Растеме и образуваме деца што треба да ја поминат иницијацијата кон џедаи – тие што се грижат за доброто на светот и на сапиенсот, нашите идни Лук Скајвокер, Оби-Ван Кеноби, Mејс Винду, па зошто да не и мастер Јода, или, пак, ги подготвуваме за државна администрација или, можеби, „не дајфорсе“, да отидат на темната страна и да станат Дарт Ведер, Стормтрупер…
Да се тестираме. Во идеалниот образовен контекст, што се крие зад привлечните дигитални алатки и технологија?
а. Развој на нови вештини, кои ќе ни помогнат да ги решаваме предизвиците
б. Можност да научиме како да ги изразуваме нашите идеи на нов начин
в. Учење да бидеме активни граѓани, кои на светот гледаат со отворен ум и отворено срце
Не треба да си џедај за да сфатиш дека „сите три одговори се точни“. Џедај си кога ќе знаеш дека се точни, но и кога ќе си допишеш свои одговори и ќе придонесеш за подобар свет.
Мастер Јода вели: „Мора да одучиш сè што си научил“, не со намера да ни посочи да станеме „табула раса“, туку, да гледаме на перспективата неоптоварени од стравот за неуспех. Ова не е само аспект што го опфаќа популарната култура, преку култот што низа генерации го имаат кон „Војна на ѕвездите“, туку древна мудрост, која успеала да го најде „јазикот“ со кој ќе се разбере со новите генерации. Нека е само во форма…
Учењето е процес, кој, доколку помине на забавен и возбудлив начин, а не со тежина и со здодевност, носи успех. Еден од предизвиците на образовниот систем сега е како да еволуираат курикулумите на денешнината за да ја достигнат реалноста од иднината.
Генерацијата Z е првата што е растена со комплетно достапен интернет, неа ѝ се блиски дигиталните уреди, логиката и функционирањето на светот преку интернет. Мудрите решенија, кои ги слушаат овие нови генерации, постојат и околу нас. Иновативни, професионални, грасрут, оригинални, стихијни, неформални, силни, почетнички…. Имаат многу епитети, релативно се нови, но веќе резултираат како одговор на тоа што недостига во образовниот систем. Важни се и поради тоа што нудат решение, кое, не само што е само по себе добро, туку и зашто доаѓа од граѓанското во нас (ги создаваат професори, уметници, писатели, банкари, статистичари, родители, тетки, вујковци….) и докажува дека секој од нас „што го боли раната на образованието“, може да даде соодветен одговор.
„Наука за деца“ – интеракција што ја вежба критичката мисла
Драгана и Никола Стикови ја почнаа иницијативата „Наука за деца“ (NZD.mk) со желба да промовираат научна култура и ментална фискултура кај најмладите. NZD.mk обединува десетина научници и наставници, кои создаваат интерактивни лекции што ја надополнуваат наставата во училиштата. На тој начин, ја доближуваат науката до младата популација посочувајќи колку таа може да биде забавна, достапна, интересна и блиска, доколку не се предава старомодно.
– Предизвикот е да се убеди јавноста дека критичкото размислување почнува од најмали нозе. Во основното образование природните науки (биологија, хемија, физика, математика) се учат како збир на факти, а не како начин на размислување. Но во образованието, како и во науката, најважна е критичката мисла, а не меморирањето. Ако ние ги научиме децата да поставуваат прашања и да извлекуваат заклучоци, тогаш кога ќе пораснат ќе имаат моќни алатки за приспособување во светот, а, можеби, и за негово подобрување. Не за џабе рекле старите, „се учи теле, а не вол“ – се насмевнува Никола.
Тимот реши да дејствува токму кога вирусот корона сите нè затвори дома: „Родителите меѓу нас сфатија дека децата имаат ограничено количество внимание во ситуација кога не се заедно со своите учители и соученици. Наставниците меѓу нас беа свесни дека системот не е создаден да поддржи образование на далечина и дека наставните содржини треба да се приспособат на новото време. Научниците меѓу нас видоа шанса да промовираат научна писменост меѓу најмладите користејќи ги ресурсите што ни се пред очи“, пишува тимот иницијатори, на веб-сајтот на платформата, каде што се поставени содржини што повикуваат на интерактивност и кои се интересни и изводливи и во домашни услови.
– „Наука за деца“ е спој на нашата кариера, јас работам со деца, а Никола е научник. Пред пандемијата одржував работилници за деца во Францускиот институт. Една од работилниците беше посветена на магнети и беше изработена во соработка со Никола. На два дена пред да се одржи работилницата почна изолацијата и тогаш ја препознавме потребата во најбрз можен рок да се создадат лекции на интернет што ќе ја надополнуваат наставната програма во основите училишта. Се поврзавме со неколку драги колеги и пријатели, наставници и научници, и ја создадовме „Наука за деца“. Денес е јасно дека оваа криза ќе потрае и дека тоа што го почнавме во март ќе има ефект врз многу генерации ученици – раскажува Драгана за идејата и за клучниот момент кога решаваат да ја основаат платформата.
