„Ништо не ти фали, немаш причина да си тажен“ – ја зголемува депресијата
Првата важна работа која мора да ја направиме е да ги валидизираме чувствата и споделувањата на адолесцентот, да направиме отворено поле за експресија на сите емоции, да ги прифатиме и амортизираме, без потценување, вели психологот Ивана Хаџиванова
Ивана Хаџиванова
Состојбата со менталното здравје на младите е загрижувачка, особено последниве неколку години. Тие се во голем процент (социјално) анксиозни и депресивни, со сѐ поприсутни адолесцентски кризи. Сите адолесценти понекогаш чувствуваат пад на расположението, тага и потиштеност, и тоа е природен дел од растењето, како и дел од сечиј живот во некој период. Но, доколку овие емоции се интензивни и во долг временски период, придружени и со други промени во однесувањето и намалена животна функционалност, може да се причина за загриженост на родителите и адолесцентот. Важно е да знаеме дека треба да ги разликуваме нормалните осцилации во расположението и емоциите кај младиот човек и адолесцентските промени – од депресијата, која, за жал, е сѐ почеста појава.
Депресијата може успешно да се третира!
Добрата психо-едукација на оваа тема, кај родителите, останатите возрасни лица во животот на адолесцентот, како и на самиот млад човек, е важна за навремено детектирање на депресивни симптоми и адекватен третман и поддршка. Депресијата е состојба што успешно се третира од стручни лица од областа на менталното здравје како психолог, психотерапевт и психијатар.
Не треба да нѐ чуди дека депресивна симптоматологија може да се развие кај индивидуи, за кои навидум мислиме дека немаат никакви животни потешкотии и проблеми, сѐ им е средено и ги имаат сите услови. Напротив, речениците како „Ништо не ти фали, немаш причина да си тажен, имаш сѐ“, можат уште повеќе да ја зголемат вината која младиот веќе ја чувствува и да го затворат уште повеќе во себе, со своите негативни размислувања, штедејќи ја околината од грижа. Првата важна работа која мора да ја направиме е да ги валидизираме чувствата и споделувањата на адолесцентот, да направиме отворено поле за експресија на сите емоции, да ги прифатиме и амортизираме, без потценување.
Депресијата е растројство на расположението и е едно од најчестите психолошки растројства кои го засегаат ментално здравје и често се развива заедно со анксиозноста. Тоа е растројство кое влијае на тоа како личноста се чувствува, како се перципира себеси и околината и како се однесува. Таа може да биде во блага, умерена и тешка форма според видот и интензитетот на симптоматологијата која се јавува. Депресијата која прогресира кон својата потешка форма може да доведе до самоубиство, но, тоа може да се спречи со обезбедување навремена и соодветна поддршка и стручна помош.
Важно е да се знае дека може многу да се направи за да им се помогне на младите луѓе кои се депресивни и размислуваат за самоубиство! Депресијата успешно се третира!
За да се наруши менталното здравје на еден човек има многу ризик фактори кои придонесуваат за тоа. Постојат повеќе причините кои придонесуваат за настанување на депресивна симптоматологија. Еве дел од нив:
-Биогенетска диспозиција и хередитарност (наследност)
-Рани трауми, како емоционално, физичко или сексуално злоставување
-Запоставување во детството
-Стресни настани и загуби, како загуба на родител, сообраќајна незгода, развод во семејството, прекин на врска или слично
-Негативни животни навики, нездрав животен стил
-Зависности и злоупотреба на психо-активни супстанци
-Промени во мозочната хемија
-Соочување со медицински состојби и телесни хендикепи
-Околински и средински надворешни фактори итн.
