Пандемијата донесе загуба од работни часови еквивалентни на 120.000 ра-ботни места
На почетокот на кризата, владините рестрикции и социјалните заштитни мерки на работното место веднаш ја намалија понудата. Луѓето не само што ја намалија потрошувачката на одредени стоки и услуги во текот на карантинот, туку, исто така, загубија приходи и ја одложија потрошувачката на несуштински производи и услуги
Кога пандемијата ја погоди земјава, владата, работодавачите и синдикатите, преку Економско-социјалниот совет, побараа од Меѓународната организација на трудот (МОТ) да направи процена на влијанието на пандемијата врз пазарот на труд, да даде преглед на политиката како одговор на кризата, како и предлог-решенија, додека земјата се обидува да помине низ различни фази од кризата – затворање, реактивирање и закрепнување. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) се приклучи на напорите на МОТ и во средината на мај беше објавено првото издание на извештајот „Ковид-19 и светот на работата: Брза процена на влијанијата врз работните места и политиката како одговор на кризата предизвикана од ковид-19“.
Една од важните работи што се истакнува во документот е преземање на вистинските мерки во вистинско време со цел да се постигне максимален резултат од вложувањето. Во период на мерки за изолација и за ограничено движење, се стави акцент на зачувување на работниот однос и на одржување на работните места и приходи. Во фазата на реактивација, земјата треба да додаде дополнителни цели, вклучително и подготовка на работните места за можно повторно враќање на вирусот.
Истовремени шокови – и во побарувачката и во понудата
Спроведената анализа вклучува повеќе алатки, меѓу кои и анкета на повеќе од 300 претпријатија. Сложеноста на состојбата бараше повеќеслоен пристап за подобро да се разберат различните аспекти на кризата.
Оваа криза е специфична поради истовременоста на шоковите и на страната на побарувачката и на понудата. На почетокот, владините рестрикции и социјалните заштитни мерки на работното место веднаш ја намалија понудата. Луѓето не само што ја намалија потрошувачката на одредени стоки и услуги во текот на карантинот, туку, исто така, загубија приходи и ја одложија потрошувачката на несуштински производи и услуги. Мартовските податоци евидентираат пад на трговија на мало за 4,6 проценти (во споредба со претходната година), во трговијата на мало со непрехранбени производи има пад од 12,7 проценти, додека трговијата на мало со храна, пијалаци и со тутун бележи пораст од 3,5 проценти.
Кризата ја покажа и способноста на дел од компаниите да се приспособат на тешката ситуација во која се најдоа. Некои фармацевтски компании се обидоа да бидат во чекор со околностите што се менуваа и почнаа да произведуваат средства за дезинфекција. Некои текстилни компании се ориентираа кон производство на маски за лице, заштитна облека и слични производи, пред сѐ за здравствениот сектор, но и за другото население. Откако безбедносните мерки на изолација и на ограничено движење беа повлечени, земјава почна да се движи кон реактивирање на својот производствен капацитет, но потрошувачката не се врати на нивоата како пред кризата.
Ранливост на работни места во одредени сектори
Наглото намалување на економската активност ја намали вработеноста, во смисла на бројот на работните места и на збирните работни часови. Економската активност во цели сектори беше сериозно ограничена, што доведе до остро намалување на изворите на приход за голем број претпријатија. Одредени работни места беа само привремено скратени, додека други ќе бидат изгубени засекогаш. Извештајот дава одредени насоки за ранливоста на работната сила во конкретни сектори и претпријатија изложени на ризик. Тука веројатноста за губење на работните места, пред сѐ ризични и неодржливи, е најголема. Заклучно со 29 јуни 2020 година, процените за земјава укажуваат дека во второто тримесечје работните часови се намалиле за 14,5 проценти. Ова укажува дека во земјава се загубени работни часови еквивалентни на 120.000 работни места со полно работно време, ако се има предвид 40-часовна работна недела. Овој број не треба да се смета за реално загубени работни места во текот на второто тримесечје имајќи предвид како влијаеше кризата врз работниците и претпријатијата во земјава и фактот што мерките за задржување на работните места беа најавени и преземени во рана фаза на периодот на затворање и беа засилени по објавувањето на Извештајот на МОТ.
Скратеното работно време и „вработеноста без да се оди на работа“ (на пример, ослободување од работа и користење годишен одмор) значително придонесоа кон намалувањето на работните часови во второто тримесечје. Меѓутоа, продолжувањето на ситуацијата може да доведе до невработеност и до неактивност на некои лица. Ваквите варијации во факторите што придонесуваат кон намалување на работните часови упатува на тоа дека строгото фокусирање на невработеноста не овозможува соодветна процена на влијанието на пандемијата врз пазарот на трудот во моментов. МОТ ги советува креаторите на политика внимателно да ги анализираат податоците што им се на располагање.
Фирмите прво ги отпуштаат жените
Извештајот ја бележи вкупната ранливост на работната сила во 39 економски сектори, што претставува околу 92 процента од работната сила. Девет сектори што се екстремно засегнати од кризата покажуваат зголемена ранливост: во нив 40.000 работни места се изложени на директен ризик. Секторската анализа покажува дека кај угостителските услуги, трговијата на мало, транспортот, услугите за складирање, личните услуги, производството на храна, градежништвото и услугите за одржување на зградите, има комбинација од висока ранливост на работните места и од големо влијание на кризата предизвикана од пандемијата. Има повеќе од 26.000 самовработени лица и повеќе од 50.000 микропретпријатија во овие девет сектори. Повеќе од 33.000 работници имаат договор на определено време, а дополнителни 33.000 се неформални работници (речиси 26 проценти од вкупниот број неформално вработени лица во земјата). Жените се повеќе застапени во деветте сектори што се силно погодени и се многу ранливи, а посебно во неформалните услужни сектори и во трудовоинтензивните производствени сектори. На пример, 80 проценти од работната сила во текстилната индустрија и во индустријата за производство на облека се жени. Прелиминарните индикации од благиот пораст на бројот на барања за надомест во случај на невработеност во текот на април се дека фирмите прво ги отпуштаат жените, 90 проценти од новите барања, во споредба со јануари.
