МЕД: Годинава девет египетски мршојадци се испилија во Македонија и заминаа за Африка
На вкупно 14 територии со 13 активни двојки египетски мршојадци оваа година се испилија и пролетаа девет младенчиња, соопштија од Македонското еколошко друштво (МЕД).
Тие месецов се впуштија во миграција долга 5.000 километри, ќе летаат речиси цел месец и секојдневно ќе поминуваат по околу 500 км со брзина од дури 80 км на час. За ваквиот подвиг се подготвуваат од денот на снесување т.е. помалку од пет месеци.
Тричлен тим на МЕД од април до септември ги следеше египетските мршојадци низ Македонија.
– Нивната теренска работа е непредвидлива, напорна, никогаш не е здодевна и може да трае повеќе од 12 часа на ден на блескаво сонце. Една од причините поради кои овие неверојатни птици сѐ уште живеат кај нас е токму непристапниот карпест терен на кој се гнездат. Колку што теренот им помага на египетските мршојадци да не бидат вознемирувани од луѓе, толку им отежнува на нашите орнитолози да го следат нивниот процес на размножување – велат од МЕД.
Речиси е невозможно да се набљудува доволно детално животот на овие птици без локална поддршка. Поради ова, тие работат и на едукација на локалното население, кое ќе биде ангажирано како мрежа на чувари на гнезда.
Откако кањите (локално име за египетски мршојадци) ќе долетаат во Македонија, тие ги следат дали ќе ги заземат старите територии на гнездење, дали ќе формираат гнездо, колку јајца снеле и колку пилиња ќе се испилат од нив и потоа чекаат колку од нив ќе преживеат за да пролетаат и заминат на миграција.
– Најголема радост е по сите месеци набљудување кога ќе забележиме дека младото застанало на работ од гнездото и се подготвува за полетување – вели Ненад Петровски, раководителот на истражувањата за египетскиот мршојадец.
Една од најголемите закани за овие глобално загрозени птици е труењето, посочуваат од МЕД.
– Нашиот тим се обидува овој проблем да го реши на повеќе начини – од посетување на локалните земјоделски аптеки и едукација на персоналот, преку анкети и истражувања за состојбата до соработка со службите на државата, кои професионално се занимаваат со оваа проблематика. Сепак, главната активност е соработката со локалното население и разбирање на нивната мотивација за користење отрови и изнаоѓање начини тоа да се укине – нагласуваат од друштвото.