Имаме генерациска можност да го реосмислиме образованието
Ненадејното затворање на училиштата поради пандемијата предизвика бранови низ целиот свет отворајќи дебати за тоа во која насока треба да се движи образованието, колку се подготвени училиштата за учење од далечина и дали, во вонредни услови, имаат капацитети за одржување квалитетна настава, која ги опфаќа сите ученици, без исклучок.
Освен недостатоците на прв поглед (застарени, или недоволен број компјутери за секое дете, нестабилна мрежна покриеност, нерасполагање со соодветни платформи, тренинг и ресурси за учење преку интернет), на површина испливаа и подлабоките системски недостатоци: недоволно диференцираните програми и материјали за работа и неподготвеноста на наставниот кадар за приспособување на содржините што би биле пристапни за сите ученици. Неслучајно, ова се истите пречки што ја отежнуваат инклузијата на лицата со попреченост и, сосем очекувано, оваа ученичка популација беше особено погодена во периодот на учењето на далечина. Имајќи ги овие сознанија предвид, што можеме да научиме од основните принципи на инклузијата за да изградиме модерен, квалитетен и отпорен образовен систем?
Да размислуваме за специфичните потреби на сите ученици
Детето што гледа во празно, тоа што активно ја следи наставничката, детето со тешкотии во читањето, тоа што постојано се врти назад затоа што другарот му го одвлекува вниманието, детето што почнува дебати во класот и тивкиот креативен писател, се често ученици во исто одделение, во кое има уште 20-ина други, секое со своите специфичности. Да се маневрира како наставник во училница со ваква разновидност е мајсторство за кое е потребно да се има добро познавање на потребите на учениците, можност за приспособувањето на инструкциите, поддршка од асистент во одредени случаи, како и дополнителни ресурси. Со учењето на далечина оваа разновидност доби и друга димензија, па како дополнителни предизвици се појавија различните услови во кои живеат учениците, современите феномени како т.н замор од „Зум“, тешкотиите при дигитализирање на постојните материјали и не секогаш успешните обиди за балансирање на синхроната и на асинхроната настава на интернет. Сепак, учењето од далечина се покажа и како позитивно за ученици што претпочитаат да работат самостојно и со свое темпо, го поттикна развојот на организациски вештини и покажа дека може да биде одличен систем за работа со ученици што и во вонпандемиски услови, поради подолго боледување, не се во можност да посетуваат настава. Ова се важни лекции што треба да се обидеме да ги вградиме во реформите на образовниот систем бидејќи активно нѐ стимулираат да размислуваме за специфичните потреби на сите ученици.
Соработката наставници – родители е клучна
Еден од основните постулати на инклузивното образование е редовната соработка и комуникација меѓу наставниците, асистентите и стручните соработници бидејќи заеднички тие можат да добијат подобра слика за силните и за слабите страни на учениците, кој тип модификации се потребни, како и на кој начин најдобро учи и се изразува одреден ученик. Освен што е важно заеднички да ја планираат програмата пред почетокот на годината, за процесот на диференцијација да се одвива непречено треба наставниот и стручниот кадар да се среќаваат барем на неделно ниво и темелно да дискутираат за тоа како можат да ја подобрат пристапноста на содржините.
Соработката со родителите отсекогаш била од огромно значење при работата со ученици со попреченост, но периодот на учење од далечина направи голем дел од нив, ефективно, да станат партнери во образовниот процес, посебно ако нивните деца се помали. Вклученоста на родителите е особено важна во делот на мотивација на учениците и тие можат да бидат од голема помош при процесот на самоорганизација, кој е често проблематичен за голем број ученици.
Образовните системи низ светот се наоѓаат на точка на пресврт и сега е вистинско време за коренити промени што ќе придонесат кон градење инклузивни училишта, кои се истовремено отпорни на шокови и флексибилни при соочувањето со најразлични предизвици. Да се послужам со зборовите на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутерес, „Имаме генерациска можност да го реосмислиме образованието“, па затоа треба мудро да ја искористиме.
Непристапни и неприспособени материјали за учениците со попречености
Скенирање учебници, создавање комплетно нови материјали, купишта домашна работа и тешкотии да се одржи вниманието преку видеоконференција беа само некои од проблемите со кои се соочуваа учениците и наставниот кадар откако се затворија училиштата. Лицата со попреченост, пак, често добиваа материјали што беа само скратена верзија од оригиналот, но беа непристапни и неприспособени. Овие проблеми се рефлексија на недостатокот од диференцијација и сигнал дека наставниците досега премногу се потпирале на ад хок приспособување на содржините за време на самата настава. Сепак, овој период ја исфрли на површина и посветеноста на голем дел од нив, кои, преку користење разни софтверски решенија, бесплатни платформи и достапни материјали на интернет, креативно се обидуваа да им ги направат наставните содржини достапни на учениците. За успешна диференцијација и подобрување на пристапноста на образовните содржини за сите, потребно е да се исполнат неколку важни предуслови.
Планирање. Лекцијата за дропки во одделение во кое има и лице со интелектуалнa попреченост и ученик што оди на натпревари по математика треба да биде развиена на неколку нивоа за да соодветствува на нивните потреби. На долг рок, ова значи дека самите учебници и наставни материјали треба да ги земат предвид овие разлики, но, пред сѐ, тоа значи дека на наставниците, асистентите и на стручниот кадар треба да им се овозможи доволно време за планирање на содржините.
Ресурси. Недостигот од функционална национална платформа за учење преку интернет, како и малиот број дигитализирани книги, значеше дека најголем дел од наставниците мораа да се потпрат на бесплатен софтвер и апликации за создавање содржини и комуникација со учениците. Ова искуство покажа дека не само што е потребна стратегија за далечинско учење, туку дека е од итна важност на наставниците да им се даде пристап до различни ресурси, вклучувајќи и асистивна технологија, кои не само што би го унапредиле инклузивниот процес, туку и би ја зголемиле приспособливоста на училиштата во вонредни ситуации.
Флексибилност во тестирањето. Можеби најдобар пример за потребата од промени во образованието, и тоа на глобално ниво, беше ударот што го поднесе системот на финално тестирање на учениците, кое во многу случаи беше невозможно да се организира. Овој проблем ја истакна важноста од формативното оценување на учениците во текот на целата година и отвори можност за поинакво евалуирање на вештините и на знаењето на учениците стимулирајќи ги да креираат портфолија, да пишуваат есеи што го поттикнуваат критичното размислување и да се вклучуваат во проекти што им помагаат во развојот на истражувачките вештини. Овој тип евалуација е особено корисен и за учениците со попреченост бидејќи им овозможува да се изразат преку различни канали, на начин кој што истакнува нивните способности.
(Авторката е дефектолог и логопед)