Лице в лице читална, Магазин

Со духовите се патува илјадници километри…

Децата ќе го спасат универзумот

„Колку сме отворени за нови, чудни, невообичаени луѓе и доживувања? Колку е нашиот ум отворен да влеземе во еден необичен, поинаков свет од нашиот, а многу едноставен, реален и секојдневен за некој друг. Колку сме подготвени да го разбереме светот на едно исклучително интелигентно дете, Исак, кое е главен лик во книгава, или, пак, светот на неговата пријателка Махута, која, како што вели авторката во книгата, „е дете од друг ѕвезден систем“. Или, пак, можеби да го разбереме секојдневието со кое се соочува детето Оги од книгата „Чудо“ на Р.Џ. Паласио, кое е родено со вродена аномалија. И дали, можеби, би поминале барем еден ден со Игор, лице со Даунов синдром, кој е продавач на „Лице в лице“ во „Порака Нова“, со цел да влеземе барем накратко во неговиот свет и да се видиме себеси преку неговите очи, како ние го доживуваме него. 

Ако порано за некој да беше слушнат, разбран и прифатен требаше да биде возрасен, образован, со големо искуство и изграден авторитет, денес баш и не е така. Сведоци сме до каде го донесовме светов од слушање авторитети и со ископирано реплицирање на нивното искуство, без притоа да внесеме барем трошка сопствена иновација. Дојдовме до степен планетата да нѐ моли да ја спасиме, а куршуми и пискотници да ни се единствената музика што ја слушаме. Исклучителните деца мораа да ја преземат работата во свои раце. Така се појави Малала, која на 14 години, борејќи се за образование за женските деца во Пакистан, беше застрелана од Талибанци. Така се појави Грета Тунберг, која од дете е меѓународно позната по тоа што ги предизвикува светските лидери да преземат итни мерки против климатските промени. Вакви исклучителни деца ќе се појавуваат секојдневно. 

И, си велам, Исак, сигурно, ќе најде исклучителни, невообичаени, чудесни, волшебни, посебни, чудни, срамежливи деца, кои ќе имаат слични интереси, да внесат значителни промени во светот. Нивните социјални иновации, дигиталната трансформација, прифаќањето и разбирањето повисоки духовни вредности, ќе внесат суштински општествени глобални промени.

Последната порака што Мери и Кики ја испраќаат преку мајката на Исак е дека децата ќе го спасат универзумот, а јас верувам во тоа“, истакна во своето обраќање промоторката на книгата, Анита Гаговска.

Исмајлоска: Исполнување дамнешен сон

„Сребрениот дух на езерото сонува“ е резултат на проектот „Нов бран детски книги“ на ИНКА од Струга. Радост е што текстот го гледам меѓу корици, тоа е исполнување на еден дамнешен сон за своја книга за деца. Во неа се вплетени доживувања од детството, кои, и од оваа перспектива, сѐ уште се инспиративни. Исак и Махута, носечките детски ликови, суптилно ја навестуваат мојата идеја за другите светови, утопијата, што е мудроста… преточени низ текстот и низ магичните илустрации на Христијан Томаноски, вели Исмајлоска заблагодарувајќи му се на „Лице в лице“ за можноста книгата да допре до повеќе читатели.

Мамо, страв ми е.

Од што мило?

Сонував повторно, истиот сон, го сонував духот на езерото, тој за кој ми кажуваше дедо.

Исак душо, тој дух, кој спие со планктоните стари еден милион години и кој ги сонува соништата на езерото. Тој дух не е страшен.

Но, мамо, тој и изгледа како планктон. Ме плаши неговиот изглед и приказните што ми ги раскажува. Кажува дека, многу многу одамна сонува со езерото. Тој е и стар колку езерото, што значи многу многу стар, меѓу најстарите. Ги знае сите негови тајни. Дедо вели дека само посебните можат да ги разберат тајните. Не ме плашат толку тајните, туку тоа што значи да си посебен. Мамо, јас не знам што значи да се има пријател. Чуден сум им на децата од училиште зашто ги сакам духовите и ѕвездите. Ме плаши, но и ме привлекува сребрениот дух на езерото.

Мило мое, ајде да цртаме. Нацртај ми го духот, а потоа со својот цртеж ќе се фалиш на дедо ти. Сигурно ќе го стави и на ѕид.

Исак го зеде блокот, својот омилен дрвен молив и нацрта: исак.

Мајка му го гледаше тоа. Ѝ личеше на некаква рипка од друга планета, но никако на нешто од Земјата. И тогаш се сети. На приказните што нејзиниот татко ѝ ги кажуваше како дете. И си помисли, сега и нему му ги кажува, на Исак. Тоа ѝ донесе насмевка на лицето. Исак, дете, му рече, тој дух не е страшен, ти велам, го познавам. Исак набрзо сфати дека не го плаши толку духот и неговиот изглед, колку што го плашат другите деца кога им раскажувам за него. Затоа веќе не сакам да го сонувам, ќе му го кажам тоа следниот пат.


