И јас бев Вишни
И не се двоумев, буквално и метафорично, со леснотија ја носев празничната носија на жените од Вишни. Чиста, мека, шарена, да разубави… Со леснотија ги носев и чапраците на баба ми, симбол на моите жени предци, ги чував за посебна прилика, она кога ќе морам да проговорам за себеси. Вишни ми ја даде таа можност. И зборувам… Од Друга станав Прва.
Мерсиха Исмајлоска
Фото: Кристина Затуроска
Постојат мигови кога човек треба да истапи напред и да (по)каже кој е. Еден од тие мигови за мене беше чествувањето на Св. Спаса од Вишни. Први и втори јуни, 2022 година.
Родителите на своето дете треба да му дадат две работи: корења и крилја. Моите ме научија да ги почитувам сите религии. Затоа, привлечна беше помислата да учествувам на чествувањето, но соочувањето со целиот чин – беше интензивна средба со себеси, една од оние средби со Вистината. Средби кои се чувствуваат цел живот, а доаѓаат така непосредно. За кои треба храброст и многу многу солзи…
За Вишни и Вишенци, Св. Спаса е многу важна. Постои верување дека бегајќи од Османлиите, било нужно да се оддели од својот брат Спасе. Таа избегала накај Вишни, тој накај Вевчани. Денес се сеќаваме на нив преку пештерската црква Св. Спаса во Вишни и Св. Спас во Вевчани, двете прегрнати од Јабланица, планината која како дете обожавав да ја гледам од балконот на моите родители и која беше дел од приказните пред спиење. До ден денес постои верување дека за време на зимскиот празник воспоставен заради печалбарите за да ги штити Спасителот, навечер може да се види сноп светлина на небото од едното до друго село. Тоа им се дава на оние кои веруваат, а Вишенци се тоа…
Љубовта нема религија
Неодамна ми се јавија и ме замолија оваа година да ја носам кутијата со моштите на Св. Спаса на празникот. Занемев од желба, но, и страв, достојна ли сум на тоа…
Поканата дојде по нивната традиција, девојката која ја носела претходната година иконата, следната да ја носи кутијата. Претходната година беше ново и прекрасно искуство, оваа година нова длабочина, и препуштање.
Многу години порано и мои предци бегале од Османлиите. Ја примиле нивната вера, но, не и јазик и обичаи. Дента на Св. Спаса носев вишенска носија и подгоречки чапраци на баба ми. Се молев за жената во мене, за моите жени предци и за сите жени на кои им сум бескрајно благодарна.
Додека го пишувам ова го слушам Ник Кејв и неговата „Во моите раце“, и така се чувствував тие два дена во Вишни, како прегрната од Бога… Тоа е многу убава песна. Напишана во мала црква во Сараево, додека Кејв слушал служба. Иако зборува за тагата и загубата, зборува и за љубовта. Заради неа и јас бев Вишни. Во неа верувам и таа е моја врска со Бог. А таа нема религија. Се огледува во везот на ракавот на носијата од тетка Розе, во филигранскиот прстен кој мајка ми ми го подари, во чапраците на баба ми, составени од двата сребрени змеја изгравирано со лузните на времето. А такви лузни носам и јас. Ми ги направило времето, ми ги прави сѐ уште, секогаш кога сакам да се вклопам, онаму каде и не припаѓам. И горда сум на нив.
Во песната на Кејв која сѐ уште опсесивно ја слушам, тој на едно место вели:
„И не верувам во постоењето на ангели,
Но, гледајќи во тебе, се прашувам дали можеби не грешам,
Но, ако верував, ќе ги повикав заедно,
И ќе ги замолев да те чуваат.“
Има ли поголемо признание на Бог, во неговата непретенциозна присутност, оној кој направи една муслиманка за прв пат во традицијата на празнувањето на Св. Спаса да учествува во миењето на моштите, со вино одбрано од неа, со крв правено за крв да симболизира. За прв пат беше дозволено и мажи да присуствуваат на чинот. За прв пат се одржа и таков тип литургија. Имаше многу пати „за прв пат“, за секогаш да ги паметам зборовите на Отецот, за смртта и стравот од неа и мирисот на темјан. За Оној кој смртта со смртта ја победи. Облечена во носија, уште утрото, на служба, плачев на тие зборови, за да се сетам на оние од Џевлана Мевлана Руми: „Барав во храмови, цркви, џамии. Но Божественото го најдов во моето срце“. А, се кршело, на навреди, на потсмев, на отфрлање, се кршело за да се отвори… Доволно за со цела негова ширина ја прифатам Св. Спаса, и сѐ она што таа симболизира. Со јажиња од див повит се качувала до својата пештера. Миејќи ги со вино нејзините мошти, до мене допре нејзината сила, волја, глас… Како да сакаше да шепне: „дојди таква каква си, не се двоуми при облекувањето“.
И не се двоумев, буквално и метафорично, со леснотија ја носев празничната носија на жените од Вишни. Чиста, мека, шарена, да разубави… Со леснотија ги носев и чапраците на баба ми, симбол на моите жени предци, ги чував за посебна прилика, она кога ќе морам да проговорам за себеси. Вишни ми ја даде таа можност. И зборувам… Од Друга станав Прва.
