Бизнис-партнерства што создаваат вредности
ИНТЕРВЈУ СО ЕН-СОФИ ГУНАРСОН, ИКЕА
Занаетчии од различни земји во светот, кои се соочуваат со општествени и со социјални предизвици, носат нова вредност преку партнерство со светската марка ИКЕА. Од една страна, компанијата добива уникатни предмети за разубавување и функционалност во домот, а дејствувајќи на полето на одржливиот развој има и подобар брендинг, а, од друга, влијае на обезбедување интеграција за ранливи сограѓани, поттикнува процеси на инклузија, вработување и поставува важни општествени прашања.
Со Ен-Софи Гунарсон, менаџерка на одделот за нови партнерства и соработка во шведската марка ИКЕА, се запознавме на Форумот на добри компании, каде што таа беше меѓу главните говорници.
– Општествена промена и интеграција се основни точки и за бизнисот – децидна е Гунарсон.
Со неа разговараме токму за соработката со социјалниот бизнис и за промената што ја прават заедно. Носи инспиративна приказна, со професионално искуство во маркетинг, развој на дигитални производи и менаџирање промена во компанијата. Самата вели дека ѝ е важно што има можност да работи на засилување ранливи луѓе:
– Сакам да ги поврзам веб-развојот и развојот на интернет со ранливите луѓе. Интернет-сферата нуди начин да ги засилиме луѓето. Добивате пристап до знаења, содржини, информации, кои, инаку, на некои луѓе не би им биле достапни. ИКЕА постигнува многу со интегрирање на социјалното претприемаштво во нашиот синџир на вредности и со создавање инклузивни работни места за маргинализираните и ранливи луѓе или граѓани, кои од различни причини се далеку од пазарот на труд – посочува Гунарсон.
Уникатност, долгорочност и лојалност
Гунарсон бележи и идентификува социјален бизнис што нуди производ што може да се продава под името на ИКЕА, а во кој се вклучени како кокреатори. Заеднички го развиваат производот, имаат заеднички бизнис-тимови и тимови за развој. Соработката меѓу ИКЕА и социјалниот бизнис, како што појаснува Гунарсон, најчесто се однесува на пазари каде што нема добро развиени системи за социјална заштита и државни структури што на сигурен начин ги поддржуваат ранливите граѓани.
– Тие со кои соработуваме се приватни претпријатија или се здруженија на граѓани, а прават вистинска разлика. Тие можат да бидат инспирација бидејќи создаваат придобивки за компаниите со кои соработуваат. Не станува збор за филантропија бидејќи ова е социјален бизнис!
Гунарсон посочува дека е важно што во овие социјални претпријатија гледа потенцијал за пораст.
– Зборувам дури и за глобален пазар, па и да станат редовни снабдувачи на ИКЕА. Социјалните претпријатија што се наши партнери имаат уникатни вештини, изработуваат ракотворби или нивниот бизнис припаѓа и на циркуларната економија. Тоа е една придобивка што ние ја споделуваме со нашите клиенти, тоа е уникатно, а за бизнис како ИКЕА уникатноста има големо значење – посочува Гунарсон.
Зборувајќи за клучните придобивки од ваквата соработка, таа нагласува и дека производите се од одржливи или сурови материјали или, пак, ја применуваат циркуларноста како принцип во работењето.
– Друг важен елемент е што нашите партнери размислуваат долгорочно. Овие социјални претпријатија не мислат на тоа да постигнат максимален профит за сопствениците, туку гледаат долгорочно како можат да ги унапредат бизнис-моделите за да можат да адресираат социјални и општествени предизвици преку бизнис. Ова, исто така, значи долгорочно влијание во општеството. Вистинската придобивка за 10 години значи дека се поттикнало размислување во нашето општество на кое сега никој не мисли, не го гледа – се ангажирале, се вработиле луѓе, кои, инаку, не би ја имале таа можност, некои материјали не завршиле на депонија, туку од нив е направен нов производ. Ова е стратегиски пристап. Социјалните претпријатија со кои соработуваме, исто така, вработуваат луѓе, кои, со сличен менталитет на овој, остануваат во компаниите токму поради мисијата што ја имаат овие фирми – да направат промена. Ваквите луѓе се лојални и остануваат многу подолго на работните позиции бидејќи работата не им носи само плата, туку подлабока смисла, мисија – вели таа.
