Неопходни се повеќе центри за активно стареење
Активното ангажирање на старите и возрасни лица со Програма за здраво / активно стареење ќе влијае во заштедата на трошоците за користење на системите за социјалната и за здравствената заштита, ќе ги намали социјалните, економските и други оптоварувања, кои се поврзани со неактивност на старата популација
Населението во светот сѐ побрзо старее и оваа демографска транзиција влијае врз речиси сите аспекти на општеството.
Стареењето на популацијата, само по себе, наметнува голем број проблеми од здравствен, економски и социјален карактер. До 2050 година се очекува популацијата повозрасна од 60 години да достигне две милијарди, за разлика од 2015 година, кога изнесувала 900 милиони. Падот на стапката на наталитетот и продолжениот животен век ја менува демографската слика во земјите во светот.
Според статистичките податоци, во Македонија има повеќе од 400.000 лица повозрасни од 65 години. Со 15 проценти старо население, може да кажеме дека земјава одамна го надминува коефициентот на старо население од 12 проценти, што значи дека го поминавме прагот на демографската старост.
Во изминатиот период беа направени значајни напори за проширување на националните институционални и вонинституционални форми на грижа за старите лица.
Институционалната грижа се обезбедува, главно, преку сместување во специјализирани домови на старите лица, кои, инаку, немаат соодветни услови за живеење во семејството, или поради други причини им е потребно сместување во установа за социјална заштита. Додека, пак, сервисите за нега во домашни услови нудат професионална грижа во домот и овозможуваат старите лица подолго да останат дома. Постојат и дневни центри за стари лица, кои, покрај одредени активности, во суштина, треба да имаат богата и реализирана програма за активно стареење.
„Активно стареење“ е термин што се користи за да се опише одржувањето позитивна и субјективна благосостојба, добро физичко, социјално и ментално здравје и континуирана вклученост во семејството и во заедницата во текот на целиот процес на стареење. Таа е дефинирана од Светската здравствена организација (СЗО) како „процес на постигнување оптимум на можностите за здравје, учество и за безбедност, со цел – подобрување на квалитетот на животот на старите лица“.
Земајќи ги предвид сите овие податоци, неопходно е да се отвораат повеќе центри за активно стареење во урбаните и во руралните средини, кои, во суштина, ќе обезбедат богата програма за поврзување на изолираните, неактивни стари и возрасни лица со другите членови на заедницата. Но, ќе овозможат и нивно социјално вмрежување со што ќе го зацврстат и нивниот придонес, општествената улога и континуираниот ангажман во општеството. Активното ангажирање на старите и возрасни лица со Програмата за здраво / активно стареење ќе влијае во заштеда на трошоците за користење на системите за социјалната и за здравствената заштита и ќе ги намали социјалните, економските и други оптоварувања, кои се поврзани со неактивноста на старата популација.Во Македонија постојат пилот-програми за дневни центри за активно стареење во две рурални средини, во Чашка и во Истибања. Нивната првична улога, всушност, беше клубови за стари лица, но со пилот-програмата, овие центри прераснаа во вистински места за активно стареење.
Во поглед на креирањето политика, во нашиот систем постојат Стратегија за демографско стареење и Стратегија за стари лица 2010-2020 година. Новиот закон и социјалната реформа обезбедуваат и нега во домот, што би значело лицата што имаат потреба од помош и од поддршка да аплицираат за ваква услуга во Центрите за социјална работа и во согласност со процената на стручните лица – да се овозможи бесплатна нега до крајниот корисник.
Со процесот на децентрализација и со новиот Закон за социјална заштита, општините треба да изработат планови и да развијат социјални сервиси / услуги за своите граѓани што имаат ваква потреба.
Центар за грижи за возрасните
Здружението „Хуманост“ и Општина Центар веќе трета година го спроведуваат проектот „Центар се грижи за возрасните“ каде што професионалниот тим (социјален работник, физиотерапевти, негуватели) секојдневно се грижат за 90 стари лица на територијата на општина Центар. Резултатите од оваа социјална сервисна услуга се непроценливи бидејќи на терен се увидува разликата пред и по користење на услугата од нашите крајни корисници, во однос на олеснување на нивното секојдневие, поддршка во домот, нега кај лица каде што е најпотребна, враќање на насмевката и, пред сѐ, социјализација и обновување на изгубените контакти со нивните најблиски роднини, пријатели и соседи. Нашите корисници веќе создаваат блиска врска и секој ден, миг и час очекуваат на врата да влезе или заѕвони нивниот негувател. Услугата за нашите корисници е бесплатна, а е субвенционирана од страна на Општина Центар.
(Авторот е извршен директор на Здружението „Хуманост“)