Сакам образование што ќе ме научи да се соочам со предизвиците што ни ги носи животот
Учениците сонуваат за наставник што ќе им биде и другар, за училница од која нема да сакаат да излезат и за училиштен час во кој го впиваат знаењето. Нивна желба е образовниот систем да ги подготвува за иднината и за животот што ќе стави многу предизвици пред нив. За нив идеалниот професор инспирира, мотивира, близок e со учениците и сочувствува со нив. Споделува не само знаење, туку и искуства.
Од еден училиштен час очекуваат да биде забавен, да го задржи нивното внимание, да не предизвикува чувство дека се принудени да бидат таму. Својата училница, пак, ја замислуваат, пред сѐ, како комфорна зона, како местo каде што сакаат да поминуваат време.
Застарените техники каде што професорот само предава, а ученикот само слуша, според учениците, треба да се отфрлат и заборават. Време е за промени, а пандемијата на ковид-19 ни го покажа тоа. Постојната настава на интернет предизвика жестоки реакции и стана јасно дека нашиот образовен систем не оди во чекор со новото време. Сѐ уште сме заглавени во застарени модели, кои не ги даваат посакуваните резултати и за жал, на меѓународното ПИСА тестирање македонските ученици се рангирани меѓу најслабите.
Не сакаме да дремеме на клупа
Место да учат теорија напамет, учениците сакаат знаењето да го добиваат преку практика. Идеалниот училиштен час е време поминато во целосен ангажман. Учениците не сакаат, како што велат, да дремат на клупа, туку да бидат целосно вклучени. На хемија и на физика сакаат рацете да им бидат зафатени со експерименти, на македонски јазик да пишуваат поезија и проза, странските јазици да ги изучуваат преку разговори, а спортот преку трчање на кеј.
„Во клупа треба да се одржуваат минимален број предмети. Опипување на материјалот е многу поефикасно од табла. На пример, часот по природни науки треба да се одржува во природа“, вели еден ученик во анкетата што ја спроведе „Лице в лице“, а која ги отвора прашањата за потребата од забрзана трансформација на образовниот процес во земјава, поттикната од пандемијата.
Со цел да го чуеме мислењето на учениците, создадовме прашалник на кој тие одговараа. Прашањата беа осмислени така за да се добие слика каков образовен модел замислуваат младите. Одговорите на учениците можат да се сумираат во една позната кинеска поговорка: „Слушам и заборавам, гледам и паметам, правам и разбирам“.
Според нив, пред сѐ, неопходен е интерактивен и мултидисциплинарен пристап во училиштата, без разлика за кој предмет се работи. Нивното активно учество во предавањето може само да им донесе корист. На тој начин, тоа што го научиле ќе го запаметат полесно, но и ќе можат да го применат понатаму во животот.
Но, како да се збогати наставната содржина така што би ги вклучила учениците поактивно? Младите имаат идеи. Сметаат дека материјалот може да се предава со видеа, квизови и со работи во групи. Ваквата настава не само што ќе ги анимира, туку и ќе ги зголеми нивните социјални вештини. Особено ја претпочитаат работата во групи, но велат дека се корисни и презентациите и колаж-техниките. Тоа што, дефинитивно, не го сакаат е, како што велат, кога „наставникот излегува на табла, зборува и си заминува“.
Едукација што ќе ни помогне да бидеме свои
Ако учиш риба да се качува на дрво, таа ќе го помине целиот живот мислејќи дека е глупава.
Во оваа насока се движат и размислувањата на учениците. Поговорката вели дека секој човек е гениј и има свој потенцијал, не можат сите да бидат информатичари, адвокати или економисти. Затоа учениците бараат нивните интереси да бидат признаени и стимулирани.Потенцираат дека индивидуалниот пристап во образованието е единствениот правилен пристап. Затоа сакаат изборни предмети. Освен основните, како мајчин јазик, информатика и математика, другите предмети според нив, треба да ги избираат во согласност со афинитетите. На овој начин талентот на секој поединечно ќе дојде до израз, па училишниот систем ќе продуцира и уметници, поети, музичари, математичари.
За да се изведе ова, потребно е професорот да воспостави комуникација со секој ученик поединечно. Тука доаѓаме до проблемот со бројот на ученици во паралелките. Место да бидат пренатрупани со повеќе од 30 деца, младите сметаат дека секоја паралелка треба да е со максимум 20 ученици.
Нивните одговори на прашалникот покажуваат дека се свесни за општествените проблеми, па нудат идеи што даваат решенија. Проблемот што го има државава со иселувањето на едуцирани кадри, според нив, се решава преку промена во училиштата. Доколку образовниот процес стимулира учење на вештини и на занаети што се бараат на пазарот на трудот, тогаш и вработувањето ќе биде полесно.
„Теоријата треба да се замени со практика за да се здобијат повеќе работни навики што се во согласност со потребите во нашата земја. По завршување на образование децата да се вработуваат во Македонија, а не да заминуваат надвор од нашата земја“, пишува во еден од одговорите.
Училница според стандарди на дигиталната ера
Училницата им е како втор дом, па зошто да не се чувствуваат како дома?
Во функција на идеалниот училиштен час е и нивната замисла за идеалната училница. Место слушање и константно обидување да се одржи концентрацијата, учениците бараат поотпуштена атмосфера. Сметаат дека училиштата треба да ги пресретнат нивните потреби за храна, за движење, за дружење и за физичка активност. Според еден ученик, би било добро покрај столчиња и клупи, во училниците да има и перничиња и мали фотелји за секој да може да си избере позиција која што му е најсоодветна за да учи и да го совладува материјалот.
