Превод од српски јазик: Иван Шопов
Лана Басташиќ и Румена Бужаровска се писателки чии книги претходните години стигнаа и до широката книжевна публика и до недвосмислени пофалби од критиката, но и писателки кои своите јавни настапи укажуваа на бројните аномалии на општеството и општествата во кои живееме. Во нашиот магазин во три продолженија ја објавуваме нивната преписка, а паралелно со тоа, текстовите на српски излегуваат и во белградскиот магазин „Liceulice“. Во второто продолжение читајте, меѓу другото, и за тоа зошто е важно пишувањето за љубовта да се оттргне од патријархалната дихотомија според која мажите за љубовта пишуваат Големи Книжевни Дела, а жените само љубовни романчиња.
Лана:
Еден ден ги читав дневниците на Сузан Сонтаг. И меѓу купот идеи за есеи и книги, го најдов ова: „Моја мана е што се заљубувам во пријателите и што барам љубовта да вклучи (и да исклучи) сѐ.“
И тоа ме збуни – Сузан Сонтаг во дневниците пишува за заљубувањето и љубовта.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]Румена:
Ми текнува на лексиконите кои ги правевме во основно училиште. Не знам дали тоа беше „ин“ во другите земји од поранешна Југославија, ама кај нас тоа беше баш популарно. Како и да е… и таму пишувавме за љубовта, и тоа секогаш беше најинтересно. Па, зошто да не и Сонтаг? И зборувам во женски род затоа што тоа беше „женска“ работа. Некогаш нашите симпатии ги пополнуваа тие лексикони, ама ретко. Ние бевме тие што се занимаваа со емоции.
Лана:
Да, баш тоа. Ама сфатив дека почна да ми пречи. И тогаш се прашав – Зошто почна да ми пречи?
И срам ми е да кажам, ама мислам дека тоа се остатоци од интернализираната мизогинија. Зашто пишувањето за љубовта е, нели, некаква „женска работа“, а јас сакам Сонтаг да анализира филмови. Да биде „сериозна“.
Румена:
Сигурно е така. Јас неодамна расчистив со тоа. Ама страдав од истиот комплекс.
Скоро прочитав некаде дека во мојата книга „Мојот маж“ има многу клишеа. Па клишето кое беше дадено за пример беше буквален цитат што сум го чула, а се однесува на книжевноста. Мажот ѝ вели на жената да наведе барем една голема писателка, а таа вели Маргерит Јурсенар. Потоа тој вели – не се важи, таа е лезбејка. Како и да е, во светот каде емоциите и љубовта како теми се сметаа дека се без врска, неважни, па дури и глупави, и јас мислев дека морам да бидам како Јурсенар, зашто таа пишува историска фикција. Сѐ друго не чини. Особено љубовта. Тоа го можеме во дневниците, но не, никако не во книжевноста.
И да, исклучиво историски романи, зашто ни расказите не се важат. Освен ако ги пишува Карвер. Тогаш можат да бидат за љубовта.
Лана:
Или воопшто: ако мажот е тој кој пишува за љубовта, тогаш тоа е голема книжевна тема. Големата љубов на Ана Каренина или Ема Бовари или (господ да чува) Хамберт Хамберт.
Зашто, веројатно кога мажите зборуваат за љубовта, тоа е сериозно. Ние сме „заљубливи“, сентиментални и се занимаваме со тривијалности. Ми се чини дека во тоа ја има онаа мизогина идеја дека на жените не може да им се верува.
Румена:
Да, жените се традиционално луди, и така е често и во големите книжевни дела. А и често се луди затоа што некој не ги сака или затоа што ги сака. Како и да е, жената е луда поради љубов.
Лана:
Мирча Елијаде ќе го напише „Maitreyi“ и тоа е ремек-дело. Кога жена би ја напишала истата книга од позиција на заљубена девојка, тоа би било „љубовно романче“. Chick-lit… Навистина сега ми доаѓа да напишам роман за љубовта.