Мајка му го слушаше, сочувствуваше со него, но во исто време тивко се радуваше бидејќи знаешe што направи тој дух за неа, кога таа беше дете. Ја разбуди за да сонува. Пред татко ѝ да ѝ каже за него, интензивно го читаше Жил Верн. Неколку пати ја прочита „Децата на капетанот Грант“. Преку неа си ги потврди своите знаења по географија. Беше заедно со нив, патуваше заедно со нив, беше ликовите во книгата. Приказната, навидум, едноставна. Мери и Роберт Грант, носечките ликови во книгата, се обидуваат да стигнат до својот татко. Тој е изгубен при една од своите пловидби. Пораката, како во добрите морнарски приказни, е најдена во шише, а географските координати не можат да се прочитаат целосно. Со помош на својот пријател, мајорот Мак Наба, и случајниот сопатник Жак Паганел, тргнуваат за Патагонија. Читајќи го тоа мајката на Исак ја чувствуваше Патагонија како земја од соништата, колоритна, богата со вода, пејзажи што и возрасна ги паметеше… имаше толку многу музика што ја поврзуваше со тоа место, затоа чувствуваше носталгија кога читајќи ја книгата ја напушти Патагонија и помина низ Кордилјерите и Пампасите. А и тие, волшебни, чита и ѝ запира здивот. Дури и возрасна, го памети восхитот од таа книга. Начинот на кој Мери и Роберт стигнуваат до својот татко на островот Табор е испреплетена со одложување и со непријатности, но и со, навидум, случајности, кои и најмногу ќе помогнат да се стигне до посакуваната цел. Си прикажуваше со Исак за Жил Верн, знаеше дека тој ја прочита „Зелениот зрак“ веднаш штом научи да чита, на само четири години. Уште тогаш веруваше дека феноменот на последниот сончев зрак, кој на чиста океанска површина без облаци е зелен, може да му ја донесе мудроста да оцени каков е секој човек само од неговите очи. Мајката на Исак знаеше нешто повеќе, знаеше дека тоа доаѓа од срцето, а зелениот зрак беше само показател дека тоа е можно.

Знаеше дека тоа што беа морските патешествија за неа, за Исак беа вселенските. Затоа му се радуваше на духот, кој Исак го чувствуваше со цела душа, толку силно, што понекогаш го плашеше. Духот нејзе ѝ помогна да ги пропатува морињата, на Исак ќе му помогне да ја пропатува вселената.

Одиме да пливаме, му рече мајка му.

Го сакам ова циганско лето, додаде штом влегоа во водата. Водата памти, го памти секој наш замав со раката, памти времиња кога не сме биле тука, го памети и сопственото создавање. Таа е во нас. И ние сме вода.

Мамо, бе, се насмеа Исак, од каде го знаеш сето тоа, по малку ме потсетуваш на старите книги, кои дедо ги чува на мансардата од неговата куќа. Исак се нурна во брановите. Речиси истовремено излезе заедно со една езерска змија, од која не само што не се плашеше, туку и ѝ се радуваше. Знаеше дека тоа значи дека водата е навистина стасана за пливање, а знаеше и дека змијата нема да го повреди. Змијата си продолжи по некој свој пат и набрзо се сретна со уште една и заедно се изгубија во длабочината на езерото. Ќе се скријат низ камењата, дел од карпите што величествено стојат околу езерото. А, таму во најдлабокото, на 288 метра, велеше дедо му, сонува сребрениот дух на езерото. Исак и мајка му испливаа на брегот, на една од каменестите плажи. Таму насмеани и ведри почнаа да ги прераскажуваат приказните за езерскиот дух.

Една од нив раскажуваше за езерата на Титан, најголемиот сателит на Сатурн. Исак обожаваше да ги прави планетите од Сончевиот систем со пластелин, а Сатурн со своите прстени му беше омилена. Го сакаше универзумот и веруваше дека таму некаде има некој што би можел да му биде пријател. Би било премногу себично да не е така.

Сатурн му беше омилен токму и поради Титан и едно од неговите езера, кое се викаше како Исаковото, Охридско Eзеро, кое имаше свој безбоен дух што сонува. Беше брат на овој на Земјата. Исак ги разбираше нивните игри, нивните соништа беа дел од неговиот сон од кој истовремено и се плашеше, но и восхитуваше. Така седнат со својата мајка на брегот, уживаше во прераскажувањето на неговата дружба со нив. Ах, оној дедо ти твој, му велеше, ќе го скршам. И јас на твои години ги голтав неговите приказни. Особено за постоењето на духовите. Дедо ти бил кај Индијанците, од нив научи да ги слуша духовите, на планините, реките и, особено, на езерата, особено на нашето. Од нив научи дека со посредство на духовите може да се патува со илјадници километри, а во исто време да се остане на истото место. Исак ќе мора да помине низ таа иницијација, беше предодреден да ги запознае духовите на нештата. Неговата душа уште од раѓање ги имаше печатите на претходните животи, а, во еден од нив, добро му беше познат повикот на сонувачот на планината Оријах. Приказните на дедо му, обично, почнуваа или завршуваа со рецитирање на тој повик.

(Извадок од книгата „Сребрениот дух на езерото сонува“ на авторката Мерсиха Исмајлоска, издание на „Бата прес“ . Илустрации: Христијан Томаноски.
Делото може да се најде во книжарниците на „Литература.мк“, или да се нарача преку интернет на: kupkniga.mk)

Напишете коментар