Лице в лице тема, Магазин

Социјалното менторство и иновации – мост до инклузивно општество

– Научив дека улогата на социјалниот ментор е да биде како птица. Таа може да зумира и да одзумира. Таа е врската меѓу небото (можностите) и земјата – вели социјалната менторка Ема Тодоровска од Aсоцијацијата за истражување, комуникации и за развој „Паблик“, која работи со продавачите на „Лице в лице“.

Нејзина колешка од Косово Арлинда Заими споделува дека социјалните ментори се агенти на промени, додека Ајка Ровчанин од Босна и Херцеговина нагласува:

– Социјалното менторство значи менување на перцепциите за потребите на другите луѓе во општеството.
Овие жени, освен што доаѓаат од соседни земји на регионално ниво, се меѓу десетте од првата генерација што поминаа обуки за социјално менторство на „Паблик“ и на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ).

Илустрација: Мартина Талевска

Индивидуализиран пристап што ветува резултати

Нивните впечатоци по шестмесечните обуки се свежи, и, пред сѐ, ветувачки. Научиле вештини, собрале искуство, но, уште поважно, тие дел се од процес што дава поддршка при работна интеграција на ранливите групи. Овој пристап е иновативен и индивидуализиран во комбинација со соработка со бизнис-секторот за да се развиваат соодветни социјални услуги.- Кога почнав со обуката, веќе работев со лица со попреченост. Но, сега знам дека не треба да направиме промена само во еден сегмент, туку во целиот систем. Научив како функционираат претпријатијата, а преку соработката, согледувам и како можеме да придонесеме кон демократско општество со еднакви можности за сите – вели Јелена Станковиќ, социјален ментор од Србија.

Луљета Нухија од Косово работи со лица со Даунов синдром. Бенефитите од социјалното менторство се големи, вели таа, а сега се чувствува многу посилна, но и полезна. Посебно со фактот што успеала да вработи две лица.

– И тие се посилни. Ова е процес, мост на соработка. Сега јас сум мостот – вели гордо таа.

Од ГИЗ, друштво што работи на социјални права на ранливите групи на Западен Балкан, сметаат дека социјалното менторство треба да ни ги отвори очите. Особено за ранливите луѓе.

-Не само со социјална помош преку субвенционирање на ранливите групи, туку со поддршка за реинтеграција на ранливите групи во работниот живот. Тука сме усогласени со целите за одржлив развој на глобално ниво – вели Давид Оберхубер, директорот за Косово и за Северна Македонија во ГИЗ.

Социјалното менторство е методологија што ја разви „Паблик“ во соработка со ГИЗ, чијашто цел е интеграција на пазарот на труд на лица што тешко можат да се вработат тргнувајќи од афинитетите на поединецот. Таа преку своите алатки овозможува индивидуалците да го препознаат својот потенцијал, кој ќе биде ставен во служба на потребите на компаниите. Во исто време, методологијата подразбира подготовка и на компанијата за соодветна интеграција на лице што тешко може да се вработи.

За природата на процесот на социјално менторство раскажува и Денис Шиљак, менаџер на СОС детското село од БиХ. Тие најчесто работат со деца без родители или со млади луѓе од ризична група, за кои постои можност да изгубат родител или старател. Тој сподели податок на УНИЦЕФ дека постојат 120.000 луѓе од оваа категорија од БиХ.

– Бројката, можеби, не е изненадување, но е огромна! Ние им помагаме во социо-економската интеграција во секојдневното живеење и, воопшто, на локалните заедници – нагласува тој.

За нив, социјалната интеграција е поврзана со економско окрупнување и унапредување на можноста за вработување на младите луѓе. Затоа почнале програма за поддршка на млади луѓе за градење на нивните вештини според методологија што потекнува од Холандија. 

Најчесто се обидуваат да им најдат место каде што ќе имаат можност да бидат практиканти. Ова, вели Шиљак, е важно, ако се знае слабиот пазар на труд и дека дури 45 отсто од младите луѓе наоѓаат работа на сивиот пазар, изложени на ризици, без потребно искуство за да најдат нормална работа.

-Ако прескокнам куп проблеми од пандемијата, се соочуваме со ситуација во која владата дава субвенции за одредени категории луѓе, но тоа крпи одреден период, а потоа луѓето ги губат работните места. Лична аспирација ми е ваквата методологија да биде официјална бидејќи обезбедува персонализирана работа. Тоа е нешто што треба да го прифатат агенциите за вработување, а не само невладините организации – констатира тој.

