Жешка точка на биодиверзитетот – исклучителна перспектива
Производството на лековити растенија, со собирање од природните наоѓалишта или со планско култивирање, нуди големи финансиски можности, особено ако се применат повисоки стандарди за квалитет, како органско производство, или ако се заокружи процесот и се дојде до финален производ што е баран на пазарот.
Со повеќе од 3.000 различни видови билки што растат во земјава, значи дека имаме исклучителна растителна биоразновидност, па затоа сме едно од ретките места што го носат називот „Жешка точка на биодиверзитетот“ (Biodiversity Hot Spot). За голем дел од видовите има податоци за нивната употреба. Повеќе од 700 различни растенија се користат во секојдневниот живот и во народната медицина.
Вековната традиција за собирање лековити растенија сѐ уште се негува за лични потреби, но комерцијалниот аспект сѐ повеќе се губи. Ако порано собирањето лековити растенија што растат диво во природа било многу застапено со голем број собирачи и биле регистрирани повеќе од 20 откупни станици на целата територија, денес речиси нема. Модернизацијата носи и промена на работните профили, па луѓето сè повеќе мигрираат во урбаните средини, не само од руралните, туку и од помалите градови кон поголемите комерцијални центри.
Можноста за работа од дома, пак, ја надминува разликата меѓу руралната и урбаната средина, а со ова се префрла тежиштето кон работни профили поврзани во целост со компјутер. Ова значајно влијае на многу „традиционални професии“, како и на различни аспекти на производство на лековити растенија, независно дали е тоа собирање од природните популации што растат диво или со нивно култивирање.
Регулирано е собирањето лековити растенија
При култивирањето лековити растенија, најпознати сме по одгледувањето афион. Македонскиот афион се одгледува со векови и од него се добивал опиум со, можеби, највисока содржина на алкалоидот морфин, до 20 проценти. Добивањето опиум со зарежување на афионот, со потпишување на Конвенцијата за наркотици во 1961 година, се заменува со производство на афионовите алкалоиди со екстракција на суви афионови чушки. За овој многу покомплексен процес на екстракција е потребна фармацевтска индустрија. Суровината, сувите чушки за екстракција, се откупува од кооперанти, па е можност за заработка.
Неколку наши компании вршат откуп на лековити растенија за производство на чаеви. Растенијата што ги откупуваат се избрани според нивните потреби и за нив постојат листи што им се достапни на собирачите и на одгледувачите. Собирањето лековити растенија, како и габи и други шумски производи, е соодветно регулирано. Неопходно е собирачите да бидат регистрирани и да се во координација со Јавното претпријатие „Македонски шуми“, кое стопанисува со најголем дел од површините каде што се собираат овие производи. Неопходно е планско и одржливо собирање за да го зачуваме овој важен ресурс. Потребно е и малку повеќе ангажман и организација за да може собирањето растенија од природа да добие сертификат како органско. Органското собирање опфаќа јасно дефиниран начин на одржливо собирање од чисти региони, што се регистрирани за тоа и каде што се знаат количините што можат да се наберат на годишно ниво. Сушењето и доработката на материјалот се одвиваат според определени правила. Така, вредноста на собраниот материјал е повисока и многу побарана.
Стандардот „Фер вајлд“ значи инвестиција во локалната заедница
Постојат и други стандарди за квалитет што беа спроведени во нашата земја, како на пример стандардот „Фер вајлд“ што гарантира дека точно определен дел од финансиските средства што ќе бидат заработени од продажба на финалните производи ќе ги добијат собирачите, но и дел ќе биде инвестиран во локалната заедница за унапредување на природата во тој регион. На ваков начин се зачувуваат растителните видови, кои поради прекумерното и неправилно собирање се под закана од исчезнување.
Еден таков пример е дивиот чемер (сириштарка или линцура), кој е забранет за промет во Европа ако е собран од природа. Друг таков пример е планинскиот чај (шарпланински или галички чај) што расте на нашите високи планини, а отсекогаш се собира поради својата карактеристична арома и има висока цена, продаван на мало и на големо.
Едностраната забрана за собирање не е решение, а обуките и предупредувањата за одржливо собирање не го даваат посакуваниот резултат. Затоа се позитивни искуствата од негово култивирање на помали површини во планинските региони од каде што се добива многу квалитетен и речиси идентичен растителен материјал со тој што е собран во природата.
Нашата земја важи за еден од најголемите производители на бобинки модра смрека во овој регион, што во целост се собираат од природа, и потоа се извезуваат како сушени бобинки за зачин, или преработени и екстрахирани како етерично масло. Постојат неколку капацитети за дестилација на етерично масло што произведуваат за сопствени потреби, но вршат и услужна дејност на други субјекти. Најголем и најексплоатиран е погонот за екстракција на етерични масла на ЈП „Македонски шуми“ во подружницата во Берово. Во овие погони се екстрахираат и други растенија, како борови иглички, нане, смиљ и друго.
