Извидниците денес се гласни против нееднаквоста и неправдата, масовно организираат кампањи за заштита на животната средина и регенерација на македонскиот биодиверзитет, се застапуваат за правата на младите и го утврдуваат постоењето на младинско учество во сите процеси од важност за општеството
Извидништвото во нашата земја бележи континуиран развој и има силен печат врз младите луѓе кои се приклучуваат да придонесат за себе си, но и за својата заедница, за природата, за околината. Оваа година, Сојузот на извидници на Македонија одбележува јубилеј, 70 години постоење. Тие се и меѓу главните организатори на најголемата волонтерска акција за позеленување на опожарени подрачја – „Боренка“, која отпочна неодамна. Годинава имаат и низа други поводи за да го претставиме нивното делување, па затоа, разговараме со Владимир Костовски, генерален секретар на организацијата.
Со низа настани го одбележувате јубилејот. Што уште планирате да се случува во текот на јубилејната година?
– Одбележуваме 70 години постоење на извидничката организација во Македонија, односно 70 години промовирање на позитивни вредности, животни вештини и придонес кон создавање подобар свет. Јубилејот гледаме да го одбележиме на секоја помала и поголема активност годинава, но како поклучни настани ги издвојуваме 13-тата Македонска извидничка смотра на која ќе се дружиме ова лето, а од септември натаму и Форумот за образовни методи, како и изложба на која секој ќе може да види што точно сме извидувале изминатите 70 години. Се надеваме на голем одзив од сите наши пријатели и поддржувачи.
Велите „Создаваме подобар свет“. На кој начин извидниците во земјава го прават светот подобар?
– Извидништвото како движење произлегува од период со војни. Претставува мировно движење кое има за цел да помогне во развојот на младите индивидуи да се изградат во конструктивни агенти на промени во заедниците кои ги изградиле. Преку традиционалната извидничка програма, извидниците ширум светот учат за човекови права, мултикултурализам, дијалог за мир, диверзитет и инклузија па така, уште од мала возраст знаат да донесат правилна одлука и да придонесуваат за мирот во нивните заедници.
Меѓутоа, извидничкото движење опстојало во светски рамки од 1907, не поради континуираната имплементација на традиционалната програма, туку поради редовното внесување на нови елементи во едукативната програма. Така, од мировно движење, извидништвото денес е едукативно патешествие во полето на неформалното образование кадешто младите имаат можност да се образуваат и зајакнуваат во областите кои им се од интерес, а паралелно со тоа да делуваат позитивно на заедницата. Денес извидничката програма ја сочинуваат програми за: климатски промени, биодиверзитет, ориентација и топографија, прва помош и заштита, родова еднаквост, цели за одржлив развој, мултикултурализам и многу повеќе. Секоја од нив предвидува акции или дејствија кои младите мора да ги преземат за да го завршат ова патешествие. Токму со овие, навидум ситни акции, повеќе од 2000 млади во државата прават позитивни промени и ја оставаат својата заедница подобра отколку што ја нашле. Покрај овие акции, СИМ секоја година во соработка со партнерите и поддржувачите спроведува и големи акции кои оставаат големо влијание врз општеството. Пример за таква акција е „Боренка“, најголемата иницијатива која ја враќа бојата во опожарените подрачја. Со оваа иницијатива, за помалку од една година се обучени повеќе од 3000 деца и млади ширум државата – за важноста на шумите и превенирање на шумски пожари, а се посадени повеќе од 1500 садници во опожарените подрачја во Македонија.
Кој е најголемиот успех во досегашното функционирање на СИМ?
– Најголемиот успех и воедно гордост на Сојуз на извидници на Македонија се самото членство кое што го прави СИМ најголемата младинска организација во државата. Токму членството е она со коешто се гордееме! Секоја индивидуа која што поминала низ извидничката програма е денес корисна индивидуа за себе и својот развој, за другите околу него/ неа како и за локалната, националната и интернационалната заедница.
Дополнително, горди сме на фактот што нашите успеси во полето на неформалната едукација на млади се далеку препознаени од сите поважни чинители во секторот и надвор од него, а за тоа говорат и долгогодишните партнерства, соработки, како и поддржувачите на нашата работа.
Раскажете ни за највидливата промена која се постигнала со делувањето на СИМ во земјава – и кај поединците, но и кај заедницата. Забележувате ли некаков тренд на промена во однос на вашата работа?
