Глобален настан кој ја истакнува работата на претприемачите од 180 земји низ светот, ги вмрежува и инспирира луѓето да се вклучат во претпремачки потфати, најголемото светско одбележување на иноваторите и креаторите на работни места кои ги носат идеите кон реализација, го поттикнуваат економскиот пораст и даваат пошироко, подлабоко знаечење на благостостојбата на луѓето. Ова светско одбележување е насловено Глобална недела на претприемаштво (ГНП), ќе почне од понеделник, 16-ти ноември и ќе трае до 22-ри ноември. Земјава е дел од сето ова преку организаторите „Стартап Македонија“, овој пат со 54 партнери, со над 120 говорници, кои организираат настани во склоп на Неделата. Поради пандемијата, сите настани, 43 на број, ќе се одржуваат онлајн. Агендата опфаќа локални, национални и глобални активности, дизајнирани да инспирираат и да им помогнат на претприемачите да го истражат својот потенцијал како самостојни иноватори.
„Лице в лице“, како медиумски партнер на ГНП, разговараше со Симона Чаминска, национална координаторка на ГНП за Македонија, која зборува за спецификите на домашниот екосистем, позитивните, негативните аспекти кои ги наметна пандемијата, но, и за темите кои се во фокусот оваа година.
Агендата на Неделата е разновидна, а забележливо е дека има одреден фокус кон иновациите, но, и кон социјалното претприемаштво, женското претприемаштво.
– Интересот на повеќе организации за настани кои обработуваат теми од социјалното и инклузивно претприемаштво, женско или пак зелено претприемаштво се сигнали дека во екосистемот постои голем диверзитет на партнери со широка понуда на содржини за самиот екосистем, но и за пошироката јавност. Решавањето на покрупни проблеми кои се јавуваат како резултат на сплет на разни околности е секако одлика и на секое зрело општество, кое во македонскиот екосистем се случува благодарение на неуморното работење на организациите кои се први во овие области. Како пример за ова се Фондацијата АРНО, „Паблик“, „Лице в лице“, Опсерваторијата за социјално претприемништво, Здружението на бизнис жени, Women In Tech Macedonia, CEED Hub Skopje и многу други – вели Чаминска.
Неделата ги фокусира настаните поделени на четири глобални теми, столбови на кои треба и нашето општество да одговори соодветно во однос на предизвиците, особено сега, во ваков глобален контекст. Чаминска појаснува дека овие теми се избираат од страна на Глобалната мрежа на претприемништвото од каде потекнува и ГНП, како резултат на анализи и советувања со разни екосистеми за тоа што е најрелевантно за основање и водење бизниси.
– Оваа година, овие четири теми се: стекнувањето претприемачки вештини во рамки на формалното и неформалното образование; инспирирањето на заедниците и организациите да остваруваат подобра соработка која ќе овозможи основа на претприемачите за скалирање на нивните бизиси; намалување на бариерите за основање бизниси, особено за младите и жените т.е. поттикнување на инклузивноста во бизнисот, како и квалитетно креирање политики како соработка меѓу екосистемот и Владата. Покрај овие теми, ја проширивме агендата и со дополнителни теми за кои со партнерите проценивме дека ќе понудат додадена вредност за публиката. Такви се инвестициите, зеленото претприемаштво, дигиталниот маркетинг и слично – вели Чаминска.
Ги издвојува позитивните и негативните аспекти на пандемијата и ковид кризата во македонски, но и глобални рамки:
– Генерално, негативната страна на пандемијата во глобални, но и во македонски рамки е непредвидливоста за носење бизнис одлуки поради разните ограничувања кои ги наметнуваат властите и други околности. Тука е и намалувањето на работните места како последица на намалување на трошоци за работењето. Позитивната страна се огледа во тоа што се наметна забрзано темпо за дигитализација на многу бизниси, што воедно претставува и пазар за освојување на стартапите кои нудат таков вид решенија, во глобални и национални рамки.
Редок екосистем кој го обединува организација како „Стартап Македонија“
ГНП несомнено ги препознава и особеностите на домашниот екосистем, а Чаминска оценува дека тој е генерално добро поврзан и богат со разни видови партнери.
– Ова е и еден од ретките екосистеми кој има организација како „Стартап Македонија“, домаќинот на ГНП, која од 2016 година работи на интеграција, афирмација и дигитализација на целиот екосистем. Уникатниот пристап оддолу нагоре во развој на екосистемот инициран од потреби и податоци, е од голема важност за развојот на иновативноста и конкурентноста, како и носењето квалитетни политики – вели таа.
Чаминска, споделува дека дел од настаните ќе се снимаат и потоа ќе бидат поставени на YouTube каналот на Стартап Македонија за повторно гледање.
– Веруваме дека широката понуда на говорници и теми ќе побуди интерес кај пошироката јавност и ќе придонесе за зголемување на интересот за водење сопствен бизнис. Дополнително, оваа година вклучивме и серија активности именувана „Пијалок со претприемач“, каде поканивме неколку успешни претприемачи да ги споделат своите приказни, да разговараат за своите неуспеси, за тоа како Ковид-19 ги погоди и како успеаа да останат функционални, со цел да ги доближиме нивните искуства до публиката и да инспирираме идни потенцијални претприемачи да го направт првиот чекор – вели Чаминска.
Чаминска зборува и за настанот/темата која предизвикува најголем интерес кај нас:
– Веруваме дека оваа година, програмата ќе побуди интерес кај разни интересни групи. Како еден релевантен настан би го издвоила настанот за креирање политики каде „Стартап Македонија“ во разговор со претставници од Владата и други релевантни меѓународни институции ќе разговара за ефектите од успешното лобирање на граѓанскиот сектор за измена и подобрување на регулативата. Исто, интересен настан ќе биде и тој во организација на компанијата „Oracle“ и „Стартап Македонија“ за тоа како оваа компанија врши дигитална трансформација со помош на стартапите. Се надеваме дека некои заклучоци и идеи кои ќе се споделат за време на дел од настаните ќе претставуваат основа за градење идни партнерства и соработки – споделува Чаминска.
Сите настани кои се организираат во рамки на ГНП се достапни на овој линк.
Целосната агенда пак, е достапна на овој линк.