Еден фактор овде е клучен за да тргнат работите во нагорна линија – вклучувањето на жените во процесите на донесување на одлуки во локалната заедница. Жените ги нема речиси воопшто во структурите на одлучување.
Лилјана Јоноски
Само 38 отсто од жените во руралните средини се сметаат за економски активни, но само 5 отсто од нив имаат имот на свое име. Ова се бројки кои што со години наназад остануваат исти и не се менуваат во нагорна линија. Зошто е тоа така?
Дали се тоа стереотипите или традиционалните бариери кои што сè уште не дозволуваат жената од руралната средина да си го најде своето место во општеството? Дали, пак затоа што жените од руралните области имаат премногу обврски поврзани со грижата за домот, семејството, нивите? Овие обврски им одземаат по дури 11 часа на ден (за разлика од оние 9.5 часа на мажите), па не им останува многу време за да се активираат во заедницата.
Дури 84 отсто од жените од руралните средини пријавија ниски приходи кои уште повеќе се намалија за време на пандемијата со Ковид. Несигурниот пласман, неплатената работа, економската неактивност на пазарот на трудот и нестабилните приходи им предизвикуваат сериозни и долгорочни негативни ефекти врз нивното економско зајакнување и социјална инклузија. Дополнително токму поради нивната невидливост на пазарот на трудот, недоволната информираност и вклученост во општествените текови, жените се соочуваат и со предизвикот на неплатено породилно отсуство, како и боледување при повреда на работно место. Дури и во случаевите кога за тоа плаќаат придонеси, согласно Законот за здравствено и Законот за пензиско осигурување (врз основа на кои им се дава правото на минимална пензија), не им е обезбедено правото на породилно отсуство или боледување ниту за машките ниту за женските членови на семејното земјоделско стопанство.
Ова е дискриминација која што е толку видлива и очигледна, а си се провлекува со години!
На гинеколог – само кога го родиле последното дете
Исто така, и покрај големата разновидност и можности за развој во земјоделството и руралните средини, Ковид пандемијата ги запре и онака кревките родово-трансформативни политики и реформи што всушност значи и запирање на родовата и секторска анализа што овозможува проценка и планирање на различните ефекти врз жените и мажите во руралните области. Но, од друга страна пак Ковид пандемијата ги изнесе на површина долгогодишните предизвици со кои што постојано се борат жените во руралните средини. Тоа е пристапот до социјални и здравствени услуги. Во најголемиот дел на рурални општини нема амбуланти, а нема ни јавен превоз за да можат жените да посетат доктор или пак одреден центар за социјална заштита.
Најголем дел од нив на гинеколог последен пат биле кога го родиле последното дете!
Поразителен е и фактот што во текот на пандемијата дури 42% од жените од руралните средини имале предизвици при обезбедувањето храна и основни средства за хигиена наспроти 22% од жените од урбаните средини.
Семејното насилство – најголемо табу во селата
Во руралните средини, најголема табу тема е родово-базираното насилство во семејството. За жал, сè уште се смета за нормална работа во семејството. Ретко која од жените се осудува да го пријави таквото насилство порди срамот и осудувањето од заедницата, но и поради тоа што центри за заштита и поддршка на жртвите од семејно насилство нема ниту во градовите во внатрешноста на државата, а уште помалку во селата.
Жените не користат системски мерки за поддршка на нивната работа затоа што нема родово-сензитивни и родово-трансформативни мерки кои што би значеле и родово-одговорно буџетирање. Една од причините зошто е тоа така е дека не се препознаени од системот, односно влегуваат во т.н. неформална економија.
Еден фактор овде е клучен за да тргнат работите во нагорна линија – вклучувањето на жените во процесите на донесување на одлуки во локалната заедница. Жените ги нема речиси воопшто во структурите на одлучување. Така, од 257 месни заедници во 17 општини, само пет се жени, што пак на ниво на плански региони и држава согласно истражувањето на „Рурална Коалиција“, изнесува само три отсто. Тоа се одразува на секое ниво на донесување на јавни одлуки. Уште една потврда за ова е и бројот на градоначалнички – вкупно дури две!
Одговорноста е кај институциите, ситемот, но – и кај поединците
Системскиот пристап, интерсекторската координација и комуникација, поставувањето на родовата еднаквост и вклучувањето на родовите перспективи во креирањето на политиките, стратешките документи и програми во секоја област како хоризонтална тема, токму онака како што бара и Европската Унија, треба да биде на врвот на агендата на секоја институција, влада, но и на секоја политичка партија. Секако, и на секој од нас! Како поедници сме многу важни, бидејќи, кога сите подеднакво ќе говориме и веруваме во донесувањето на жените на рамноправни позиции заедно со мажите во секоја сфера на општественото живеење, ќе може да имаме сериозни достигнувања кога е во прашање унапредувањето на родовата еднаквост и рамноправност во општеството.
Невклучувањето на жените во процесите на донесување на одлуки, можеби се должи и на задоцнети мерки и активности: за прв пат, дури во 2019 година беше донесена ПРВАТА мерка за финансиска поддршка на жените од руралните средини кои што се носителки на семејните земјоделски стопанства. Дури во 2021 година се носи Национална стратегија за земјоделство и рурален развој во која што еден од стратешките приоритети е економското зајакнување на младите и жените. За прв пат и во новата национална стратегија за родова еднаквост донесена во јули 2022 година, жените од руралните средини се споменуваат како една од категориите на граѓан(к)и на кои што им е потребна поддршката од државата и од заедницата и каде што за прв пат се предвидуваат и мерки како жените да излезат од неформалната економија.
Неодамна го одбележавме и Меѓународниот ден на жените од руралните средини- 15-ти октомври. На овој ден, се потенцира нивната незаменлива улога во производството и безбеденоста со храна, потребата од неопходно присуство на жените од руралните средини во развојот на локалната заедница. Но, одбележувањето на денот го правиме со само 22 отсто регистрирани жени земјоделки од над 170.000 семејни земјоделски стопанства. Затоа, повеќе и од сигурно е дека треба да се изоди уште многу пат за да може достоинствено и со гордост да се прославува овој ден на нивото на кое што треба и на кое што заслужува нејзиното височество – жената од руралната средина!
(Авторката е директорка на „Рурална коалиција“)
(Текстот е објавен во 52. издание на „Лице в лице“)
Актуелното издание на „Лице в лице“ се фокусира на економското зајакнување на жените и на предизвиците при решавањето на родово базираното и семејното насилство. Достапно е кај продавачите на списанието како и во онлајн продавничката која е достапна со клик на сликата подолу.