„Училниците да бидат простор во кој ќе се чувствуваш убаво. Можеме да имаме и своја градина и да одгледуваме свои растенија и плодови. Да има часови по готвење, глума, керамика, танцување…“
За жал, нивните замисли за идеална училница не се блиску до реалната состојба. Учениците сведочат за дупки во подовите, оштетен инвентар, ИТ опрема што е во дефект и простории без клима.
Пред сѐ, бараат училниците да ги задоволат стандардите на новата дигитална ера. Место стари и расипани компјутери, учениците сметаат дека модерното училиште треба да биде обезбедено со лаптоп за секој ученик, со електронска табла, со можности за презентации и други дигитални алатки. Ѕидовите треба да бидат исполнети со нивната креативна работа и, по можност, секој предмет да има своја училница.
„Тоа би требало да биде средина што инспирира и поттикнува учење, здобивање новo знаење, да поттикне комуникација меѓу учениците и наставниците, да поттикне слобода на изразување, атмосфера во која никој нема да се плаши да го каже своето мислење или да даде предлози и идеи и место каде што ќе се тестира наученото на реални ситуации од животот“, вели еден ученик.
Но, не треба да се занемари времето што го поминуваат за одмор. Паузите треба да се искористат паметно. Tака, предлагаат во училиштата да има апарати за ужина, но и простор каде ќе можат да се протегнат.
Добриот наставник треба да биде и добар психолог
Младите сакаат активно да учествуваат во обликувањето на својата иднина, а од својот наставник бараат да им го покаже патот. Како што рекол таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк: „Добриот наставник е како свеќа, тој согорува за да го осветли патот на другите“.
Учениците најмногу од сѐ презираат атмосфера каде што постојано се казнувани или критикувани. Максимата на новинарството може да се примени и тука: Нема лошо прашање, има само лош одговор. А децата имаат безброј прашања, нивните мозоци се обликуваат според одговорите што ги добиваат. Затоа сакаат да гледаат пријател во својот наставник. На прашањето за идеален професор одговорот го наоѓаат во професор што го интерпретира материјалот, внесува креативност во своето предавање, ги мотивира своите ученици да бидат присутни, ги поттикнува да кренат два прста и да го споделат своето мислење:
„Идеален професор е тој што си ја сака работата и со љубов го споделува знаењето. Некој што од срце ти објаснува додека не сфатиш. Некој што знае да ислуша ученик без да го исмева или навредува“, вели еден ученик.
Наставникот е тој што го диктира темпото во училницата. Да, треба да има авторитет, велат учениците, но тој авторитет учениците треба да му го подарат, а не тој насила да го наметнува. Тој е одговорен за атмосферата, а учениците не сакаат атмосфера во која ќе се плашат да го изразат своето мислење. Наставникот треба да ја здобие нивната доверба, да не им се потсмева, да не ги потценува, да биде толерантен и на секој ученик да му посветува доволно време.
За некои ученици наставникот од иднината е тој што ги познава новите технологии и тој што нема омилени меѓу нив. Но, речиси сите сметаат дека добриот наставник треба да биде и добар психолог, па да им помогне кога ќе препознае кај нив емотивен проблем.
„Сакам професори што се полни со знаење и слободно разговараат со учениците за различни теми,пошироко од предметот што го предаваат“, вели еден ученик.
Иако постои генерациски јаз, суштинско е, велат учениците, наставникот да ги следи движењата на новото време. Според нив, тој треба да биде поотворен кон новите текови, да не биде конзервативен и ограничен.
„Наставниците да бидат сензибилни по прашања што го засегаат општеството, како на пример сексуални работнички, верски заедници, ЛГБТзаедници итн. Во моето училиште нема вакви добри професори“, посочува еден ученик.
Од среќни и задоволни ученици – до надежна иднина
„Гледаме дека децата се распуштени, испоседнати по кафулиња, обложувалници и казина и не сакаат да работат“, вели еден ученик, кој добро ги разбрал проблемите на неговата генерација.
Дека образовниот модел застранил од своите основни функции покажуваат многу примери. Многу од младите луѓе сѐ уште остануваат зависни од своите родители во своите дваесетти, па дури и во своите триесетти години. Живеат со мама и со тато, не можат да најдат стабилна работа, не се реализирани и залудно го трошат своето слободно време.
На прашањето „која е повисоката цел на образованието, освен здобивање знаење?“ учениците ги дадоа, можеби, најзрелите одговори во нашата анкета. Велат дека, освен фактографско знаење, образованието треба да ги научи и како да бидат самостојни, свесни и креативни, како да бидат успешни во тоа што го работат, а со тоа и како да бидат задоволни и среќни во животот.
„Главната цел, покрај здобивањето знаења, е да нѐ насочи нас учениците на прав пат во животот,“ вели еден ученик.
„Сакам образованието да ме научи да се соочам со предизвиците што ни ги носи животот, да се соочам со емоциите, да се грижам за средината и за општеството“, вели друг.
Како што велат учениците, поважната и поблагородна цел на образованието е да оформи зрели и толерантни личности, кои ќе се почитуваат себеси, но ќе ги почитуваат и другите околу нив, кои ќе имаат чувство за солидарност и за заедништво.
Тие набројуваат што очекуваат да здобијат од образованието: самодоверба, правилно расудување, проширување на светогледите, подобрување на социјалните вештини, поголемо разбирање на светот, градење карактер. Само на овој начин, додаваат, може да се придонесе кон заедницата и да се направи државата подобро место за живеење.
Ова се амбициите на новата генерација. Тие не бараат добри оценки, туку преку знаењето да го обликуваат својот ум. Имаат и сосема јасна слика за својата иднина, им треба само помош како да се подготват за да ги остварат своите соништа.