– Извидниците денес се гласни против нееднаквоста и неправдата, масовно организираат кампањи за заштита на животната средина и регенерација на македонскиот биодиверзитет, се застапуваат за правата на младите и го утврдуваат постоењето на младинско учество во сите процеси од важност за општеството.
Промената во нашето членство е апсолутно видлива и сеприсутна, од година во година. За ова зборуваат статистиките кои ги обработуваме со годишна динамика, а произлегуваат од регистрациите кои извидничките организации ги доставуваат до СИМ. Па така, во последниве неколку години, оперативните и извршните структури на СИМ сè повеќе ги сочинуваат млади луѓе и жени, како ранливи категории. Подеднакво е распространета оваа состојба и во организациите членки на СИМ, каде што водачи стануваат млади уште на 15 или 16 годишна возраст, за разлика од минатото кога водачи можеле да бидат полнолетните.
Во однос на едукативните програми, верувам дека секоја нова програма е сè подобра од претходната. Со оглед на тоа што расте институционалната соработка помеѓу Сојузот и чинителите, па секако дека кога при планирање и имплементација на некоја програма се вклучуваат експерти од различни области, истата е доста понапредна, посеопфатна, поинтуитивна и она што за нас е најважно – одговара на потребите на денешницата, општеството и младите. Можам со сигурност да кажам дека извидничката програма денес нуди свежина, перспектива и добри практики кои се преземаат од мрежата на СИМ, а за тоа сведочи зголемената активност на младите, нивното засилено чувство за правда и потребата итно да делуваат.
Како се прави регрутацијата на нови извидници? Кој може да биде извидник?
– Бидејќи СИМ е младинска чадор организација – во неа членуваат локални извиднички организации – извиднички одреди. Тие регрутираат членство најчесто во септември, со почетокот на новата учебна година. Извидник може да биде секое дете, млад човек или оној кој така се чувствува бидејќи извидничката програма е уникатно искуство кое овозможува безбеден простор за развој на личноста и интересите, без одглед на позадината, различната определба и слично.
Колку извиднички одреди брои Сојузот? Кој сè може да формира извиднички одред?
– Сојузот на извидници на Македонија брои 23 извиднички одреди – локални извиднички организации кои делуваат во повеќе од 17 градови на територијата на Македонија. Секој човек кој има желба да направи позитивна промена и да придонесе во создавање на подобар свет може да формира извиднички одред, а СИМ е тука да понуди поддршка и поволности во секој чекор од процесот. Вклучувањето во најголемото светско младинско движење никогаш не било поедноставно од сега, така што топло ги отвораме рацете за секој којшто сака да зачекори во една поинаква авантура.
Како се добива извидничка значка (извиднички амблем)?
– Извидничката програма, покрај областите на личен развој за членството, се состои и од една прогресивна рамка за стекнување на животни вештини, коишто ние ги нарекуваме извиднички вештарства. Таа програма се состои од точно 51 различна вештина, а за секоја има 3 степени на совладување – почетно ниво, напредно и експертско ниво. За секое ниво и секоја вештина има посебно пропишани компетенции кои треба да се исполнат за вештарството да се смета за совладано. Овие вештини тн. вештарства се категоризирани во 5 различни области и тоа – култура (извидник антрополог, извидник уметник, извидник новинар), активизам (водач во заедницата, извидник волонтер), природа (извидник пошумувач, извидник наутичар, извидник метеоролог), спорт (извидник рибар, извидник стрелец) како и традиционалните извиднички вештини како извидник пионер, извидник ППЗ (прва помош и заштита), извидник сигналист итн.
Согласно знаењата на учесниците, степенот на совладување на вештините, извидниците добиваат амблем – награда за стекнатата вештина. Извидниците го шијат на своите униформи и гордо го носат на спроведуваните активности. Со носењето на извидничка кошула – униформа членовите во нашето движење се еднакви, односно повеќе не се разликуваат по нивната позадина, определба и сл. Сошиените амблеми се тие коишто говорат за интересите и способностите на членовите и сами по себе претставуваат трофеј за секој извидник.
Читајте повеќе – Кул е да си извидник! Знаеш ли зошто?
Вклучете се во поддршка на „БОРЕНКА“
24.04.2023