Како никогаш досега, наставникот е во фокусот на вниманието во целиот свет. Очите на родителите, учениците, на целата јавност се постојано вперени во него. Пандемијата, која ги стави на тест сите образовни системи, особено ги тестираше компетенциите на наставниците. И тоа, не само дигиталните… Повеќе од шест месеци, камерите се вперени и кон македонскиот наставник. Тој што со децении е заробен и оставен сам да се бори со безбројните реформи, несоодветна едукација и професионален развој, партиските притисоци и крутите институции. Како птици затворени во кафез! Но, се чини дека е време да им ја отвориме вратата…
Каков, всушност, треба да е современиот наставник, што му е потребно на учителот на иднината, која е визијата за образовен систем што на прво место ќе ги стави децата? Каде е македонскиот наставник во оваа приказна? Ова се само дел од прашањата на кои наставници, професори, ученици и претставници од невладиниот сектор дискутираа на креативниот круг на „Лице в лице“ посветен на образованието од иднината.
Страв од промени
Првата промена што треба веднаш да се иницира е создавање добар систем за професионален развој на наставниците. Тоа, вели професорката Тамара Ќупева, ќе повлече и други позитивни промени.
– Деновиве течат тие професионални обуки и, практично, забележуваме дека има сериозен проблем, има голем процент на наставници што не се подготвени за работа преку интернет-платформи. Времето е кратко, притисокот врз нив е уште поголем, а ќе мора да се организираат за настава – вели Ќупева.
Нејзината колешка, наставничката Маја Виденовиќ, надополнува дека многу години зборуваме дека наставниците професионално се усовршуваат, дека поминуваат обуки, особено во основното образование, но вистинското прашање е: „Што по тие обуки?“ Според неа, на нашиот систем му недостига одржливост.
– Многу е лесно да се помине некоја обука. Нè обучуваат за користење разни интернет-алатки и тие, секако, ни се корисни. Но, ако нешто не се практикува, тоа многу лесно се заборава – вели таа.
Проблем е и тоа што само одредени наставници, кои се повешти, знаењата што ги здобиле на тие обуки потоа им ги пренесуваат на своите колеги, но постојано има наставници што се оставени, кои немаат доволно дигитални компетенции.
– Ние, на ниво на држава, немаме усвоено рамка за дигитални компетенции што треба да ги имаат наставниците. Како тие ќе знаат дека се доволно дигитално писмени или не, ако нема со што да се споредат. Тие само добиваат обуки за користење на многу алатки, без да се фокусираат на нешто конкретно – објаснува Виденовиќ.
И динамиката на усвојување нови знаења кај некои наставници оди бавно. Дел од нив одбиваат да учат и од стравот од новите генерации, од нивните знаења. Наставничката Виденовиќ нагласува дека стравот е чудна работа и дека стравот од промени е нешто што нѐ плаши сите, не само наставниците.
– Секој од нас сака да се чувствува компетентен кога ќе излезе пред учениците. Не сака да се најде во ситуација учениците да го прашаат нешто, а тој да не знае. Информатичар сум и никогаш не знам сѐ. Често учам многу нови работи токму од моите ученици, иако се мали – вели таа и нагласува дека неформалното образование на наставниците мора да продолжи.
Нови генерации, нови вредности… Наставниците мора да се менуваат
Но, не се важни само дигиталните вештини. Не треба да се заборават ниту педагогијата, воспитниот елемент, тоа како се однесуваат наставниците кон учениците и какво е нивното влијание врз личноста на детето.
Професорот Кирил Барбареев објаснува дека веќе подолг временски период клучните чекори, одлуки или состојби во образованието не поаѓаат од потребите на децата. Ние забораваме дека потребите на децата се пред сите потреби на другите фактори вклучени во образованието, наставниците, како и тие што ја донесуваат образовната политика.
– Кога не може да се сфати суштината, за кого постојат училиштата, за кого постои образовниот систем, ние влегуваме во импровизации. Моето искуство од образованието е негативно, за жал кога би правел ранг-листа на наставници, веројатно би имал поголем број на тие што влијаеле негативно на мене. Тука е и целата мудрост и филозофија на системот, како да направите најмирољубивите луѓе во системот да ја препознаат професијата, луѓе што ќе бидат примери во тоа што треба да претставува еден холистички развој за потребите на едно дете – вели Барбареев.
Со последните промени што се случуваат поради пандемијата, ниту еден наставник не треба да се држи до традиционалната методика. Наставата преку интернет бара сосема друг менаџмент, и на ресурси и на содржини и на пристап. Но, професорката Ќупева нагласува дека едно нешто помалку се споменува, педагошката или психолошката комуникација на наставникот со детето, како и развојот на емоционалната интелигенција.
– На наставниците им треба проширување на тие хоризонти, дека работиме со деца, ние во средно со деца што се соочуваат со најбурните промени на психолошки и на физиолошки план. Деца што во тој клучен период експериментираат со својот стил, изглед и размислувања. Наставникот треба да е, навистина, подготвен да се соочи со таа бунтовност, со тие промени и стилови, кои понекогаш не соодветствуваат со нашите погледи за тоа како треба да изгледа еден средношколец. Голем дел од наставниците не сфаќаат дека мора да се менуваме – вели таа.
Со новите генерации доаѓаат и нови вредности. Современиот наставник мора и да е во тек со важните нешта што им се случуваат во животот.