Румена:
Искрено, и мене. Тоа би било панк.
Пред некој ден ги најдов писмата што ми ги пишувале пријателките. Главно се за љубовта. Едно писмо е посебно трогателно. Пријателка ми опишува како на 16 години за малку ќе изгубела невиност со некој тип кој имал 27. Нему не му било проблем тоа што таа е млада и невина, а во еден миг таа толку искрено ми вели дека сакала да биде со него за да се чувствува вредна. Тоа баш ме заболе, зашто често и самата се чувствував така. Како да не сум доволно вредна.
Лана:
А валидацијата секогаш беше екстерна. Доаѓаше од некој маж.
Румена:
Како некој авторитет да треба да ми каже: Океј си. Вредиш. Целата книжевност ме учеше на тоа.
Лана:
И не само како жени, човечки суштества, туку и како книжевнички. Треба да почекаме валидација од маж кој ќе каже: Ова не е chic-lit. Јас сум го прочитал ова.
Румена:
„Имав чувство дека читам машки писател.“
Лана:
Се сеќавам кога почнав да одам на фестивали и конкурси, пред 13-14 години, како не сакав да се шминкам и да се средувам. Сакав да ме „сфатат сериозно“. Односно, што повеќе да се оддалечам од „женското“ и да се приближам до „машкото“. Мораш да бидеш надвор од нивната желба за да бидеш сфатена сериозно како интелектуалка итн. Ми требаше доста време да престанам да размислувам така.
Румена:
И мене. Се чувствував виновна ако некому му бев привлечна поради фустанот или што знам. А сакав да се средувам, да имам долга коса, да носам обетки. И знам дека ги осудував жените кои, да речеме, се фарбаа или активно се занимаваа со изгледот. Ја осудував другарка ми поради тоа.
Лана:
Исто. Јас сум сериозна книжевничка, не ги лакирам ноктите. На крајот доаѓаш до: јас сум сериозна книжевничка, се однесувам како маж.
Румена:
И јас сакав да бидам one of the boys. И затоа сега негувам посебен вид одбивност кон жените кои сѐ уште се такви. Тоа најмногу ме погодува, веројатно затоа што самата бев таква, па затоа посебно ме боли кога жена ќе ме отпише.
Лана:
Многу големи писателки го правеле тоа. А со емоциите и „женските теми“ се занимавале исклучиво во дневниците. (Вулф речиси ни таму. Повеќе во писмата.) Би сакала да пишувале повеќе есеи и книжевни дела за тоа.
Румена:
Но тоа се менува, и не би рекла дека е полека. bell hooks, Роксан Геј, Дебора Леви… Многу зборуваат за љубовта, искрени се, како во теориските расправи, така и во дневниците и мемоарите. Ух, колку уживам во тоа. Искрено, секој ден се радувам што има толку добри нови работи за читање.
Лана:
Да, работите дефинитивно се менуваат. Сега уште ти и јас да напишеме љубовни романи. (Може и збирка раскази!)
Румена:
Извини, јас прво ќе напишам историски роман, да се докажам, па после можам што сакам.
Еве, сега некој велемакедонски еп е на ред.
Лана:
Хахахаха. Почни со сонцето кое излегува зад статуата на Александар.
Румена:
„Како се заљубив во Александар.“
Лана:
Сончевата светлина ги осветлува тестисите на коњот на Александар…
Румена:
Па и секс и еротика одеднаш, мх мх мх
Лана:
Чисто да се знаат приоритетите.
Румена:
Мислев љубов и еротика. Ете, не сакам ни да го изговорам зборот љубов!
Лана:
Јас сакам. ЉУБОВ.
И заљубена сум.
Румена:
Можеш да ми го раскажеш тоа во следниот број. Сигурна сум дека публиката сака да чуе повеќе за тоа. 🙂
Лана:
НЕ!