Новата генерација е гласник на циркуларната економија
Филозофијата на управување на синџирот на снабдување динамично се менува. Развива полиња на дејствување во согласност со актуелните трендови на пазарот. Кога еколошките проблеми се закануваат дека ќе го променат начинот на животот на луѓето, се развиваат т.н. зелени иницијативи.
Во време кога се искористуваат сите природни ресурси што ни стојат на располагање, со своето однесување и намера, го доведуваме во прашање опстојувањето на деловното опкружување, но и на самото човештво. Правењето купишта отпад, како и негово несоодветно згрижување, несомнено е голем проблем за иднината на бизнисот и на човекот.
Зелениот синџир на снабдување ги содржи сите елементи на традиционалниот синџир на снабдување, но го отфрла традиционалниот пристап „од крај до крај“ и го усвојува т.н. кружен синџир на снабдување, односно од линеарна во циркуларна економија.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Зелената иницијатива може да придонесе за пораст на БДП до 14 отсто
За одомаќинување на зелената иницијатива потребна е промена на постојниот модел на синџирите на снабдување – од аспект на еколошката свест. Во изминатите неколку години, многу претпријатија во светот почнаа да ја вклучуваат етичката и еколошка одговорност во своите деловни стратегии и во секојдневното работење. Траекториите на синџирот на снабдување се развиваат. Така, се појавуваат различни решенија за менаџмент со зелен синџир на снабдување, кои ќе помогнат во револуцијата на управувањето на денешните глобални синџири на снабдување.
Кон средината на 90-тите години на минатиот век се појави концептот на т.н. логистика на трета страна (ЛТС) и се верува дека овој концепт беше иницијатор на зелената логистика и на синџирите на снабдување. Еколошките барања придонесоа за промена на парадигмата од традиционални во зелени, но концептот за одржливиот развој и принципите на циркуларната економија имаа(т) поголем придонес во таа промена. Па, така, овој синџирот на снабдување се нарекува и одржлив, зелен синџир на снабдување. Според Обединетите нации, претставува управување на еколошките, социјалните и на економските влијанија и поттикнување на практиката на добро управување во текот на животниот циклус на производите и на услугите.
Направени се големи чекори од мултинационалните корпорации и од владите во светот за натамошно истражување за начинот на одржливо работење со нивниот бизнис. Многу агенции за ЛТС претпоставуваат дека зелената, односно ревирзибилната иницијатива до 2025 година може да придонесе за пораст на домашниот бруто-производ (БДП) и до 14 отсто.
Управување на зелениот синџир на снабдување
Во практиката среќаваме два начина на управување на зелениот синџир, во зависност од типологијата на деловниот ентитет. Првиот начин опфаќа зелени потрошувачи, управување ресурси, зелено производство, зелен дизајн, зелен маркетинг и услуги и проширена одговорност на производителот. Вториот начин ја опфаќа најдобрата практика. Овде наведуваме неколку.
Зелена набавка подразбира придобивки што се однесуваат на редуцирање на изворот на загадување и на рециклирање на материјалите, како и намалување на минимум на производствениот отпад, особено на тој што се однесува на опасни материјали и супстанции.
Зелено производство значи примена не еколошки одобрени методи за производство. Корисна практика во ова поле се рециклирање, намалување на трошењето на енергија и на ресурси, намалување на минимум на емисијата на штетни гасови, примена на биоразградливи и нетоксични материи.
Зелена дистрибуција и логистика опфаќа практика на зелениот транспорт, намалување на вибрациите и на вревата, набавка на транспортни средства што можат да користат алтернативни горива, формирање збирна пратка, како и постигнување оптимум на маршрутите.
Среќаваме и проблеми што го отежнуваат спроведувањето на зелените синџири на снабдување. Такви се неприфаќањето од страна на врвниот менаџмент, недоволна едукација, противење на вработените, како и недостиг од искуство, кое е еден од главните проблеми.
Одомаќинувањето на зелените синџири на снабдување мора да биде поддржано од врвот до дното на менаџментот. Затоа, при спроведување на зелените синџири на снабдување мора да постои вкрстена функционалност во работењето.
Разлика меѓу традиционалниот и зелениот синџир на снабдување
Карактеристики | Традиционален синџир | Зелен синџир |
Цели и вредности | Економски | Економски и еколошки |
Услов за избор на снабдувач | Цена | Еколошки аспект и цена |
Цена на производот / услугата | Ниска | Висока |
Врски снабдувач – корисник | Краткорочна врска | Долгорочна врска |
Флексибилност | Висока | Ниска |
Повратни текови | Само кај комунален отпад | Кај сите видови отпад |
Промените доаѓаат од нас!
Зелениот маркетинг подразбира соработка со снабдувачите и со трговците на големо и мало, партнерите и конкуренцијата, со цел одржлив развој во синџирот на вредности.Истражувањата на полето на маркетингот и однесувањето на потрошувачите откриваат дека грижата за околината е особено изразена кај потрошувачите во старосна граница од 18 до 29 години. Се верува дека причината за нивната еколошка освестеност доаѓа од еколошките проблеми со кои пораснале. Токму оваа генерација претставува гласник на зелениот маркетинг и на зелената логистика.
Еврoпските потрошувачи, за разлика од потрошувачите во Јужна Америка и во Азија, сѐ уште остануваат резервирани кон зелениот маркетинг. Под негово влијание најчесто се потрошувачите од Бразил, Мексико и од Тајланд, кои се подготвени да користат производи или услуги во согласност со еколошките стандарди. Стапката на овие потрошувачи во Европа е многу ниска. Но, најновите истражувања што се направени во последната година покажуваат растечки тренд во споредба со минатите години.
Во иднина, ќе се посветува големо внимание на зелената логистика, зелениот маркетинг и на зелениот синџир на снабдување од страна на претставниците на науката и на практиката.
Се верува дека и домашните компании ќе ги усвојат принципите на циркуларната економија и одржливиот развој бидејќи промените доаѓаат од нас самите.
Практика на зелениот маркетинг
Истакнуваме практикување на зелениот маркетинг.
Зелени производи – производство на еколошки прифатливи производи
Зелена амбалажа – која може да се рециклира.
Зелени цени – иако корисниците се подготвени да платат повисока цена за екопроизвод, зелениот производ не смее да биде карактеристика за формирање висока цена на пазарот.
Зелена комуникација – практика на избор на енергетски ефикасни комуникациски и мрежни технологии, односно намалување на минимум на употребата на ресурси во домен на маркетингот.
(Авторот е магистер по економски науки во областа на логистиката на бизнисот)
[/ihc-hide-content]