„Лицата со попреченост“ е најновото дело на авторот Андон Дамовски, кое дава широк преглед на влијанието на социјалната политика врз лицата со попреченост нагласувајќи ги клучните процеси во една конструктивна дискусија.
Книгата „Лицата со попреченост“ е фокусирана на заштитата на лицата со попреченост како еден од најосетливите и најспецифични елементи на општествено-развојната, економската и, пред сѐ, на социјалната политика воопшто. Обврска на секоја држава е да го афирмира развојот на заштитата на лицата со попреченост во рамките на модерната, плурална и социјална политика имајќи го предвид лицето со попреченост како поединец, личност со сите свои општи и специфични потреби. Системските решенија мораат да ѝ овозможат на секоја категорија лица со попреченост да ги формира, да ги изрази и да ги реализира своите основни развојни потреби и посебни интереси, да има еднакви можности како другите луѓе.
– Ова е актуелна тема за лица што имаат што да кажат и треба да се интегрираат. Повеќепати во книгата е спомената фразата дека лицата со попреченост не се попречени толку од состојбата во која се наоѓаат, колку од општествените околности во кои се наоѓаат – посочува Дамовски.
Тој додава дека изминативе 10 години во Македонија се направени значајни поместувања во оваа сфера, но и дека не е пожелно секогаш да се преземаат регулативи од други земји со оглед на тоа што секоја држава има свои специфики што треба да се земат предвид.
Книгата е структурирана во четири целини и секоја од нив има посебна цел, теоретска разработка и дава свои заклучоци, истакна авторот на ова стручно издание во промоцијата на интернет на „Лицата со попреченост“. Дамовски ја пишувал оваа книга околу три години, а рецензенти на изданието се универзитетските професори Сунчица Димитријоска и Ристо Петров од Филозофскиот факултет. Вели дека е посветен на научно-истражувачката работа, но кога работел на книгата се потрудил да биде лесно разбирлива за секој читател.
Дамовски е докторанд на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет на УКИМ. Од 2013 година работи во установа за вонсемејна социјална заштита, со посебен фокус на подрачјето на организирано живеење на лицата со попреченост. Книгата e издание на „Арс ламина“, може да се најде во сите книжарници на „Литература.мк“, како и да се нарача преку интернет-страницата www.literatura.mk.
Оваа веб -страница користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачиња се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се препознавање кога се враќате на нашата веб -страница и помагање на нашиот тим да разбере кои делови од веб -страницата ги сметате за најинтересни и корисни.