Образованието – една од темите на годинашната Глобална недела на прет-приемаштвото
Образованието, кое треба да се дизајнира со цел да поттикнува претприемачко учење и однесување од најрана возраст, е дел од четирите теми на годинашното издание на Глобалната недела на претприемаштвото (ГНП), која со низа настани ќе се случува од 18 до 22 ноември на глобално ниво и во земјава.
Другите теми се соработка на екосистемот, особено на страната на локалната заедница, инклузивност на сите категории граѓани во водењето бизнис, како и креирање политика од страна на лицата вработени во јавниот сектор, кои треба да имаат темелни и конкретни познавања за потребата од екосистемот во кој живеат, со цел донесување соодветни и потребни заклучоци, кои потоа би се преточиле во соодветна политика.
Настанот претставува еднонеделна иницијатива, која се случува истовремено во 170 земји во светот и поврзува повеќе од 10.000 партнери во активности насочени кон промоција на претприемаштвото, засилување на партнерствата и основање нови релации за подобрување на условите за развој на претприемаштвото во сите овие земји. Ова случување е проект на Глобалната мрежа на претприемаштво (ГМП), која преку разни програми ги стимулира развојот и подобрувањето на условите за водење бизнис низ светот.
Домаќин на ГНП во нашта земја е Асоцијацијата „Стартап Македонија“. Секоја година ГНП обработува различни теми со цел донесување потребни заклучоци со кои би се помогнал и забрзал развојот на екосистемите, а со тоа и би се засилила соработката меѓу различните засегнати страни од областа на претприемаштвото.