– Не може наставникот да не знае што се случува на социјалните мрежи со младите. Затоа што само така си рамо до рамо со нив. Мораш постојано да отвараш прашања и да дебатираш. Не можеш постојано да им сервираш што се случувало во твое време. Тие сакаат да ве почувствуваат како свои и живи и дека вие доаѓате од нивниот свет. Не можете нив да ги вратите во вашиот свет – вели Ќупева.
Таа додава дека ние немаме ниту систем на евалуација, рангирање на наставниците. Нагласува дека учениците точно ги препознаваат најдобрите наставници. А тоа не се тие што даваат петки, туку најдобрите во пристапот. Тие што биле тука за нив, кога им се случувала значајна промена, кога им се уривал светот.
Настава насочена кон личноста, омекнување на крутиот образовен систем
Во новиот концепт за современо образование потребно е и да се овозможи интерактивна настава. Стефани Спировска од МОФ вели дека начинот на учење воопшто не е променет, а многу ученици се досадуваат на часовите.
– Нам, всушност, ни требаат и посебно дизајнирани училници, програми што не се насочени кон оценки, туку кон градење на личноста, карактерот на учениците. Треба да им се овозможат услови да научат нешто, но и да се изразат на малку поинакви начини. Како општество, пак, потфрламе при инвестирање во професорите. Ако го погледнеме и Педагошкиот факултет, таму одат најслабите студенти, тие што не можеле да се запишат на друг факултет – вели Спировска.
Наставничката Виденовиќ нагласува дека е особено важно како им се пренесуваат содржините на учениците. Таа смета дека клучен елемент за успешен час е учениците да се вклучат активно во него.
– Целта не е да седат 40 минути и да гледаат во табла. Да се најде начин активно да учествуваат и на крај да прашаат: „Зар заврши часот?“. Тоа е целта на учењето, детето да сака да добие знаење. Ние сме оптоварени со тоа дали ќе стигнеме да ја реализираме наставната програма и секој некако гледа да го реализира својот предмет. Но, само низ различни интердисциплинарни проекти, кога сами бараат решенија, тогаш ќе научат да размислуваат. Не им треба само репродукција на нешто што треба да го запомнат. За тоа го имаат „Гугл“ – објаснува таа.
Професорот Барбареев, пак, објаснува дека ние денеска сѐ уште имаме многу крут поглед и за тоа што е училница. Дека во земјите што се грижат за децата, училниците се секаде, дека постојат разни центри за настава по часовите, за време на распустот, каде што се излегува од рамката на формалното образование.
– За мене училница е и Попова Шапка и сите планини, кои во овој период можеа да се искористат и да се реализираат одредени активности. Тоа значи создавање еден концепт со спојување на формалното со неформалното образование – вели тој.
Барбареев го отвори и прашањето за настава според личноста:
– Ако ние се договориме дека денеска треба да одиме на базен, во нашиот систем ќе се праша: „А кој ќе го плати тоа?“
Виденовиќ го дополнува дека, можеби, ќе кажат: „Не, вие го немате испланирано во годишна програма“.
– Токму тоа е таа крутост на системот – вели Барбареев.
– Во земјите што решиле дека ќе создаваат квалитет на човечки потенцијал, ова е одамна решено – вели тој.
Профилот на младите е многу променет, а ние како институции сме многу бавни и крути во однос на тоа што треба да претставува нова образовна парадигма за еден нов систем за времето во кое живееме и постоиме.
Учениците сакаат интерактивни часови и наставници што мотивираат креативна и флексибилна настава
Од изјавите на ученичките Надја и Леона лесно може да се заклучи дека ги препознаваат наставниците што се трудат, тие за кои часот е посебно место, а не само работно. Учениците бараат креативна и флексибилна настава, некој да ги праша како се чувствуваат и што сакаат.
Надја Илијевски, ученичка во основно училиште
Сакам наставници што веруваат во нас, што се радуваат на нашите успеси и нè мотивираат да бидеме сè подобри и подобри. Сакам наставници што кога ќе згрешиме или ќе добиеме послаба оценка не нè обесхрабруваат, туку нè мотивираат да се подобриме и да веруваме во себе.
Сакам наставникот да е пријател на децата, да не да е над децата. Да не се плашиме од него, да не мислиме, леле што ќе ни каже кога ќе се случи да направиме нешто погрешно.
Ги сакам наставниците што не ги делат децата на машки и на женски, на добри и на лоши ученици и на кои им е важно што си научил и дали ти треба дополнителна помош за да научиш. Сакам наставници што се грижат за своите ученици и кои не доаѓаат во училиште само за да ја предадат лекцијата.
Сакам и да учиме во големи, чисти и светли училници со убави бои во кои нема да седиме во клупи еден зад друг, а можеме да учиме и некаде во природа. И не само математика, биологија, македонски, туку и танц, и глума, и готвење. Така некако го замислувам училиштето од иднината.
Леона Јариќ, ученичка во средно училиште
– Имаме огромни проблеми со начинот на предавање. Како сите да сме ставени во некаква коцка. Наставникот го предава тоа што е во книгата, во наставниот план и толку, не смее да се излезе од рамките.
Нашиот систем не е подложен на промени. Нас, всушност, најмногу ни треба дискусија со професорите и дискусија меѓу нас учениците. Исто така, ни треба, на пример, самите да си правиме распоред на часови. Зошто да не можеме сами да создаваме распоред, а не да го знаеме една година однапред. Потребна ни е и практична настава, потребна ни е интеракција, да сме опкружени со луѓе со кои ни е ќеф да зборуваме, да го кажеме нашето мислење.