Како дете имав измислени пријатели, си зборувам со нив за Вселената и колку е таа разнолика и богата со живот. Би било себично да не е така… Денес моите пријатели не се измислени. Една од нив е и Вишенка, и со останатите две често зборуваме за Вишни. Им кажував како уште дете моите ме носеа натаму, трчав низ шумата ја открив Сушица и пештерата на Св. Спаса, удобно сместена покрај неа. Сушица, а и на почеток на јуни богата со вода како и таа да не се двоумела при облекувањето. Донесе дополнителна радост на чинот…
Искуство на различните
Како дете имав и многу книги. Имам и сега, но, тогаш, беа нови, свежи со потенцијал на „младо јагне, со влажни очи“. Се сеќавам на оние кои ми ги носеше мајка ми. Една од нив Bhagavad Gita. Колоритна, полна некои нови приказни толку многу слични на оние што сум ги слушала тука. „Ти си она во што веруваш. Ќе бидеш она што веруваш дека ќе станеш“. Дури Вишни освестив што сум станала. Храбра жена, која наспроти предрасудите одбира да ужива во својот живот…
Книгите денес се на поинаков начин колоритни. Дури и Bhagavad Gita.
Далечната 2006 еден Нобеловец го привлече моето внимание. Се работи за Орхан Памук и неговата „Се викам Црвено“, за која разбрав гледајќи го квизот Милионер на Хрватска телевизија. Добро познатиот Тарик Филиповиќ постави прашање: „Кој е источниот пандан на „Името на розата“ oд Умберто Еко?“ и одговорот беше „Се викам Црвено“ од Орхан Памук, за кого прв пат слушнав тогаш. Опсесивно сакав да го читам, а ми беше забранета да ја читам. Ја избрав слободата наспроти забраната. 2009 одбранив магистерска за неа.
И тоа е една од забраните кои не сум ги послушала и горда сум на тоа. Нешто што никогаш немаше да ми биде забрането да не бев муслиманка. Од оние сум кои го читаат Салман Ружди и кои со крв би го бранеле. Онака како би го одбранила и Михаил Булгаков, Казуо Ишигуро или Маргарет Атвуд. Секој непогоден на свој начин, но, погоден за непроценливо читателско искуство. Искуство на различните…
Ја имам „Се викам Црвено“ на десетина различни јазици, нејзин колекционер сум, и верувам дека ќе ја имам и на многу повеќе…Талкач како и оние на Токарчук, по меридијани и напоредници и низ книги… Таму негде помеѓу е уметноста. Во бегството на некој планина, во бегство во некоја книга. Или двете.
Учам од Галичица и од Јабланица
Добив прекрасна роденденски подарок од сестра ми, книгата „Без граници“, издание на National Geographic која зборува за 25 жени, истражувачки и научнички кои ги споделуваат своите авантури, инспирација и совети. Меѓу нив и Wasfia Nazreen (Васфиа Назрин). Нејзината приказна започнува „Во базата на Денали, Алјаска САД Васфиа Назрин се буди од успокојувачкиот звук на водата која се вари. Било лето на Арктикот, и ноќ кога ледените предели со сребрен сјај сјаеле на полноќното сонце. Прва работа, која Васфиа и нејзиниот партнер за планинарење ја правеле секое утро е да ископаaт парчиња мраз, да го запалат шпоретот во кампот и да го стопат мразот за да ги наполнат своите шишиња со вода. После тоа почнуваат уште еден долг ден на нивната патека од 26 km, по која се искачуваат на највисоката точка на највисоката планина во Северна Америка. Сѐ до денес Васфиа вели:
„Дури и кога сум дома во Бангладеш, кога ќе го чујам звукот на вода која се вари, се успокојувам и тоа ме враќа назад во планините“.
Во такви мигови родот или религијата стануваат ирелевантни, и тоа се врвовите кои сите малку по малку би можеле да ги искачуваме. Каде сум трганала како жена, а сум се вратила како човечица. Мојата Галичица и мојата Јабланица, двете во женски род. Од нив најмногу учам за мојот… Научив и од Св. Спаса. Змејица! Ја гледам нејзината икона. Убава млада вишенка, таква носија носам и јас. Со сјај во очите се обраќа за да ѝ се обратиш. Ги впива молитвите, тука е… Ми се насмевнува, кротко, меко, се случи помирување, меѓу мажите и жените, помеѓу религиите. Војната во мене се стишува, треперам од големината на чинот… и чувствувам исклучителна благодарност кон сѐ она што постои и е поголемо од мене.
Веќе животот повторно го зема своето секојдневие. Се спремам за својот час јога, а потоа ќе ги прегледувам испитните тетратки на моите студенти. Ќе пешачам Велестово. Маја, главниот лик во филмот на Мира Наир „Камасутра: приказна за љубовта“, на самиот крај вели: „Спознавајќи ја љубовта, дозволувам нештата да дојдат и да си одат, да бидам нежна како ветрот и да се соочам со сè со храброст. Моето срце е отворено како небо“.
Така и моето. Чудесни се патиштата Божји, а мојот е еден од нив…
(Авторката е книжевник)
(Содржината е подготвена во рамки на проектот „Лице в лице со различностите“ во соработка со „Порака Нова“ од Струга, со финансиска поддршка од Европската унија. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Европската унија)