Одговор на негативните последици од ковид-19 врз ранливите работници
Невработеноста во земјава, според досегашните податоци на Агенцијата за вработување, не забележа драстичен пораст. Има повеќе причини за овој маргинален пораст. Затоа е важно да се разбере што стои зад индикаторите за пазарот на трудот и што точно мериме. Во извештајот се истакнува дека, од почетокот на кризата, владата и социјалните партнери во земји со силни институции на пазарот на трудот имаат три главни начини за заштита на работните места и на приходите на работниците. Првиот сет интервенции се шемите за задржување на работните места, чијашто цел е зачувување на вработеноста додека претпријатијата минуваат низ кризата. Исто така, се користат шеми за привремена поддршка на приходите за работници што не се квалификуваат за мерките за задржување на вработеноста (самовработените и сезонските работници, работници со нетипични форми на работа). Вториот сет интервенции е проширување на поддршката на работници што ќе ги загубат своите работни места поради економското забавување, со привремено релаксирање на критериумите за квалификуваност за надомест во случај на невработеност. Третиот сет интервенции е проширување на алатките за социјална заштита, (социјална помош, минимален гарантиран приход) за лица и за домаќинства што не се квалификуваат за мерките за задржување на работните места и за заштита во случај на невработеност.
Владата навреме донесе низа привремени мерки за спречување и за ублажување на негативните економски и социјални последици од оваа криза. Фокусот беше ставен на задржување на вработеноста, преку поддршка на претпријатијата да ја задржат работната сила, место да ги отпуштаат работниците. Резултатите од анкетата за претпријатија спроведена од организациите на работодавци во земјава го потврдија овој тренд – помалку од 10 проценти отпуштен персонал за време на безбедносните мерки на изолација и на ограничено движење. Во следните фази од кризата, можно е да се забележи пораст на невработеноста, особено регистрираната невработеност, како и пораст на недоволна работна ангажираност, несигурна работа и обесхрабрување. Овие индикатори ќе имаат значајна улога во насочување на одлуките за политика во втората половина од оваа година, како и во 2021 година.
Како директен резултат на препораките предложени од МОТ, владата донесе уредба со која се прошири опфатот на шемата за паричен надомест во случај на невработеност на сите работници што имале прекин на работен однос во периодот од 11 март до 30 април. Со оваа мерка се опфатија сите работници во времетраење од два месеца од денот на прекин на нивниот договор. Ова е чекор кон правилна насока за одговор на негативните последици од кризата врз ранливите работници, имајќи предвид дека оваа уредба резултираше со повеќе од 3.800 барања за паричен надомест во случај на невработеност.
Инвестирање во работни места за младите е стимулативен пакет
Во извештајот се истакнува важноста од продолжување на поддршката, па дури и проширување на мерките за вработување на младите. Инвестирањето во работни места за младите би можела да има позитивен ефект на одржување на вкупната побарувачка во блиска иднина. Во услови на ковид-19, како потрошувачи, младите се помалку ограничени од здравствени проблеми во споредба со повозрасните работници, кои ќе се воздржат од потрошувачка со високо ниво на контакти (патувања, ресторани), а веројатно и од вложување во недвижен имот и во трајни производи. Со инвестиции во одржување на работните места и на приходите на младите луѓе би се поддржале претпријатијата во нивните обиди за закрепнување во време кога потрошувачката на стока и на услуги од повозрасните работници не е доволна за да се придвижи и одржи вкупната побарувачка. Инвестирањето во работни места за младите луѓе, во крајна линија, е стимулативен пакет.
Пандемијата ги намалила приходите на 43 отсто од микропретпријатијата
Според анкетата на претпријатијата, пандемијата имала сериозно влијание врз 82 проценти од претпријатијата. Поголем број (43 проценти) пријавиле намалување на приходите од 50 проценти или повеќе, а 11 проценти привремено ги затвориле претпријатијата. Микропретпријатијата се најмногу погодени од кризата, и 50 проценти пријавиле дека нивните приходи се преполовиле, додека 19 проценти ги затвориле своите претпријатија. Речиси 50 проценти од испитаниците изјавиле дека нивното претпријатие не би можело да преживее до третото тримесечје без значителни промени на ситуацијата. Помалку од половина (47 проценти) од анкетираните претпријатија имаат пристап до финансиска поддршка што ќе им помогне да закрепнат. Поголемите претпријатија покажуваат поголема отпорност: иако 48 проценти од нив пријавиле пад на приходите поголем од 50 проценти, 78 проценти изјавиле дека тие би можеле да имаат пристап до сопствени финансиски средства или надворешна финансиска поддршка во текот на претстојните месеци.
(Автори на текстот:
Даниела Ѕампини, Специјалист за вработување, Меѓународна организација на трудот, МОТ
Наташа Мечкароска Симјаноска, координатор на проектот на МОТ Зајакнување на социјалниот дијалог)