Иновативен „ZEN“ дизајн – на модна писта што ја слави различноста
Првата колекција која ја презентираме доаѓа од земја која е традиционално позната по квалитетни текстилни производи. Нашата облека содржи висок степен на иновација, прототипни решенија и одличен дизајн. Колекциите се креирани од одржливи составни делови, удобни, безбедни и корисни по човековото здравје, вели Гере Трипков, кој вечерва со тимот на брендот „ZEN*“ промовира модна адаптивна колекција, чии модели се лица со попреченост.
Замислете, не сте модел/ка, ниту модата и облеката ви се работа, а сепак, мора да трошите многу време на пресоблекување. Ако просечното време за облекување е една до три минути, колку би било потребно, ако имате попреченост?
„На лица со физичка попреченост им е потребно 10 пати повеќе време за облекување, во однос на луѓето кои немаат попреченост. Човек со просечен животен век од 75 години, би потрошил дури една година од својот живот само на облекување и дотерување“, посочуваат од брендот „ZEN“, кои креираа модна адаптивна колекција на брендот„ZEN*“.
„Лице в лице“ е медиумски партнер на настанот „Инклузивно соаре“, кој ќе се одржи вечерва во Музејот на современа уметност. Во очи настанот, разговараме со човекот кој стои зад брендот, Гере Трипков, кој е одговорен и за сите активности на здружението „Иквалити“.
Која е приказната зад новата колекција на „Зен“ за адаптирана облека за лица со попреченост?
Јас сум човек кој го искусил животот од две перспективи, како лице без попреченост и лице со попреченост. Сакав да го употребам искуството кое го стекнав додека работев како модел и да направам синергија со корисен проект кој ќе им помогне на лицата од социјален ризик и со уникатни потреби. Како 20-годишен млад човек имав можност да ја остварам мојата желба од тинејџерството – да патувам и да работам како модел. Таа желба ме доведе до денешната финална цел – да создадам моден бренд кој ќе го подобрува квалитетот на живот кај една прекрасна ранлива општествена група.
Удобна, лесна и приспособлива облека. Што сè беше потребно да измислите и да осмислите, за да ја имаме оваа облека што ја презентирате вечерва?
Комплексниот процес вклучуваше истражување за можностите и потребите на конкретна група лица со попреченост. Ова го спроведе тимот на нашето здружение „Икуалити“ и го преточивме во првата модна адаптивна колекција на брендот „ZEN*“. Заедно со дизајнерките Ена Зафировска Трајкова и Сара Величковска создадовме и концептуален идеен дизајн на сите 90 и кусур парчиња од комплетите гардероба. Потоа ги скроивме за 31 лице со попречености од ширум земјата, кои се учесници на „Инклузивното Соаре“.
Процесот на изработка на адаптирана облека, вклучува технички специфики, соодветен методолошки пристап и директно вклучување на целната група во креирањето на решенијата. Крајниот резултат е облека која ќе им го подобри квалитетот на живеење, драстично ќе им го намали процесот на дотерување, односно облекување и соблекување. Тоа значи дека времето кое било потребно при користење на широко достапна неприлагодена облека, со оваа адаптирана облека, ќе биде скратено на пола. Докажано е научно и дека облеката ќе им ја зголеми самодовербата, а притоа ќе им го олесни функционирањето ним и на нивните родители, асистенти, старатели.
Зошто кај нас не се изработува облека по мерка и за лица со попреченост? Дали е можно дека вие сте први кои го работат ова?
Не само кај нас, туку и во регионот и во светот адаптираната облека е многу ретко застапена и достапна. За разлика од гардеробата која се создава за широка потрошувачка, процесот на создавање на колекциите, но и самиот производствен процес е далеку поскап. На познатите брендови им е неисплатливо за помала маржа да вложуваат во ваков производствен проект. Нашиот проект преточен во брендот „ZEN*“ има поширока мисија зад себе.
Првата колекција која ја презентираме доаѓа од земја која е традиционално позната по квалитетни текстилни производи. Нашата облека содржи висок степен на иновација, прототипни решенија и одличен дизајн. Ова се колекции кои се креирани од одржливи составни делови, удобни, безбедни и корисни по човековото здравје.
На сцената ќе видиме 31 модели кои се лица со попреченост, во креации кои се правени по нивна мерка. Беше ли потребно да ги убедувате да станат модели? Како ги одбиравте и каков беше овој дел од работата?