Трансформација од печатен каталог кон комплексен веб-сајт што нуди интеракција
Нејзиното патување во ИКЕА почнува во 2005 година, како проектен менаџер за развој на веб-решенија. Споделува дека во тој период компанијата немала развиено присуство на интернет, па бил клучен процесот на менаџирање на промената, која била неопходна за бизнисот.
– Беше основно да објаснам зошто воопшто на ИКЕА ѝ е потребно присуство на интернет. Тогаш имаше каталог, обемен материјал, за кој сите мислеа дека е доволен – вели таа.
Гунарсон појаснува дека работејќи како заменик-менаџер во ИКЕА во Шведска, знаела дека промената може да дојде од неа. Така, лансирањето на концептната платформа „Одржливи решенија дома“ бил нејзиниот прв исчекор кон ново поле во нејзината професионална кариера во ИКЕА.
– Чувствував дека сакам да правам нешто комплетно поинакво. Идејата беше да направиме платформа за тоа како ИКЕА може да инспирира, да охрабри и да овозможи нашите консументи да имаат поодржлив живот дома, преку решенија што го подобруваат знаењето, влијаат на свеста и на употребата на нашите производи. Зборувам за едноставни нешта, кои можат да ја намалат употребата на енергија – на пример, ламби, завеси итн. Почнав нешто ново. Имав голем интерес за одржливост, приватно, живеев на тој начин, но немав формално образование. Шведска стануваше пилот-пазар за глобални решенија и беше одлично време да го почнеме ова – вели таа.
Појаснува дека партнерствата и соработката со социјалните претпријатија дошле откако создале и решение за глобално производство. Тоа бил следниот чекор.
– Се придружив на многу мал тим и работевме во циклуси, од почеток до крај, од наоѓање партнерства до развивање производи што ќе бидат достапни за продажба. Ние бевме нешто како мала компанија во компанија и имавме голем претприемачки дух бидејќи правевме сè од почеток, од претставување, изложби, создавање стратегии за поддршка на земјите што го лансираат производот итн. Ова беше многу интересно и забавно, но мораше да се внимава на инфраструктурата на ИКЕА. Не можеш да користиш своја инфраструктура при ваков процес бидејќи тоа е екстремно тешко во голема компанија. ИКЕА има многу добра функција и структурни процеси што работат одлично, но само ако си дел од нив. Ако си надвор, тешко е да влезеш во приоритетите и процесите. Ни требаа три години за тоа. Нашата социјално-претприемачка иницијатива стануваше сè позабележлива, сè повеќе луѓе беа свесни за нас, успеавме да ги издигнеме нашите партнери да имаат повеќе производи, да опфаќаме поголем пазар со нив. Останавме мала група, не се проширивме во број на луѓе, но се проширивме со начинот на работа затоа што сега постратегиски и тактички планираме и ги градиме внатрешните системи, ги поврзуваме тимовите за развој на производи и претпријатијата низ светот – споделува таа.
Лидерство преку инспирација
Гунарсон ја споредува работата сега, кога ИКЕА е партнер со социјални претпријатија од Азија – Индија, Индонезија, Виетнам, Јордан, но и од различни земји од САД и од Европа, со почетоците.
– Многу е интересно и инспиративно ако се земат предвид нашите почетоци и сега. Тешко е да водиш кога немаш целосен мандат за тоа. Немаме мандат за развој на производи или за менаџирање на партнерствата, тоа е дел што припаѓа на набавките, но имаме мандат за да поставиме насока, цели и тактика. Тоа е начинот на кој ние водиме, преку инспирација, свесност и осигурување дека луѓето што работат преземаат одговорност за резултатот и чувствуваат припадност и сопственост. Само така работите можат да растат. Затоа е важно да им се дадат тие предуслови на луѓето со кои работите – да ја чувствуваат сопственоста. За мене, херои на нашата организација се сите луѓе што преземаат акција, од продажба, техничари, тие што работат директно со партнерите, тимот за развој, тие се мои херои затоа што преку нив се остваруваат целите.