Науката нè учи да ja разликуваме хипотезата од шпекулацијата, фактот од манипулацијата
Научната писменост е важна за децата поради потребата да не се земаат работите здраво за готово. Не е доволно да се сомневаш, тоа може да го направи секој третокласен теоретичар на заговор. Потребно е сомнежот да можеш да го преточиш во издржан експеримент, кој ќе ти покаже дали си во право или не. Во време во кое целото светско знаење (и незнаење) ни се на дланка, најважно е да можеме да ja разликуваме хипотезата од шпекулацијата, фактот од манипулацијата, сигналот од шумот.
Ги прашуваме нашите соговорници зошто многу се зборува за приспособување на наставните содржини на новото време, а малку се работи во практика.
– Често изговорот го бараме во немањето ресурси, но многу побогати држави се соочуваат со истиот проблем. Не е сè во парите, има нешто и во снаодливоста. На интернет постојат безброј бесплатни ресурси што можат лесно да се приспособат на наставната програма. Проблемот е во тоа да се најде некој што ќе сака да ги приспособи тие содржини, без да размислува за профит. Работиме со наставници и со научници што веруваат во слобода на информациите. Тимот е мал, ама постојано расте – вели Драгана.
Никола се надоврзува со следните чекори за периодот што следува:
– Месецов ќе го дочекаме со по една видеосодржина неделно за секој од предметите од природни науки што се изучуваат во основното образование. Секој наставник ќе може да ја преземе содржината и да си заштеди време објаснувајќи го концептот предвиден во наставната програма.
Појаснува дека за да го дознаат ова сите наставници, ученици и родители, „Наука за деца“ почнува хексафлексагонска кампања, а читателите на „Лице в лице“, веќе можат да проверат што е хексафлексагон и самите да изработат, со помош на елементите достапни на последната страница на списанието.
– Хексафлексагоните ќе го означат почетокот на натпревар во кој учениците ќе се охрабрат да поставуваат прашања, а најоригиналните и најкреативните ќе заслужат и награда– дополнува Никола.
„Џет Мајндс“ – индивидуален и забавен пристап кон учењето
Платформата на интернет на која секое дете може да го добие искуството што би го имало на приватен час, по секој предмет од училиште, на мајчин јазик и по официјалната училишна програма, е тоа што го нуди „Џетмајндс“ (JetMinds). Лансирана во декември 2019 година, досега опслужила 20.000 ученици од 250 училишта во земјава. Еден од основачите, Стефан Јовановски, раскажува дека идејата дошла природно – и самиот користел платформи како „Coursera“ и „edX“ за време на постдипломските студии по статистика во Скопје.
– Иако студирав на УКИМ, преку интернет бeв во тек со најновите технологии преку предавања од некои од најдобрите универзитети во светот како „Стенфорд“, МИТ, „Харвард“… Вештините што ги здобив, пред сè, на овие платформи, а не на редовните студии, ми овозможија понатаму да работам како Data Scientist во централата на „Сосиете женерал“ во Париз – вели Јовановски појаснувајќи дека станува збор за 2014 година.
Неколку години подоцна, со другите основачи разговарале за тоа како потфрла образовниот систем, а родителите се присилени да плаќаат приватни часови доколку сакаат резултати кај децата. Додава дека „JetMinds“ се фокусира на еден проблем на нашиот образовен систем – како да го симулираме искуството што би го имал ученик на приватен час со добар тутор преку технологија. Посочува на студијата „Блумов 2-Сигма проблем“, која укажува дека ученик што посетува приватен час постигнува 90 проценти подобри резултати од учениците што посетуваат стандардно предавање:
– Професорот предава за ученик со средно ниво на познавање. Учениците што имаат малку познавања, лесно се губат во лекцијата, а на најдобрите ученици таа им е здодевна. Индивидуалниот тутор може да го процени нивото на знаење на ученикот непосредно, па така и да го приспособи предавањето. Како општество веќе одамна знаеме што е потребно за да постигнеме драстично подобри резултати во образованието. Но, суштинскиот проблем е како да обезбедиме добар приватен тутор за секое дете, по секој предмет на начин на кој ќе биде финансиски реален – вели тој.
Така, пронашле модел што е скалабилен со помош на технологија.
– Тоа е заедничка тема на прогресот во секоја индустрија. Решението на транспортната индустрија не било побрз коњ пред еден век, туку нови технологии во форма на возови / автомобили / авиони. Не можеме да обезбедиме приватен тутор за секое дете, но можеме да користиме технологии како вештачка интелигенција, кои ќе го симулираат искуството на ваквото учење – објаснува Јовановски додавајќи дека, на овој начин, тие се на добар пат да го решат проблемот.
