ТОТЕМ БЕЗ ТАБУ – акција на Тиииит! Инк. и МКЦ
Тиииит! Инк., организација за промоција на женската активност, заедно со Младинскиот културен центар во Скопје, по повод 10-годишната соработка, почна акција за собирање средства за поставување автомат со менструални продукти и со кондоми, каде што ќе можат да се купат по набавна цена.
– Достоинствената менструација и сексуалното здравје се дел од јавното здравје! Обележаноста, срамот и табуата за репродуктивното здравје на младите тврдоглаво ги шират краците низ јавниот простор и, генерално, создаваат непристапност до информации и алатки за овој дел од јавното здравје. Поради ваквата општествена атмосфера, оваа иницијатива има цел да одговори на предизвиците со кои се соочуваат младите во пристапот до менструални продукти и контрацепција, вклучително и недостиг од лесен и доверлив пристап до производи за одржување менструална хигиена и контрацепција – велат од Тиииит! Инк.
Автоматите би се поставиле во тоалетите во МКЦ и со тоa менструалните продукти и презервативи ќе бидат достапни за гостите и за публиката што ги следи настаните во Младинскиот културен центар.
– Санитарните и контрацептивните автомати не се ништо ново, напротив, ваквата достапност за одредени ранливи групи има докажани здравствени придобивки. Идејата е да се превенира ширењето на сексуално преносливите инфекции (СПИ) и да се намали менструалната сиромаштија, како и да се нормализира дијалогот за менструацијата и практикувањето безбеден секс. Градењето здрав однос кон репродуктивното здравје и сексуалноста е клучно во создавањето здрав однос кон сопственото тело – велат иницијаторите на акцијата.
Вкупниот износ за целосно остварување на оваа идеја изнесува 2.000 евра, 1.500 за два автомата, кои ќе бидат поставени во просториите на МКЦ, и 500 евра за набавка на менструални продукти и презервативи.
За донирање треба да се посети платформата на проектот ecrowd.mk.
Инаку, најпознатиот настан на Тиииит! Инк е фестивалот за феминистичка култура „Прво па женско“, кој годинава одбележува јубилеј, 10 години работа – под слоганот „Години будни“.