Социјални услуги во согласност со потребите на локалната заедница

Социјалната економија во земјава има долг пат, но некои чекори поврзани за услуги од социјалните претпријатија се веќе направени. Особено, ако се земат примери како заедницата „Покров“ во Струмица. Таму, од една страна, се даваат услуги за лицата што имаат проблем со зависности, но истовремено се вклучуваат во работна терапија преку органско производство на храна. На тој начин, се генерираат дополнителни средства и за организацијата, кои таа ги вложува во својата мисија.

Во Македонија се прошируваат дебатите и проектите за социјални услуги на локално ниво. Демир Капија е една од првите општини што направи локален социјален план. Формираше и Совет за социјална заштита. Во соработката со провајдери од граѓанскиот сектор, тие ќе ја обезбедат услугата за помош и нега во домот за стари и исцрпени лица, како и лична асистенција на лица со попреченост.

-Поддржувачи сме на деинституционализацијата на лица со попреченост од специјалниот завод. Имаме неколку станбени единици и би сакале да се отворат уште. Тоа е победничка ситуација – се вработуваат луѓе од општината, даваат услуги на ранливите категории, кои, пак, стануваат рамноправни и ќе имаат можност за поубав живот – вели градононачалникот на Демир Капија, Лазар Петров.

Раскажува и за други случаи што произлегле за времетраење на пандемијата. Наишле на проблем  соочувајќи се со состојбата дека примарно имаат само двајца матични лекари во Демир Капија, додека најблискиот град е на 20 километри.

– Увидовме дека луѓе изложени на социјален ризик немаат сопствени возила, па некој треба да ги однесе дотаму. Не е добро да одат со градскиот превоз за да не заразат други. Сега сме во координација со лекарите. Зедовме комби, го преградивме и им помагаме на луѓето, без разлика дали ќе одат на инфузија, на лекување или тестирање. Таа услуга се врши двапати во денот, со комби со возач од општината – раскажува Петров.

Заменик-раководителката на секторот за социјална заштита при Министерството за труд и социјална политика, Софија Спасовска, тврди дека со новата реформа системот на социјална заштита е отворен, а не пасивен – се вклучуваат сите даватели на услуги, општините, бизнис-секторот и граѓанските организации.

– Иноватативните услуги ги ставивме и во законската регулатива, токму затоа што социјалната услуга е динамичен процес, тие треба да ги следат потребите на граѓаните, индивидуално и на одредена група за да дадат одредени ефекти – нагласува таа.

Социјалните услуги што ги бараат општините најчесто се за повозрасна група граѓани, потврдува Спасовска, а иновативни има помалку. 

– Не се многу, но, сепак, се значајни. На пример, имаме иновативна услуга за социјална интеграција за жртви на семејно насилство. Во Шуто Оризари имаме тип на ресурсен центар што би ги прифаќал сите ранливи групи и би ги упатувал до одредена услуга – вели таа.

Солидарноста и соработката – стартна точка за социјални иновации

Анет Скопета, земеник-директорката на Европскиот центар за социјална политика од Австрија, нагласува дека на социјалните иновативни услуги треба да се гледа во поширока смисла. Да се следи локалниот контекст, паралелно со актуелните состојби и потреби. Постојат мали акции и мали социјални иновации, но и големи, кои се двигатели на општеството.

– Меѓу големите се почетоците на задолжително образование уште во 1800 година, со политиката на Марија Тереза во Австрија. Има и мали иновации што ги гледаме секојдневно. Тие имаат потенцијал да пораснат, а се поврзани со кризата предизвикана од ковид-19. Ме трогна солидарноста во времето на првите карантини. Важни беа ракоплескањата во Италија, во Австрија се нудеше помош за соседите, тоа, веројатно, се случуваше насекаде. Солидарноста и соработката се втемелени во сите нас. Тоа е почетната точка за социјалните иновации – нагласува Скопета.