Посочува дека секогаш е предизвик да се донесе нов начин на размислување, да се приспособи постојниот бизнис-модел за да се создаде нешто ново, поголемо, кое ќе донесе општествено влијание.
Секогаш согледајте ги можностите што се нудат
Прашана за најважните сегементи на бизнис-еволуцијата и на пазарната еволуција – сплотувањето на бизнисот со општествената одговорност и неизбежните точки од кои треба да се почне, таа посочува дека секогаш треба да гледаме во можностите.
– Можностите што произлегоа од дигиталното присуство, пред сè, лежат во содржината, вистинската содржина што можеме да ја прикажеме на интернет. Споредено со каталог, на пример, можеме да отидеме многу чекори понапред, да воспоставиме интеракција со луѓето, да градиме нешто заедно со нив. Се навраќам на една смешна анегдота од тогаш кога не можевме да им објасниме на луѓето колку е, во суштина, голем нашиот веб-сајт. Така, ги пренесовме сите чекори на хартија, со сите потстраници. Потоа, менаџерот се шеташе наоколу со неколку метри хартија, со цел да се разбере колку многу содржина постои на веб, која е потребно да се уреди, да определиме буџет за одржување, за дополнителна содржина, за да го развиваме. И потоа дојде менаџерот на каталогот и го покажа печатениот каталог од стотици странци, наспроти илјадниците листови од веб-страницата. Тоа беше добра визуализација затоа што беше презентирана комплексноста, но и длабочината што ја презентираш пред светот. Затоа е интересно да се посочи на тоа каде бевме пред 15 години, кога, едноставно, немавме знаење.
Рачна изработка што решава општествени предизвици
„Он иквал трмс“ е активност што компанијата ја реализира во партнерство со „Да ги спасиме децата“ (Save the Children).
ИКЕА придонесува со тоа што овозможува простор каде што младите луѓе можат да се собираат, да учат и да се дружат, а понатаму и да ги поддржи при нивно вработување. Се одвива во области во Шведска каде што живеат социјално исклучени луѓе. Соработката датира од 1994 година, кога организацијата ѝ помогнала на ИКЕА да го создаде кодексот што се однесува на детски труд, а оттогаш се развива во повеќе насоки. Дел од оваа соработка се и познатите активности со изработка на кадифени играчки, кои се инспирирани од цртежи од деца.
„Локал ту локал“ е уште еден од проектите што ѝ се драги на Ен Софи. Соработката со локални производители од Европа и од САД, носи можност за локалната заедница, преку социјални претпријатија што се фокусирани на општествена промена, да дистрибуираат за различни видови колекции со употреба на текстилни остатоци, кои, инаку, би завршиле во отпад. Овие производи се продаваат во локални продавници на ИКЕА.
„Мархаба стег“ е социјален бизнис што работи со имигрантки што живеат во Шведска, кои, инаку, не би можеле да си го најдат своето место на пазарот на труд. Клиентите можат да изберат од ткаенините што ги нуди ИКЕА, а преку оваа организација, се шијат навлаки за перници и завеси направени по мера.
Иницијативата преку која се интегрираат бегалци на локален бизнис-пазар во Јордан е уште еден од многуте примери на партнерство на ИКЕА со социјалните претпријатија. Целта е да се придонесе кон егзистенција на бегалците и, особено, на жените од Јордан, преку фондацијата „Јордан ривер“. Жените од Јордан, кои се разведени, не добиваат пари од поранешните партнери, а имаат повеќе деца за кои се грижат. Вклучувајќи ги производите што ги изработуваат овие жени на пазарот на ИКЕА, се овозможува да заработуваат и да си го подобрат животот. Тие се вешти во рачно ткаење килими и везови, техники што се користеле со генерации во Јордан.