Со музика против стресот
ИНТЕРВЈУ СО ПЕДИЈАТАРОТ Д-Р ЃОРЃИ ПАСКАЛОВ - ГОГО
Велат дека секој човек игра важна улога во испишувањето на историјата на светот. Водејќи се од ова и од познатата констатација „Светот останува на младите“, несомнена е улогата на педијатрите за одржување на здравјето на најмалите, а со тоа и на идните генерации.
За наш соговорник го имаме доктор Ѓорѓи Паскалов – Гого, омилен меѓу дечињата и родителите, лекар, кој, велат, не зборува многу, но лекува со својата стручност, скромност и насмевка.
Професијата лекар е сложена творба на предизвици, одговорност, стрес, но и на емпатија, солидарност, алтруизам… За полесно соочување со сите нив, одличен партнер е музиката. Со ова се согласува и д-р Паскалов, кој е вљубеник во блузот и е еден од главните иницијатори за одржување на првиот акустичен Блуз-фестивал кај нас. Заедно со своите пријатели, водејќи се исклучително од големата желба да создадат база каде што сите ќе „блузираат“ како едно, го прават Здружението на љубители на блуз-културата „Блуз-фамилија“.
Во нашиот разговор зборуваме за позитивните импулси на музиката, неговата професија и за иницијативите што ги презема за доброто на децата.
1. Тоа што го прави животот интересен е можноста да ги оствариме нашите соништа, желби и мечти. Покрај професионалното остварување, дали со акустичниот Блуз-фестивал ви се оствари токму една од желбите за кои отсекогаш сте мечтаеле и колку сметате дека е важно одржувањето на блуз-културата кај нас? Како се роди идејата за формирање на „Блуз-фамилија“?
-Една од моите најголеми желби во изминативе години беше да се основа здружение на блуз-музичари. Ние сме десетина другари од кои повеќето професионално се занимаваат со блуз. Идејата беше едногласно поддржана, со оглед на тоа дека имаме многубројна публика. Мислам дека одржувањето на блуз-културата е неопходно. Идејата се роди сосема спонтано. Поминуваа години, а групите што го формираа здружението беа сѐ поангажирани за настапи. Цело време се држевме заедно и се поддржуваме едни со други. Со текот на времето, кај сите се јави желба за формирање база каде што сите би припаѓале и од каде што понатаму би ја граделе културата. Така дојде и името, другари со љубов кон музиката, кои се поддржуваат едни со други како едно.
2. Музиката како лек е споменувана низ историјата, од старогрчката митологија, па сѐ до египетските храмови и библиски записи. Колку верувате во исцелителската моќ на музиката и колку музичките интервенции помагаат во подобрување на одредени здравствени и емоционални состојби кај децата, па и, генерално, кај сите луѓе?
-Ако зборувам за себе, искрено ќе кажам дека музиката ме спаси. Канализирањето на секојдневниот стрес за мене би бил невозможен ако нема музика. Како педијатар, секогаш сум ја поттикнувал креативноста кај децата зашто верувам дека е најискрената емоција и, дефинитивно, помага.
3. За педијатрите велат дека љубовта кон децата ја предодредила и нивната професија. Вие сте еден од позитивните примери за тоа, со оглед на тоа што Вашата должност кон децата не завршува со стетоскопот и прегледите. На Ваша иницијатива беше реконструирано детското игралиште во општина Карпош. Колку сметате дека луѓето, чијшто глас се слуша и почитува во општеството, дејствуваат и зборуваат доволно гласно и притоа придонесуваат за одредени промени? Како би ја дефинирале таа граѓанска должност или одговорност на секој од нас?
-Од аспект на гласно говорење, како општество, мислам дека сме добри. Да бидам искрен, не сум јас никаков авторитет ако ја немам поддршката од родителите на моите пациенти. Во случајов со игралиштето беше предложено реновирање, кое веднаш наиде на позитивен одговор. Оттогаш мојата ординација и општината заедно го одржуваат. Во почетокот имавме малку проблеми, но сега со радост кажувам дека е самоодржливо, а вандализмот исчезна.
4. Сведоци сме на ера на поголема достапност на информации. Дали тоа донесе можност родителите да бидат поинформирани за одредени состојби кај децата, ја подигна ли здравствената култура или донесе поголема анксиозност, па родителите реагираат и за најмали промени кај децата?
– Тоа ја подигнува здравствената култура, доколку протокот на информации е умерен. Родителите секогаш реагираат на најмалите промени кај децата, тоа нам ни помага сѐ да биде дијагностицирано навреме. За жал, последнава година анксиозноста е зголемена. Не мислам дека е само поради протокот на информации, туку и поради притисокот од неизвесноста за тоа како сѐ ќе се одвива. Но, јас сум оптимист.
5. Со ковид-19, сите како да удривме во „пандемиски ѕид“. Извлековме ли некоја поука од кризата низ која поминуваме и од предизвиците со кои се соочуваме? Станавме ли поемпатични или ни се случи ерозија на емотивната свест?
– Дефинитивно, поемпатични сме. Мислам дека и порано знаевме, но сега и видовме дека не можеме едни без други. Ерозивни појави како страв, вознемиреност, секогаш ќе постојат, но мислам дека нема човек што во изминатава година не си ја кажал сам на себе реченицата: „Ми недостигаат луѓето“.
6. Во согласност со општествените околности и норми, сите ние, од една страна, се ориентираме од очекувањата и од барањата на општеството, а, од друга страна, од индивидуалните цели и стремeжи. Како лекар што работи со најмалите, што би ги советувале младите? Да останат свои или да се приспособуваат кон тоа што го очекува средината од нив?
– Во секоја криза мислам дека треба да имаме стремеж кон одржување на основните форми на функционирање, а тоа е поминување што повеќе време со семејството, дружење со луѓе што ни значат, хоби што нѐ исполнува и работа што барем малку има допир со самите нас и со нашите погледи и ставови. Во таа смисла, оваа основна форма е одржувањето на себеси среќни, тоа е и мојот совет – бидете среќни!