Децата со каква било различност се ранлива група
Кога станува збор за младите и ризик фактори за депресивност, мора да се нагласи дека тие се особено осетливи и ранливи на социјално отфрлање и ексклузија, булинг односно насилство од врсниците и дискриминација, стигма од родителите и околината која може да им ја блокира спремноста да побараат помош, едукациски потешкотии, ризични однесувања, како и нарушување на нивните права. За жал, во адолесценцијата како предизвикувачка развојна фаза, со сите свои промени, има голема група на деца кои се отфрлени, исмеани, неприфатени, неслушнати, невидени, потценети и жртви на секојдневно психо-физичко насилство кое често остава длабок траг. Секако тука е и сајбер булингот, крајно достапен и раширен. Булингот кај некого предизвикува трауматски стрес кој најчесто после хронично амортизирање, може да ги исцрпи личносните снаги и да доведе до декомпензација. Mора да се напомене дека и децата кои имаат било каква различност и спаѓаат во некој тип на маргинализирани групи, се дополнително под ризик и ранливи.
Како да ја препознаеме депресијата кај адолесцентите?
Анксиозноста е често придружен симптом на депресивноста. Некогаш долготрајниот обид за справување со неа и вознемиреноста, стравот и претераната загриженост, може да доведат до појава и на депресивност.
Како да ја препознаеме?
Еве дел од сигналите:
-депресивно расположение, доминација на тага, потиштеност и пад на волјата
-здодевност
-анхедонија- губење на чувствата на среќа, задоволство и интерес за тоа што претходно било интересно
-психо-физички замор
-губење на самодовербата, негативна слика за себе
-недостаток на иницијатива, неодлучност, несигурност
-пад на когнитивните функции со пад на концентрација, фокус, внимание и потешкотии во помнењето, што може да доведат до пад на училишен и академски успех
-психомоторна забавеност или вознемиреност
-нарушување на спиењето, несоница или хиперсомнија-зголемено спиење и „бегство во сон’’
-промена во апетитот и тежината во двете насоки (губење или покачување килограми)
-социјална изолираност
-иритабилност, агресивност и конфликтуозност со семејството и околината
-злоупотреба на психоактивни супстанци
-ризично однесување
-себе-повредување
-чувство на вина и изразен и неоснован себе-критицизам
-повторувачки мисли за смрт, суицидни мисли и однесување
Може да се каже дека адолесценцијата е многу предизвикувачки животен период. Младите адолесценти се во процес на транзиција, на развивање на своите емоционални, психички и интелектуални капацитети и одбрани, карактер, идентитет, социјален круг и самодоверба. Тие се ранливи и чувствителни во овој комплексен процес, и потребно им е внимание, почит, разбирање, поддршка од семејството и професорите, слух, совет, објаснување, мотивација, насока, социјална прифатеност, амортизација на нивните емоции. Стимулација и овозможување на припадност и идентификација со позитивни социјални групи на младите е важен протективен фактор. Родителски контакт полн со љубов, трпеливост, разбирање низ кој истовремено се врши адекватна контрола на младото лице, со истовремено присутен баланс на границите во односот, се многу пожелни и потребни.
Грижата за менталното здравје е неопходна како и за телесното
Доколку детектирате депресивни симптоми кај себе, или како родители ги забележите кај своето дете, веднаш побарајте стручна помош од психолог, психотерапевт или психијатар. Стручното лице ќе направи дијагностика на состојбата и ќе помогне со тераписка интервенција, поддршка, насоки, совет, односно со адекватен третман во зависност од ситуацијата. Семеејно-системскиот пристап со адолесцентите кои имаат потешкотии е особено ефективен и дава одлични резултати во терапискиот процес и подобрување кај младиот. Да се побара помош од стручно лице од областа на менталното здравје не треба да предизвика срам и отпор, грижата за менталното здравје е неопходна исто како и за телесното. Навремениот третман ќе го спречи продлабочувањето на симптоматологијата. Споделувањето на психичките тегоби со најблиските е многу препорачливо. Важно е да не се молчи, отворено да се проговори, без прикривање и навремено, а тоа ќе допринесе за брза дијагностика, третман и подобрување.
(Авторката е психолог, гешталт психотерапевт и семеен-системски советник, основач и директор на Неокортекс – Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација).