Ќе мора да научиме да размислуваме надвор од координатите на берзата и на профитот!
Ако властите дознаат дека некоја компанија прави резерви од милиони маски чекајќи го вистинскиот миг за да ги продаде, со таа компанија не треба да има никакви преговори, туку маските, едноставно, треба да бидат конфискувани
Работите се многу позаплеткани: заканата од смрт, исто така, ги обединува луѓето – одржувањето физичко растојание е покажување почит кон другиот затоа што и јас, исто така, би можел да бидам носител на вирусот. Синовите сега ме избегнуваат затоа што се плашат да не ме заразат. Тоа што за нив, веројатно, би било минлива и краткотрајна болест, за мене би можела да биде смртоносна. Ако во Студената војна правилото за преживување беше таканареченото заемно осигурено уништување[1], тоа денес е, исто така, нешто заемно осигурено – дистанцирањето.
Во последно време, постојано слушаме дека секој од нас е лично одговорен и мора да ги следи новите правила. Медиумите се полни со приказни за луѓе што не се однесувале соодветно и така се ставиле и себеси и други во опасност, на пример, инфициран маж влегува во продавница и кашла врз сите или слично. Проблемот со ова е истиот како тој на новинарството и неговото соочување со кризата со животната средина: медиумите прекумерно ја нагласуваат нашата лична одговорност за проблемот наложувајќи ни да посветуваме повеќе внимание на рециклирањето и на други слични работи поврзани со нашето однесување. Ставањето толкав фокус на индивидуалната одговорност, што е, навистина, до извесен степен неопходна, почнува да функционира како идеологија истиот миг кога почнува да ги замаглува поголемите прашања што се однесуваат на промената на целиот економски и општествен систем. Битката против корона вирусот може да се одвива само заедно со битката против идеолошките мистификации, воедно и како дел од една општа еколошка битка. Или, како што тоа го артикулира Кејт Џонс, пренесувањето на болеста од животните на луѓето е:
…скриена цена што треба да се плати за човечкиот економски развој. Едноставно, нè има сè повеќе, во секоја животна средина. Присутни сме на многу претходно мирни и невознемирувани места и стануваме сè поизложени. Создаваме живеалишта каде што вирусите се пренесуваат многу полесно, а потоа се изненадуваме кога ќе откриеме нови вируси.[2]
Затоа, не е доволно да се воспостави само некаков глобален здравствен систем за луѓе. Во него мора да биде вклучена целата природа. Вирусите ги напаѓаат и растенијата, а тие се нашиот основен извор на храна. Постојано мораме да ја имаме на ум глобалната слика на светот во кој живееме, со сите парадокси што тоа ги носи со себе. Така, на пример, добро е да се знае дека затворањата поради корона вирусот во Кина спасија повеќе животи отколку што е бројот на починатите од вирусот (ако се верува на официјалните статистички податоци):
Економистот за животна средина Маршал Бурк вели дека постои докажана врска меѓу лошиот квалитет на воздухот и случаите на предвремена смрт поврзани со дишењето на тој воздух. „Имајќи го тоа на ум“, вели тој, „едно природно – иако, истовремено, и чудно – прашање е дали бројот на животите спасени од намалувањето на загадувањето поради нарушувањата во економијата предизвикани од ковид-19 го надминува бројот на починатите од самиот вирус.“ „Дури и во најконзервативните претпоставки, мислам дека одговорот е несомнено ’да‘.“ По само два месеца од намалувањето на нивоата на загадување, тој вели дека веројатно се работи за спасени животи на 4.000 деца под петгодишна возраст и на 73.000 лица повозрасни од 70 години, само во Кина.[3]
Фатени сме во тројна криза: здравствена (епидемијата), економска (чијшто удар ќе биде силен, без разлика на исходот од епидемијата) и психолошка. Основните координати на секојдневниот живот на милиони луѓе се распаѓаат, а промената ќе влијае на сè, од одењето на одмор со авион до наједноставните телесни контакти. Ќе мораме да научиме да размислуваме надвор од координатите на берзата и на профитот и, едноставно, да најдеме друг начин за производство и за распределба на неопходните ресурси. Ако властите дознаат дека некоја компанија прави резерви од милиони маски чекајќи го вистинскиот миг за да ги продаде, со таа компанија не треба да има никакви преговори, туку маските, едноставно, треба да бидат конфискувани.
(Извадок од книгата „ПАНДЕМИЈА!: Ковид-19 го тресе светот“ на Славој Жижек, издание на „Арс либрис“. Преводот е на Ана Аврамоска – Сиљаноска, а делото може да се најде во книжарниците на „Литература“)
[1] Англ. Mutually Assured Destruction или MAD, воена доктрина според која доколку секоја страна има доволно нуклеарно оружје за целосно уништување на другата, никој нема да се осмели да нападне бидејќи тоа ќе значи сигурен одговор од другата страна. Така, парадоксално, уништувањето на непријателот автоматски значи и себеуништување, со што, всушност, се обезбедува траен мир (заб. на уред.).
[2] https://www.theguardian.com/environment/2020/mar/18/tip-of-the-iceberg-is-our-destruction-of-nature-responsible-for-covid-19-aoe.
[3] https://www.dailymail.co.uk/sciencetech/article-8121515/Global-air-pollution-levels-plummet-amid-coronavirus-pandemic.html.