И човек што страда може да им помага на другите
Да се биде помагач е да се биде привилегиран да им се дава поддршка на тие на кои им е потребна. Тоа, понекогаш, значи целосно предавање на мисијата на помагањето и можност да се доживеат сите позитивни промени на битието со кое си и на кое, можеби, му претставуваш една од ретките личности што никогаш не се откажала од него.
Помагачот, кој може да биде психолог, психотерапевт, социјален работник… често нуди еден поинаков модел на грижа и на поддршка и го води процесот на повторно родителство за клиентот со цел да му овозможи малку поинакви модели на грижа во олку отуѓено општество.
Живееме во свет на многу кратки интерперсонални интервенции и доколку некоја не дава резултат веднаш, тежнееме брзо да се откажеме. Веројатно не се откажуваат само тие што биле таму, кои го преживеале тоа, тие што се свесни дека без поддршка и соодветна помош тешко се пребродуваат и најмалите кризи. Затоа, многу е потребно помагачот да биде свесен за своите страдања и да ги ослободи.
Пандемијата донесе ранливост и за помагачите
Најголемата ранливост кај помагачите, периодов, многу повеќе потекнува од личниот контекст и приказната на помагачот, отколку од неговиот професионален контекст. Ова беше заклучено од 80-ина психолози и помагачи, кои во рамки на Денови на психологијата 2021 година: Еден за сите и сите за еден (како дел од вебинарот на тема „Ранетиот терапевт: мудроста на раната“), разговараа за нивната ранливост, посебно нагласена во периодот на пандемија.
Се отворија прашањата: Зошто пандемијата донесе толкава ранливост и за помагачите? Зошто нејзината специфична присутност во животот на помагачите придонесе тие да станат уште посензитивни и посвесни за сопствената сила, но и за сопствената слабост? Зошто на површина, и во свесност, ја донесе нивната ранливост? И како таа директно влијае врз намалување на професионалната подготвеност да се помогне? Како помагачите да ја слушаат и да учат од својата ранливост и да ја користат за многу посоодветна и поавтентична, похумана релација на помагање и на поддршка?
За да ја разбереме реалноста, споделувам личен и професионален контекст на помагачите што ја генерираат таа ранливост.
Глобалноста на феноменот на пандемија
Пандемијата ни се случува на сите, без разлика кој на која позиција и во која улога се наоѓа. Помагачите се дел од сите случувања и се внатре со другите. Сепак, тие и понатаму продолжија да помагаат, и покрај изменетите услови. Тоа, секако, влијаеше да се промени и процесот на давање помош.
Изменети услови на нудење помош
Потребата за физичка и за социјална изолација, дистанцирање, бесконтактна практика на комуникација, ограничени визуелни контактни информации, придонесоа за, дотогаш, неискусени услови за остварување релација за нудење помош. Оваа изменета ситуација, исто така, предизвика зголемена потреба за помош, како и потреба за пронаоѓање нови начини на нудење помош и поддршка.
Нелогични, а, сепак, принудни адаптации и промени во начинот на нудење помош
Помагачите почнаа да го менуваат начинот на нудење помош и поддршка што не беше секогаш лесно и сфатливо. Беа спречени да ги користат моделите што ги користеа досега. Местото и позицијата од која се нуди помош е неопходно посоодветно да се приспособи на потребите на ситуацијата, но и на клиентите, на нивните разбирања, сфаќања и емоционална реакција на ситуацијата. Новите начини многупати се покажуваат како нејасни, ограничени и недостапни и оставаат многу помагачи и клиенти без можноста да ја дадат, но и да ја користат поддршката во услови што им се возможни.
Реални закани и загуби
Овој аспект влијае врз членовите на најблиските заедници и на семејствата, и на помагачите и на клиентите, кои дотогаш биле дополнителен извор на поддршка и ресурс.
Интензивиран и одолжен стрес
Овој делне зависи од самите помагачи, туку е активиран од контекстот на колективно страдање, неизвесност и незадоволство. Поради тоа, со цел да научи да ја носи оваа обременетост, помагачот мора да научи и да развие дополнителни вештини и практика на зачувување на сопственото менталното здравје и на менталното здравје на тие со кои работи.
Сите дотогашни случувања во животот
Овој дел е неповрзан со глобалниот феномен на пандемија. Ваквите случувања дополнително го активираат помагачот на одредена и нему специфична борба за соочување, а доаѓаат од неговата лична животна патека и развојни случувања и предизвици. Овој пат, тие се дополнително обременети со ограничениот пристап до ресурси и контакти што во поинакво време многу полесно би ги користеле.
