Лице в лице тема

Живот на село – чекор кон самоодржливост

Време на читање: 11 минути

Ваквиот стил на живот бара начини да произведеме струја, храна, природна градба. За многумина е тешко, бидејќи им се наметнати навиките на „модерното време“ каде што сѐ ни е достапно.

Во близина на куќата на Горан во Винце

Богатство од шуми, води, ливади, села, органска храна, прекрасни предели, кои повеќе земји ги гледаат само преку „Гугл“. Колатерална придобивка од ковид-19 е дека вирусот ги натера граѓаните да ја реоткриваат својата земја, па летово сѐ почесто на социјалните мрежи гледаме слики со посети на рурални подрачја, како идеални места за краток престој или живот на долг рок. Економијата базирана на знаење подразбира професионалци што може да работат од каде било (секако, со овозможен стабилен и брз интернет), а истражувањето „Популаризирање на руралноста“ на Младински образовен форум, меѓу другото, посочи и на информација дека краткорочното работење од село, освен што би имало придобивки за младите слободни луѓе, би дало и сериозна предност за руралната средина преку поголемо вклучување на локалното население и зголемена побарувачка на добра и на услуги.
Зборуваме за предностите од живот на село, но и за апектите што недостигаат за младите повеќе да мигрираат кон руралните подрачја. Од една страна е едукацијата за понудата на селскиот живот, од друга страна е поддршката од институциите.

Мирот е во селото

– Постоеја многу идеи, а на интернет гледав како луѓе од други земји живеат во рурални подрачја. На почетокот и тоа не ми беше верно, но ми се случи патување низ Европа. За моја среќна несреќа – се изгубив низ Австрија по патишта и налетав на селцето Св. Петар. Не видов нечист тротоар. Село со пошта, со маркет… Ме шокираше колку организирано живеат тие луѓе таму. Кога се вратив, знаев дека мора да почнам.
Ова е приказната на Горан Наумовски, кој со својата сопруга Маја и со децата решија да го напуштат Скопје и да се преселат во село Винце. Таму ја надградуваат куќата, градината, го осмислуваат просторот и потенцијалот на местото. Живеат во согласност со природата, на чист воздух, со здрава храна, на надморска височина близу 500 метри.
Нивната приказна дава оптимизам и за другите семејства и млади луѓе што мигрираат надвор од градот, со перспектива за живот во рурална средина. Со свои желби, планови и попатни предизвици за изодување.
-Винце е рај на земјата – гордо кажува Горан.
Од ридот во селото има прекрасен широк поглед кон зајдисонце. Преку ден, на лето се симнува до локална река да се капе. Пчиња е на 800 метри воздушна линија од неговата куќа, сѐ уште чиста.
– Имам парче земја кај реката, сакам да си го направам плажа. За ќеф – раскажува Наумовски.

За разлика од ваквото природно опкружување, вели тој, Скопје е задушено во бучава, смрдеа, убанизам без запирање. Наумовски уште од мал имал љубов кон руралната средина.
– Кога во одреден дел од животот создаваш семејство, доаѓа момент кога размислуваш – што сега, како понатаму? Се обидов да се најдам во градот, живеев живот како мангуп, диџеј. Но,чувствував грутка. Таа исчезнуваше кога ќе отидам на село. Во еден момент, додека седев на ритчето во Винце, кое е мое место за медитација, одеднаш ја погледнав куќата и перспективата. Сфатив дека мирот ми е во селото. Дека во село можеш да живееш нормален живот, без стрес. Но, мораше и целосно да се посветам – раскажува тој.
Градината, која ја работат заедно со сопругата Маја и со децата, му била уште едно откровение.
– Чувството да имаш сопствена градина, да си ја везеш, создаваш, градиш. Мирот е во зеленилото и во играњето. „Ти никогаш не растеш, само си наоѓаш поголеми играчки“. Така, сега имаме пченка, сончоглед, домати, банани, лимони – споделува Наумовски и додава дека чуваат и пчели и произведуваат мед за домашна употреба.

Направете го првиот чекор

Винце е на 15-ина километри од Куманово и на 30-ина од Скопје. Со новиот автопат е олеснет пристапот. Наумовски посочува дека во минатото, Винце било поголемо од Куманово. Тој гледа потенцијал во селото и планира да развива своја туристичка понуда со два апартмана и со два бунгалова во близина на куќата.