Култивирање за индустриски потреби, ама и за мали површини
Последниве години се зголемија површините посадени со лековити и со ароматични растенија, како нане и камилица, а сè повеќе и лаванда и смиљ (главно за екстракција на етерично масло). Растечкиот пазар за чаеви ги зголеми побарувањата на некои растителни суровини, како на пример семето од растението млечен трн, што порано се собираше од природата, а последниве години ова насекаде распространето растение почна да се култивира на големи површини за да се задоволат потребите на индустријата.
Освен култивирањето на големи површини за индустриски потреби, постои одгледување и на мали површини, мал семеен бизнис, или на некои мали заедници каде што производството и доработката одат до финален производ во мала серија. Вакви примери има многу, а и често среќаваме производи како лаванда во платнени торбички за арома и за заштита против молци, боров мед, лековити сокови, сушени габи и друго.
Производството на лековити растенија, со собирање од природните наоѓалишта или со планско култивирање, нуди големи финансиски можности, особено ако се применат повисоки стандарди за квалитет, како што е органско производство, или ако се заокружи процесот и се дојде до финален производ што е баран на пазарот. Побарувачката постојано расте во овој реален и материјален сектор, за што имаме традиција и знаења, од една страна, а погодна местоположба и климатски услови, од друга страна, што овозможуваат раст на лековити и на ароматични растенија што се барани на пазарот.
Потенцијалот на природата на стаклени нозе
Претседателката на Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој ,,Арт поинт – гумно”, од Слоештица, Ирена Андреевска вели дека извонредниот биодиверзитет во минатото играл многу важна улога во општеството и во економијата – обезбедувал добра и услуги што директно ги поддржувале основните приходи на населението, особено на тоа во руралните предели. Таа посочува дека нашите баби редовно пазареле во „аптеката од природата“, а биодиверзитетот има непроценлива културна, естетска и рекреативна вредност.
– Таа вековна врска меѓу луѓето и природата и огромниот, недоволно искористен потенцијал од неа, денес стои на стаклени нозе. Не успеавме да го ставиме руралниот развој на заслужениот пиедестал. Не само што не се искористи веќе постојната практика од поранешната држава, пунктовите за откуп, капацитетите за преработка на лековити и ароматски билки и печурки, како и успешно воспоставените економски релации, туку најголемиот дел од нив се уништени – вели Андреевска.
Додава дека со приватизацијата и во овој сектор кај нас се доведе до деградација на природата и до осиромашување на населението во руралните средини што резултира со континуирано иселување. Посочува дека имаме одличен Закон за природа и делумно донесени подзаконски акти, но, во практика ништо не се спроведува.
– Во Демирхисарско, дел од планинските села се сѐ уште живи само благодарение на таа врска со природата. Во добри години, се случувало во еден ден и во едно село да се откупат два тона вргањ. Но, цената на тој производ е минимална. Годинава, за прва класа вргањ се плаќаа 90 денари. Дури да дојде до финалниот купувач, печурката ќе помине низ рацете на 10-ина прекупци. Сето тоа со благослов од државата – нагласува таа.
Вели дека потенцијалот на билките што редовно се користат и во кулинарството е голем, но засега тоа останува во доменот на селските семејства.
– Се пројавуваат срамежливи обиди да се пласира нешто и на менијата на локалните ресторани, но тоа е само еден отсто од тоа што би можело да им се понуди на туристите. За голем дел од билките што ги имаме, можеме допрва да научиме како да ги користиме и кому да ги продадеме. Потребни се голема политичка визија и желба, а малку инвестиции за да се стави во погон неискористениот потенцијал на природата и да им се вдахне живот на селата. Замислете, колку би било убаво кога сите ние би се гордееле што сме рурална земја – порачува Андреевска.
Моќта на етеричните масла
За здравствената страна на билките говори и Диjана Цветковска, која се занимава со производство на етерични масла. Тие, вели, се животна енергија на билките.
– На пазарот се продаваат масла со сомнителен квалитет, па треба да бидеме внимателни. Нивното производство е многу скапо и зависи од природата, што значи дека не може секоја година да се гарантира производството на иста количина етерично масло. Треба да бидат исполнети и следните услови: растението да расте на автохтоно земјиште, на одредена надморска висина, важен е квалитетот на семето, бројот на сончеви денови во годината, температурата и влажноста на воздухот, берењето на растенијата е во одреден временски период и многу внимателно, и најчесто рачно, се бере оној дел од растението што се употребува за производство на етеричното масло – објаснува Цветковска додавајќи дека дејството на етеричните масла не се задржува само на физичкото, туку тие дејствуваат и на менталното, емотивното и на духовното ниво кај секој човек.
(Авторот е професор на Институтот за фармакогнозија, при Фармацевтскиот факултет, УКИМ, Скопје)