за истиот период. Увозот бележи благо зголемување од 4,4 проценти.
Најголема стабилност кај индустриските култури
Анализата „Земјоделството и кризата од ковид-19“ упатува на речиси непроменет број обработлива површина во изминатите две децении.
Површината на пасиштата и бројот на главите во сточарството покажуваат дека пасиштата кај нас се делумно искористени во однос на високоразвиените земји. Ова значи големи можности за интензивирање на сточарството, зголемување на стадата и подобрување на продуктивноста на пасиштата.
Од друга страна, иако со благ пораст на површините во лозарството и кај дел од овоштарството, сепак, гледано по изборот нa производствена стока и на производни технологии, тешко можеме да забележиме развој во конкурентноста и зголемена продуктивност.
Поради функционалниот механизам на производство и на откуп, како и поради законското решение што одговара на потребите на сите страни во потсекторот, најголема стабилност имаме кај индустриските култури, односно кај тутунот.
Треба да се стави акцент на организирано производство и пласман, кои ќе им дадат сигурност на малите производители, кои, пак, се столбот на нашето земјоделство. Наши податоци покажуваат дека најголемиот дел од земјоделските домаќинства ѝ припаѓаат на групата ситни индивидуални земјоделски производители (98 проценти), при што 58 проценти од нив имаат фарми помали од еден хектар, а 87,6 проценти од домаќинствата помали од три хектари.
Нарушени синџири со надворешната трговија
Политиката, мерките и субвенциите треба да бидат создадени во насока на засилување на малите земјоделците (посебно младите), чијашто основна дејност е земјоделството за да можат да произведуваат поголема количина земјоделски производи што ќе го снабдуваат домашниот пазар и да нема вишок храна. Треба да се развиваат и засилуваат синџирите за снабдување со храна од домашно производство бидејќи кризата предизвикана од ковид-19 направи нарушување на синџирите за снабдување со храна во надворешната трговија. Тоа е и глобален проблем на кој укажа и Организацијата за храна и за земјоделство (ФАО) со три клучни препораки, кои претставуваат мерки за итна поддршка: обезбедување сигурна мрежа на продажба, намалување на вишокот производи преку складирање и преработка и отстранување на ограничувањата во домашната трговија.
Иако Владата презеде голем дел мерки и услови за поддршка, сепак не посвети доволно време и не понуди креативност да излезе со едноставни модели за пласирање на вишоците производство со ниска откупна цена.
Националната федерација на фармери (НФФ) почна кампања „Купувајте домашни земјоделски производи“ со која го истакнува и поттикнува зголемувањето на потрошувачката на домашните земјоделски производи на домашниот пазар. Посебно значајно за земјоделците е што се донесени правилници за услови за хигиена за производство и за ставање во промет на храната од неживотинско и од животинско потекло (познати како продажба од куќен праг), како и правилникот за мали винарии. Тие овозможуваат директна продажба на храна од фармите со тоа што земјоделците треба да се регистрираат и да се почитуваат одделни критериуми и стандарди за производство. Од друга страна, се дава можност да се продаваат земјоделски производи директно на потрошувачите. Исто така, има можност да се прават традиционални преработки, како што се мармалади, ајвар, сирење, јогурти и слично, кои имаат додадена вредност за земјоделците.
Овие правилници, исто така, се посебно значајни за економско засилување на жените од руралните средини, кои посебно се активни во делот на правењето на преработките и на ваков начин ќе се овозможи поголема валоризација на нивниот труд. Дури 58 проценти од сите рурални жени немаат лични примања и тоа е двојно повеќе од мажите во руралните средини. Вкупно, 77 проценти од вработените во македонското земјоделство имаат економски статус познат како „неплатени семејни работници“.
Неопходно е подобрување на земјоделската инфраструктура
Треба да се развиваат преработувачки капацитети за да може да се зголеми откупот на домашни производи со кои треба да се произведуваат домашни преработки на зеленчук и на овошје. Ова е навистина значаен сегмент, кој може да го поттикне и да му помогне на развојот на нашиот аграр, а посебно делот на засилување на економските форми на здружување, како што се земјоделските задруги што ќе соработуваат директно со преработувачките капацитети на домашниот пазар.
За да може да се зборува за земјоделството како стопанска гранка што ќе се развива во духот на претприемаштвото, треба да се овозможи поволна кредитна понуда преку комерцијалните банки, Развојната банка на Република Северна Македонија за малите производители на храна (регистрираните индивидуални земјоделци) што се соочуваат со проблеми со откупот и имаат вишок непродадени количини. Токму со овие финансиски средства ќе имаат можност за инвестиции во делот на подобро производство и на земјоделски производи и преработки.
Посебно внимание треба да се посвети на подобрување и на одржување на земјоделската инфраструктура во делот на патишта, наводнување, одводнување и соочување со климатските промени, како и на почитување и на функционирање на договорното производство во согласност со Законот за земјоделство и за рурален развој. Многу е важно создавање стратегија и мерки за приспособување на земјоделството на новите климатски услови и соочување со временските непогоди. Овој сектор е посебно изложен на климатските промени што влијаат многу негативно врз него. Анализата на Светска банка покажа дека нашата држава стана земја со висока изложеност на најразлични природни непогоди, особено: поплави, суши, екстремна температура, град и земјотреси. Според анализата, најранлив регион е централниот дел на земјата. Во оваа територија спаѓаат делови од општините Градско, Росоман и Неготино. Понатаму, како многу ранлив се смета и југоисточниот дел на Македонија, кој делумно ги опфаќа териториите на општините Струмица, Василево, Босилово и Ново Село.Понатаму, како високо ранливо подрачје се смета и Јужната Долина на реката Вардар, која се протега од Овче Поле и Свети Николе до Гевгелија и Богданци. Како многу ранливо подрачје се одредува и Скопско-кумановско Поле, кое се протега низ повеќето скопски општини и општините Липково, Куманово и Старо Нагоричане. Најранливи се одредени култури: пченица, како најважна житна култура, насекаде распространета; грозјето, доматите, како најтипични култури за подрачјето на Јужната Долина на Вардар и за Југоисточниот регион на Македонија; луцерка, како најважна добиточна култура во Овчеполскиот и во Битолскиот регион; и јаболката, како најзначајно овошје за Преспанскиот регион.
Во периодот што доаѓа, новата влада мора да даде приоритет на земјоделскиот и на руралниот развој. Во овој период треба сите заеднички да дејствуваме во земјоделскиот сектор за да можеме со здружени сили да излеземе од оваа криза. Само организирани, обединети, информирани, можеме да одговориме на предизвиците што нè очекуваат во насока на создавање конкурентно и профитабилно земјоделско стопанство, кое треба да обезбеди одржлив развој на нашето општество.
(Авторката е проектен менаџер во Националната федерација на фармери)