– Има стари патеки што водат до нивите, а една од нив сакам да ја направам трим-патека. Идејата е да дојдат луѓе и да можат да прошетаат, да посетат места со автентични домашни производи од млеко, сирење, градинарски култури. Во близина има и стара клисура. Ако сѐ излезе според мојот идеен план, тоа би било прекрасно место. Заедници низ Европа веќе го практикуваат ова – одржлив систем со вода, со базенчиња. Влажноста овозможува системот да функционира и добивате чист и свеж зеленчук 365 денови во годината – вели Наумовски.

Се присетува дека еден дедо го научил дека е многу поубаво чувството на среќа кога даваш, отколку кога земаш.
– Им препорачувам на сите што се мислат за преселба во село, сите што имаат парче земја или куќарка, да го направат првиот чекор. Не мора да се селите, пробајте и видете колку е помирен и поубав животот кога си некаде настрана –вели тој. 


„Природна перспектива“ созрева идеја за екозаедница

Борче Димитровски и Симона Николова ги споила идејата за екозаедница што ќе функционира во согласност со природата. По студиите во Скопје, тие отидоа во Стар Иственик, едно од најстарите села во источна Македонија. Опкружено е со шума, меѓу Делчево и Берово. Тука тие  го формираат екоцентарот „Природна перспектива“, спој на еколошка свест, мудроста од минатото и технологијата на денешнината, со растечка идеја за едукативни кампови и млади луѓе што заеднички ќе си помагаат и ќе ги обликуваат потенцијалите на заедницата.  

„Природна перспектива“ цели кон самоодржливост, употреба на обновливи извори на енергија, производство на своја храна. Таму имаат две градини, засадени со домати, пиперки, броколи… Практикуваат пермакултура и целат кон рационална употреба на ресурси. Изминативе месеци работат и на внатрешноста на куќата. Размислуваат како да ја заштитат по истиот принцип на кој била изградена, работејќи со локални и природни материјали.

– Единствено што користиме од преработен материјал е вар. Има интерес и од локалното население, сакаа да си ја реновираат куќата, па нѐ најмија како мајстори да им работиме со природни материјали. Луѓето го прифаќаат тоа и ја согледуваат предноста – нагласува Димитровски.

Тој се присетува на првиот обид, пред една деценија, кој бил неуспешен. Тогаш имало 200-300 волонтери од цел свет. Но, вели, биле многу млади, неорганизирани и без чиста идеја што сакаат да постигнат. Проектот пропаднал, но визијата „работи“ до денес.

-Тоа е некаков зачеток. Потоа, со Симона, преку платформата „Work away“ се организиравме и отидовме во екосело во Шпанија, во заедница. Кога се вративме, продолживме да ги шириме идеите меѓу пријателите истомисленици. Но, секој со своите интереси, па останавме јас и Симона да ја тераме идејата за „Природна перспектива“ – раскажува Димитровски. 

Пресвртот се случил кога дознале за можностите на програмата „Еразмус+“ – волонтерството, мобилноста и спојувањето на младите низ Европа. Биле гости во Австрија и во Словенија и се запознале со Здружението „Зелен“ од Бугарија, во кое членувале до лани.
-Имаа проект за луѓе што го напуштаат градот и се враќаат на село. Сето тоа што го планиравме тука и мислевме дека е нешто недостижно, во Бугарија веќе се реализираше – споделува Димитровски.
 Според него, самоодржливоста значи дека треба да почнеме од нас самите – прво да ја „сработиме“ задачата во себе.

Фото: Зелен

– Треба да знаеме што ни е потребно, кон што целиме, дали ни треба луксуз, што не ни треба од продавница. Самоодржливоста бара начини да си произведеме струја, храна, сопствен органски дом. Тешко е за многу луѓе бидејќи им се наметнати навики на „модерното време“ каде што сѐ ни е достапно. Можат и урбаните средини да станат самоодржливи, но таа реалност зависи и од политиката – забележува Димитровски.