Нè изненади одличниот интерес кај нашите другари од заедницата на лица со посебна мисија. На крајот избравме 31 лице со различна попреченост за кои создадовме комбинирано, горен и долен дел, како и јакна, во низа уникатни комбинации. Сите дизајни се вклопуваат во колекција со унифициран и претпознатлив стил. Сигурни сме дека сите 31 лице – другарки и другари ќе ги презентираат на пистата гордо, со подигната глава и широка насмевка. Изминативе неколку месеци се дружевме активно. Кај дел постои трема, а дел веќе се активни во општествениот и културниот живот. Сите се познаваме одлично. Станавме една силна и сплотена група на луѓе различни, но единствени, убави на свој посебен и прекрасен начин!
Пренесете ги впечатоците од она што го споделија моделите со вас во процесот на изработка и на парчињата облека.
Нивната живост, љубов и несебичност нè остави сите во тимот со мотивација и неизмерна посветеност да продолжиме на патот да креираме општество убаво за сите. Енергијата која ја создадовме преку „ZEN Инклузивно соаре“, за нас како здружение „Икуалити“ и нашето социјално претпријатие „ЗЕН Футурус“, но и за сите учесници беше посебно искуство. Овие парчиња облека се создадени благодарение на донации во рамки на кампања за прибирање на средства и истите во целост ќе бидат предадени на нашите модели. За нас е благослов да се биде во нивно друштво, да креираме, да се дружиме, да се забавуваме и да покажеме дека прифаќањето различности од еден човек значи живеење со стил.
Овие активности ги развивате и под капата на социјалното претприемништво. Кој е планот за понатаму? Ќе може ли да се купуваат вакви парчиња? Како ќе го развивате ова?
За нас како социјално претпријатие „Зен Футурус“ и како здружение „Иквалити“, „ЗЕН Инклузивното Соаре“ е еден од најважните проекти. Го гледаме како проект од кој ќе се издигнеме како релевантен партнер во општеството за креирање на подобро општество и општество за прекрасни можности за сите, не само за тие „одбраните“.
Ова е првиот чекор на натамошниот развој на брендот, кој претендира да стане препознатлив по иновациите, квалитетот и посветеноста да го менува квалитетот на животот, не само кај лицата со попреченост, туку и сите оние самосвесни лица љубители на одржлива и оригинална мода.
„ZEN*“ ќе започне со функционирање од 2025 година и во наредните 5 години проектираме да станеме еден од најзначајните иноватори во полето на модата и еден од најоригиналните брендови за адаптирана облека.
Гере е социјален претприемач, заговарач за правата на лицата со попреченост, поткастер… што друго? Што ви е најважно?
Најважно ми е да останам човек кој се грижи за околината и за луѓето, да останам на браникот на незаштитените, да помагам нашите луѓе од нашата земја да ја подигнат својата самодоверба, да веруваат во себе, да сакаат да создаваат за себе и за сите останати. Македонија е земја со мала површина, голема, но тешко обременета. Доколку ја подигнеме главата ќе се изненадиме од перспективите кои ни се пружани во овој прекрасен живот!
Во тек е кампања на „Лице в лице“ за кревање свест за менталното здравје. Ја насловивме „Отплеткај се! Земи што ти треба“. Како вие се „отплеткувате“ и што ви е потребно за баланс во животот?
Балансирањето помеѓу можностите и визиите. Тоа што го живеам денес да не ме повлекува надолу, туку напротив да се мотивирам со тоа што може да си го понудам или создадам во сегашноста, а ќе резултира со поинакво, поубаво утре. А „утрето“, доколку сум среќен да дојде, ќе создадам уште повеќе за доколку ми е дадена шанса за уште едно наредно утро, да живеам уште полесно, пополетно и со полн здив. Животот е една прекрасна приказна, неопислива со зборови!
Фотографии: ZEN Futurus и „Иквалити“
- Една трансплантација чини колку една годишна дијализа
- Менторството како мост за промена: Од несигурност и страв кон самодоверба и самостојност
- Со „Лице в лице“ честитките множиме добрина, делиме радост
- Донаторска акција „Стопли детско срце“ – во Startup Club Skopje
- Хуманитарен настан во организација на ХЕРА: Промоција на креативноста на младите девојки и поттикнување на општествена солидарност