Материјата ја изработиле врвни професори од земјава, а додека учениците ја користат „JetMinds“, во заднина системот ги забележува сите активности на корисникот во форма на податоци:
– Моделот базиран на машинско учење е поставен на тој начин да препознае каде се јавува одреден пропуст во знаењето, односно да детерминира на кое ниво на знаење се наоѓа дадениот корисник. Слично како што го прави тоа и еден приватен тутор. На пример, доколку корисникот реши 100-тина задачи од алгебра и од геометрија, вештачката интелигенција се обидува да утврди која е причината за грешките што ги прави ученикот. Дали се работи за непознавање на тековната тема, или, пак, за заеднички белег, кој не е суштински поврзан со која било од двете теми што се учат, туку е неповрзана работа, како на пример непознавање на редоследот на операциите. Системот ќе препорача ученикот да ја усоврши таа тема. На овој начин ќе се пополни дупката во знаењето пред да се премине кон покомплексни теми каде што незнаењето експоненционално ќе расте – објаснува Јовановски.
Тој додава дека не прават компромис меѓу квантитет и квалитет во едукативните материјали.
– Платформата е базирана на freemium моделот – лекциите се бесплатни засекогаш, додека со месечна претплата корисниците можат да пристапат и до сите други функционалности на сајтот – вели Јовановски посочувајќи дека регистрацијата е бесплатна, а корисниците можат да видат дали ќе им биде корисна или не.
Децата со задоволство влегуваат во светот на „Чудна шума“
Секогаш кога се зборува за недостиг од содржини за деца, стигнуваме до визуелен материјал, кој опфаќа книжевност и визуелна уметност, па така, „Чудна шума“ направи цел еден свет со содржини што се достапни бесплатно на интернет. Форматот е е-списание, кое се фокусира на литература за деца создадена од домашни автори и илустратори, со едукативни содржини за почетно читање, учење први зборови. Билјана Црвенковска, основачка на „Чудна шума“, и самата авторка на литература за деца, раскажува дека почетокот бил стихиен и, поради пандемијата, почнале порано од планираното.
– Нè обзеде еуфорија и сакавме да им дадеме на децата колку што е можно повеќе, а имавме и прекрасни реакции од нив и од родителите. Ни беше важно да има и песни и раскази и бајки, различни жанрови и различен тип текстови за различна возраст. Почнавме неколкумина автори: Ванчо Полазаревски, Ана Голејшка – Џикова, Петар Андоновски и јас, за подоцна да се приклучат и многу други – Владимир Лукаш, Румена Бужаровска, Владимир Мартиновски, Калина Малеска, Николина Андова – Шопова, Лидија Димковска и други, како и наши одлични, талентирани илустратори и уметници… за да се создаде еден прекрасен бран „карантинска“ книжевност за деца – вели Црвенковска.
Таа појаснува дека со ова се пополнува еден сегмент што недостига во нашето образование – книжевните содржини на македонски јазик, негувањето на јазикот и поттикнување на децата да читаат.
– Настрана од тоа, достапни сме на интернет, на медиум што им е поблизок на децата. Бесплатни сме, секогаш достапни, во кое било време од денот, на еден клик од нив. Забавни сме, шарени, разиграни. Не верувам дека можеме да го пополниме сето тоа што на децата им недостига во образовниот систем и ги одбива од училиштето, но сигурни сме дека во еден мал сегмент, го постигнуваме тоа што училиштето одамна заборавило како да го прави – вели таа.
Квалитетот се познава и признава, вели нашата соговорничка:
– Влеговме дури и во изборно четиво на едно основно училиште во Скопје. Освен тоа, поинакви сме. Текстовите во нашето списание се поинакви од тие во учебниците и задолжителните лектири. Свежи се, нови, модерни… пишуваме за работи што ги интересираат и допираат денешните деца. Нашите илустратори имаат поинаков, свеж, весел и модерен израз, што е втората клучна точка, на страна од текстот. Имаме и аудиокнишки, аудиоверзии од некои од нашите песни и приказни. Имаме и анимации, сакаме да имаме и повеќе, но за тоа ни требаат и средства. Се надеваме дека и некој друг, освен читателите, ќе го препознае нашиот напор и квалитет и ќе ни излезе во пресрет да ја направиме „Чудна шума“ уште поубава – вели Црвенковска.
Месецов, „Чудна шума“ влегува и со подобрен концепт, нови и поразновидни содржини, нов дизајн на веб-страницата, автори од регионот и пошироко…
– Искуството што го имаме од претходно (јас сум автор и долгогодишен уредник во издавачки куќи и списанија, а мојот партнер се занимава со фотографија и дизајн), ни помага да создадеме квалитетни и визуелно привлечни содржини за деца. Речиси сè правиме волонтерски, но верувам дека следната година ќе успееме да го свртиме вниманието кон нас и да обезбедиме и повеќе финансии за подобрување на веб-страницата. Не велам дека е лесно, работата со деца и за деца никогаш не е, не велам ни дека е совршено, но, сепак, е една чудна шума полна со прекрасни работи и со неверојатни жители во неа.