Куќи од земја и од слама и мотивација за поинаков живот 

Димче Ацков го изградил своето еколошко село „Блаженство“ на 7 километри од Велес, во областа Долно Оризари.  На стотина метри од железничката станица „Тополка“, ќе наидете на куќа во форма на купола. Ацков ја работи сам, без механизација, користејќи само природни материјали. Се стреми да не произведува отпад, да работи на еколошката свест кај локалното население и да промовира здрав живот во согласност со природата. Преку работилници ги мотивира младите кон самоодржливост и да останат во државата.

– Сите викаат „сакам да одам во рурална средина, ама немам пари, треба да вложам“. Се обидувам да го демистифицирам тоа. Да покажам дека може да се направи без пари, со тоа што дава природата. Возможно е! Куќата ја правам без пари. Имам функционална куќа од 60 квадрати направена со земја мешана со слама, со рециклирани прозорци, а земјата е копана од околината. Врати можеш да си најдеш на кој било отпад – вели Ацков.

Тој посочува дека градбите во град се од вештачки материјали, па не дозволуваат циркулација на воздухот, додека ѕидовите од земја имаат пори.

– Мојата куќа е енергетски ефикасна – летно време внатре е како да имам клима. Не треба да трошам струја за клима или за осветлување– раскажува тој.

Преку „Фејсбук“ најавува и организира и работилници. Периодов имаше за фурни од земја и коб градба.

– Доаѓаат луѓе, учиме од основата како да се гради со земја. Се обидувам да ги мотивирам, да им кажам дека постои и друг начин на живот. Мене најдобра одлука во животот ми е што живеам со помалку работи. Тоа е невидено олеснување -вели тој.


Предизвиците на животот во руралните средини

Ацков е фокусиран на градење на инфраструктурата во руралните средини, проблем што со години се провлекува по дискусии и медиумски текстови кога се споменува живот на село. Споделува дека кога работи сам, со рециклирани материјали, рачно и без средства, работата оди побавно. На прашањето за односот со државните институции и со локалната самоуправа за поддршка на неговите идеи, тој вели дека не контактира со нив.
– Како да сме на различна страна. Ако некој слуша турбофолк, а некој метал, како ќе правиш муабет за музика?! Не чувствувам дека сме на исто ниво, нивните насоки се чисто козметички. Мене целта ми е да се смени основата, фундаментот – вели Ацков.
За предизвиците во руралната средина, Димитровски посочува дека во Стар Иственик летово се соочуваат со недостиг од вода, па овој проблем ја заангажирал локалната заедница.
– Летово имаме два часа вода на ден. Доаѓаме во период кога ќе се покаже дека попусто сме ја вложиле нашата енергија и работата. Затоа, лично бев иницијатор да се состанеме и со селската месна заедница да ги решаваме проблемите на селски план. Се обидовме самоиницијативно, а локалната самоуправа излезе в пресрет. Дали беше поради изборите, или не, но имавме заеднички план и решение. Локалната самоуправа очекува од луѓето сами да почнат да ги согледуваат проблемите и да реагираат – смета Димитровски.

Постојат и други предизвици во селото. Еден од главните проблеми во селата е недостигот на места за депонирање – нема каде да се фрли отпад. Селаните се дојдени во ситуација да го запалат, или да го остават на отворена депонија.
– Канализација немаме и е неизводлива. Условите во селото се запуштени многу години и враќањето ќе биде долг пат. Сепак, мораме самите да си помогнеме како заедница – посочува Димитровски.

Паметни екосоцијални села и развој на рурални средини низ ЕУ

Пилот-проектот „Паметни екосоцијални села“ има цел бележење и согледаување на интеракциите меѓу 15 различни локации од ЕУ, да се направат студии од грас-рут искуство, врз основа на ова, лицата што донесуваат одлуки и руралните заедници да градат развојна стратегија. Идентификуваните позитивни примери се села што се ангажирани да ги адресираат проблемите и да го подобрат квалитетот на животот на локалните жители формулирајќи иновативни, паметни решенија во областите земјоделство, животна средина, енергија, мобилност, здравство, образование, култура и туризам. Заклучокот е дека е неопходно граѓанското учество, соодветно управување и користење на т.н. „котва“ проекти за насочување на стратегијата кон одредена цел. Работилниците во рамки на овој проект ја нагласуваат важноста на одржливата мобилност во руралните средини.
Дел од мрежата паметни села се и три словенечки места покрај реката Сава – Кршко, Севница и Брежице, кои добија по 68.000 евра од Европскиот фонд за рурален развој. Севница е позната и како селото во кое пораснала американска прва дама Меланија Трамп. Финансиската поддршка значеше поврзување на локалните производители на храна со потрошувачите, курсеви за дигитална технологија, образование и освестување на младите да не се иселуваат во странство. Концептот значи и засилување на меѓугенерациската солидарност, но, и заштита на маргинализираните луѓе.