Ранливоста поттикнува поврзување и поддршка преку разбирање
Се смета дека знае да помогне тој што го поминал патот, ја почувствувал болката и знае да понуди поддршка од една своја пр епознаена позиција на ранетост. Ранетоста кај помагачите е иста со таа кај клиентите. Разликата е дека помагачот има изградено поголеми внатрешни и надворешни ресурси на поддршка, кои знае да ги освести и употреби во момент на потреба. Воедно, многу побрзо знае да препознае кога се активира емоционалното процесирање на страдањето и да дозволи тоа да се случи така што нема да го исцрпи, туку ќе го засили и мотивира. Помагачот не се плаши од своите ограничувања и страдања. Јасно комуницира со нив и ги користи. Тој не се крие од надојдените емоции, им се радува и ги користи во релација со клиентот за да го запознае со реалноста на процесот.
Еве некои аспекти на гледање на ранливоста на помагачот како место на иновација, креативност и промени, како што ги дефинира и истражувачката и писателка Брене Браун.
Ранливоста поттикнува поврзување и поддршка преку разбирање. Преку споделување на сопствената ранливост и останувањето отворени другите да ја видат и доживеат, како помагачи, моделираме слика за нашите клиенти дека е во ред да се побара и добие помош во даден период на животот. Во исто време, тоа значи и активирање на нашите сили на заздравување и на раководење со нашата ранливост преку повикување на личното искуство. Доколку ние тоа го препознаеме и искористиме и нашите клиенти ќе го препознаат и искористат за себе.
Ранливоста на помагачот и начинот на кој ја препознава и користи во релација на тој кому му помага, го презентира процесот: различната присутност и течението на болката низ различните клисури на страдањето. Таа само посилно нѐ враќа кон себе и потсетува на тоа што го имаме заборавено за себе. Ја поткрева нашата моќ и толеранција на непријатното. Ја храни нашата верба во возможното, дека и ранет човек, човек што страда, може да верува и да им помага на другите.
Ранливоста на помагачот го нормализира страдањето на тој на кој му помага. Кога сме на позиција на некој кому му треба помош, често ја митологизираме самата позиција како место на кое има простор само за слабостите, за маните и за девалвацијата. Помагачот е некој што знае, препознава, може да даде, од кого може да се очекува, да се земе, да се искористи. Кога, пак, помагачот страда и е ранет, тогаш уште посилно ја валоризира нормалноста дека е „во ред“ да се страда, но, и дека е „ок“ да се добие помош за еден ден, во даден момент, да се излезе од единствената позиција на добивање помош.
Ранливоста коегзистира со благодарноста на живеењето
Ранетиот помагач, исто така, препознава и добива огромна поддршка од тој кому му помага. Кога ќе дозволи да се случи тоа, тој му обезбедува на својот клиент да практикува малку поинакво однесување, однесување кон надвор, кон околината, да ја прикаже и презентира сопствената сила за помагање и поддршка. Тоа силно влијае на самодовербата кај клиентот и означува голема доверба во неговите капацитети да ги води и сопствените процеси. Ваквата можност го вади клиентот од неговата единствена позиција на тој на кој единствено му е потребна помош во позиција на некој што може да помогне и да си помогне, кој е способен, кој може, кој знае.
Животните процеси коегзистираат еден до друг, како што ранливоста коегзистира со благодарноста на живеењето. Едното не го исклучува другото, туку го надополнува. Како што животниот оптимизам нѐ дефинира, така нѐ дефинираат и нашите лузни од нашите страдања. Нашите лузни говорат за секојдневниот хероизам на живеењето, ја разнебитуваат илузијата на совршениот живот и семоќ, ги носат многу поблиску до нас доживувањето и контролата на реалниот живот. Од болката учиме да дишеме и живееме, од радоста и благодарноста учиме како да го почитуваме животот и неговите дарови. Единствено така ние не се плашиме и се препуштаме на теченијата на животот. Единствено така не се обидуваме да го контролираме тоа за што немаме капацитет и волја и гледаме во тоа што е наше, тоа што е наша одговорност и наша мисија, тоа што може да го раководиме.
Ќе завршам со една мисла на познатиот писател Руми, кој вели дека раната е единственото место низ кое светлината влегува внатре во нас и нѐ осветлува. Уште поинспирирана и од една моја драга колешка, која на вебинарот додаде дека раната е местото низ кое нашата светла тага излегува надвор за да го осветли светот. Можеби тоа е приказната на помагачот, со својата рана и со искуството на страдањето да го осветли светот на тој кому му помага и да му даде пример и тој да биде светлина за другите.
(Авторката е психолог-психотерапевт од „Психотерапика“- Здружение за психологија и за психотерапија)