Редизајнирање на работните места 

Кога зборуваме за иновитивна социјална практика, Скопета укажува на тоа дека не треба да се има предвид само социјалниот аспект, туку и образованието и економската состојба на целната група, квалитетот и одржливоста на работните места. Не е важно само да се креира, туку и да функционира и во иднина. Зборува и за иновациите како приспособување и редизајнирање на работните места (job carving и job crafting).
– Приспособувањето се однесува на практика за преуредување на работните задачи во компанијата. Да сe креираат работни места во согласност со талентот, потребите и силните страни на вработените.  На пример, како Малта. Таму Агенцијата за вработување имаше ментори во компаниите, кои вршеа обуки и работеа поединечно со вработените. Од април 2018 година беше овозможено да се креираат 278 работни места погодни за луѓе со попречености – вели Скопета нагласувајќи дека социјалните иновации се широк поим, но вклучуваат нови решенија што функционираат.

Инклузивен претприемач – брендинг за компаниите што вработуваат ранливи категории

За инклузивна работна практика говорат и искуствата на „И Диверсо“ од Белгија. Ова е иновативна компанија со услуги за интеграција на ранливи категории на пазар на труд – работејќи со ранливите категории, но и со компаниите. Ги засилуваат компетенциите на ранливите луѓе и го поддржуваат нивниот пат кон вработување. За претпријатијата, пак, го надополнуваат недостигот од работни места. До 2015 година функционирале како дел од граѓанска организација.
– Моравме да го смениме менталниот склоп, од тоа дека примарни клиенти ни се ранливите групи. Но, ако сакаме да ги поддржиме, треба да работиме и со работодавците. Треба да им пристапиме како на клиенти – што можеме да сториме за вас –  вели Би Бајненс од „И Диверсо“.

Првично нуделе бесплатни обуки, но фирмите не биле заинтересирани. Потоа понудиле одговор на проблемите на работодавците – преку индивидуални средби, слушајќи ги нивните потреби. За да го зголемат своето влијание, користеле социјални мрежи, нов сајт, а на работодавците што ќе вработат ранливо лице им нудат профилирање како инклузивни претприемачи.

– Стручност ни се долгорочно невработени луѓе. Решението нема да ги чини ништо бидејќи имаме задача од властите да го правиме ова бесплатно. Владата потоа ни плаќа. Сепак, со парите се занимаваме на крај. Се концентрираме на прашањето зошто го правиме ова. Сакаме промени и можности за овие групи на пазарот на трудот – дополнува Вим ван Амел од „И Диверсо“.

Посилна поддршка за социјалните претпријатија и за инклузивното претприемаштво

Скопета вели дека социјалната инклузија е дел од агендата речиси во сите земји, па затоа имаме политика за активно вработување.
-Ранливите граѓани се најпогодени и затоа треба да направиме посебен осврт на тие лица со цел да ја ублажиме кризата и да обезбедиме мерки. Но, понекогаш успехот е ограничен затоа што има структурални проблеми и ограничени средства во буџетот. Сите заедно треба да работиме за да ги решиме ваквите проблеми – институциите, центрите за социјална работа, корисниците – вели Скопета.

Според Ајка Ровчанин од Институтот за развој на млади КУЛТ од Босна и Херцеговина, сѐ уште постои борба во Западен Балкан и предизвици за организациите што работат со социјални теми.  Имаат експертиза, знаат како, завршуваат одлична работа во практика, но, сепак, им недостигаат финансии и се обидуваат да најдат средства од меѓународни донатори.

– Работам на подобрување на капацитетите и на финансиска и организациска одржливост на седум центри за услуги. Тоа се невладини организации што работат со деца со посебни потреби и со нивните семејства. Сите најчесто се соочуваат со предизвик – финансиска одржливост. Доколку престанат да постојат, тоа ќе биде загуба за општеството, особено за локалните заедници каде што се присутни – вели таа сметајќи дека институциите треба да бидат основниот извор за финансирање. Според Ирена Јакимовска од македонската компанија „Комфи Ангел“ се работи за еволутивен процес. За да им се пристапи на луѓе и да им се дадат еднакви можности, треба да се создаде конкурентност и кај приватниот сектор.
– Во последно време во Македонија општествено одговорните компании се почитувани од населението и од деловниот сектор. Па, така, доколку не се приклучат и другите, ќе заостануваат и ќе преземаат мерки за да фатат чекор. Не работиме само за пари, тоа е нешто што остана во минатиот век – вели таа.

Напишете коментар