Популаризација на руралноста

Истражувањето „Популаризирање на руралноста“ на Младински образовен форум од минатата година посочува дека постои потенцијал за миграција во рурална средина, но не како трајна слика. Повеќето од младите хонорарци со кои е направено интервју, рекле дека на одреден период би се преселиле во рурална средина, но, бараат опција во некој момент да се вратат во Скопје. За разлика од нив, оние на возраст од 30 години, во зависност од брачниот статус, рекле дека би биле расположени за трајна миграција.  Анализата посочува дека со моноцентричниот развој, во Скопскиот плански регион се концентрира 25 проценти од населението, па ваквите миграциски движења во комбинација со емиграцијата во странство доведоа до депопулација и намалување на економскиот и на културниот потенцијал во руралните подрачја.
„Во исто време, глобалните економски трендови се оттргнуваат од традиционалните сектори (производство, земјоделство) кон тоа што стана познато како `економија на знаење’, карактеризирана со висококвалификувани работници, мала потреба од алати за работа и висока мобилност на трудот. Ваквата мобилност донесе нови потенцијали за миграција на одреден вид работници (фриленсери) вклучени во економијата на знаење“, посочува истражувањето.

Еден од главните начини што ги анализира оваа студија, е потенцијалот на местата за коработење т. е. заедничките простори во кои фриленсерите би можеле да работат и да живеат. Иако студијата заклучува дека потенцијалот за трајна миграција е минимален кај помладата популација, авторите заклучуваат дека и краткорочното работење би имало некакви придобивки за фриленсерите, но, и за  руралната средина:
„Краткорочните миграции би понудиле шанса за вклучување на локалното население, барем преку зголемената побарувачка на добра и на услуги, која напливот на мигранти (трајни или краткорочни) ќе ја предизвика во руралните средини“, стои во истражувањето.

Италија со кампањи за живот на село, Французите сакаат селска идила

Минатата година, општина на Сицилија продаваше куќи по едно евро, а друга селска општина во Италија нудеше 9.000 евра за тие што ќе се преселат во неа. Градоначалникот на алпското село Локана, Џовани Матие, ја спроведуваше кампањата поради брзиот пад на населението од 7.000 жители на почетокот на 20 век до 1.500 жители во 2019 година.
Селото се наоѓа во срцето на националниот парк „Гран Парадизо“, па областа изобилува со природни убавини и е идеална за сите љубители на природата.
Додека италијански села бараа нови жители и свежа енергија за да го продолжи животот во руралните средини, од Франција стигна анкета, која покажа дека за 81 процент од Французите најидеален е животот на село. Анкетата ја правеше францускиот Институт за истражување на јавното мислење. Деветнаесет отсто го избрале животот во град, додека само пет отсто од анкетираните изразиле желба да се оддалечат од животот на село. Истата анкета посочила и на проблемите со јавните услуги, работните и транспортните капацитети што се пречка за животот на село. За 46 проценти од анкетираните животот на село со себе носи социо-економски проблеми. Од тие што живеат на село, 62 проценти животот го оцениле како „квалитетен стил на живот“.
Во Шпанија, пак, пандемијата донесе нова димензија за релацијата град – село. Ковид-19 ги наруши плановите за патување во странство, па околу 70 проценти од Шпанците годишниот одмор планираат да по поминат во рурални подрачја во земјата. Од 10.000 испитаници на порталот за рурален туризам „Ескапада рурал“ 52 проценти ги промениле плановите. Многу Шпанци патуваа во Хрватска, но, сега шпанските села се алтернативата што е добредојдена за руралниот развој. За сите генерации ќе има бенефит – повозрасните да се потсетат на земјата, младите ќе запознаат нови начини на живот. Место одмор во Сплит, сега ќе одат во селото  Бенафарсес со 86 жители. Тоа е познато по полињата со лаванда, сместено во централниот дел од Шпанија.

Напишете коментар