Повик за ангажман за испорака на комуникациски услуги (продолжен рок)
„Лице в лице со граѓаните“
ОПИС НА НАДЛЕЖНОСТИ
Задача: Испорачување комуникациски услуги за потребите на проектни активности на „Лице в лице со граѓаните“
Место на извршување на задачата: Скопје, Куманово, Битола, Струмица, Тетово, Струга
Времетраење: февруари – декември 2020
Позадина:
„Лице в лице со граѓаните“ има цел да го засили активното учество и ангажман на граѓанскиот сектор – граѓанските организации и медиумите, во спроведување активности од јавен интерес и во насока на поддршка на пристапниот процес на земјава кон ЕУ.
Преку уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“, кое го издава Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, ќе допреме до широка публика која ќе добие информации за бенефитите на земјава од европската интеграција.
„Лице в лице со граѓаните“ опфаќа 6 кампањи за јакнење на свеста за повеќе теми кои се важни за граѓаните, имплементација на регионални активности и настани во шест градови низ земјава, во насока на подигање свеста за пристапниот процес кон ЕУ. Исто така, проектот ќе ги зајакне локалните граѓански организации и локалните медиуми, преку дебата, заеднички активности и ќе ги евалуира знаците на промена за она што значи членството во ЕУ за локалните заедници.
„Лице в лице со граѓаните“ е поддржан од Кралството Шведска преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“.
Очекувани цели
Специфична цел 1: Да се унапредат капацитетите на граѓанските организации и медиумите, како ефективни и одговорни независни чинители кои работат кохерентно и спроведуваат активности во насока на подобар живот на граѓаните.
Специфична цел 2: Зголемување на свеста на пошироката јавност за процесот на пристапување на земјава кон ЕУ и промоција на придобивките од членството во Унијата.
Проектните цели ќе бидат постигнати преку успешно спроведување на следниве резултати:
R 1.1: Изградени партнерства и кохеренција помеѓу медиумите и граѓанските организации во однос на тоа што ќе донесе пристапувањето на земјава кон ЕУ, со што процесот и бенефитите од него ќе бидат поразбирливи за граѓаните;
R 1.2: Зајакнати капацитети и лидерство на медиумите и граѓанските организации да бидат чувари на подготвеноста и динамиката на земјата да спроведува реформи и да постигне напредок;
R 2.1: Преку настаните кои се организирани, зајакната е јавната свест и нивото на ангажман во однос на прашањето за тоа што носи процесот на пристапување кон ЕУ за земјава;
R2.2: Засилена е свеста и личното ниво на информирање кај засегнатите страни на високо ниво;
R2.3: Младата генерација, позната како Генерација Z е запознаена со релевантните теми за претпристапниот процес, како и за значењето за членство на земјава во ЕУ.
Целта на задачата e испорачување комуникациски услуги кои ќе се конципираат заедно со проектниот и креативниот тим на „Лице в лице со граѓаните“, а кои ќе бидат во насока на јакнење на јавната свест за важни прашања кои се однесуваат на претпристапниот процес за членство на земјава кон ЕУ, во кој активна улога земаат граѓанските организации и медиумите, кои делуваат во партнерство со различни релевантни засегнати страни.
Темите за кои ќе се креираат услугите се следниве: животна средина, човекови права и родова еднаквост, образование, рурален и регионален развој (со фокус на социјална економија), интеграција на пазарот на труд на маргинализирани – дел од тема за внатрешни пазарни правила, меѓуетнички дијалог и интеркултурна соработка;
Делокруг на работа/должности:
Комуникциските услуги кои очекуваме да биде испорачани, опфаќаат:
– Дизајн на 40 медиумски аутлети (10 инфографици, 10 постери, 10 илустрации, 10 анимирани видеа или друг, посоодветен производ во однос на темите што се обработуваат, дефиниран низ заеднички креативен процес);
– Видео продукција – снимање, монтажа, постпродукција на 6-8 видеа од секој промотивен настан; Видеата кои ќе бидат од документарен карактер, се снимаат на јавните настани организирани на спомнатите локации. Минимум формат на суровиот материјал е ХД во целосна резолуција 1080 x 1920. Видеата треба да ја донесат атмосферата и контекстот во и поради кој настанот се организира. Настаните се тематски и ќе содржат контекст кој се однесува на различни сфери од општественото живеење (животна средина, едукација, здравство и тн). Визуелно култивирано видео кое ги документира актерите вклучени на настанот, е динамично, лесно-гледливо видео кое јасно ги пренесува пораките што дизајнот на настанот ги позиционира. Во овој контекст, изведувачот е одговорен да креира нацрт сценарио со јасна намера за содржината на видеото пред самото документарно покривање на настанот. Материјалот обезбеден од настанот и евентуално дополнително снимени материјали (изјави, инсерти или сл) и испланирани графички елементи, се содржина на крајната верзија на видеото.
– Управување, администрација и мониторинг на социјални мрежи (фејсбук, инстаграм, твитер, јутуб) за период од февруари до декември 2020 година; Дистрибуцијата на испродуцираните комуникациски материјали е одговорност на изведувачот. Изведувачот како минимум ангажман е обврзан: а) да го почитува планот за дистрибуција на материјалите на социјални мрежи добиен од нарачателот, б) навремено, соодветно и одговорно да ја администрира интеракцијата со публиката и в) да овозможи (активира) и следи алатки за мерење на влијанието на комуницираните производи (КПИ).
– Организација на шест промотивни настани во шест градови во земјава, во соработка со локални организации; Изведувачот се обврзува да ги организира и подмири трошоците врзани за организација на настаните во Скопје, Куманово, Битола, Струмица, Тетово, Струга. Настанот се организира во соработка со локалните партнерски организации што нарачателот ги идентифицира и ги поврзува со изведувачот. Организација на настанот подразбира обезбедување на просторот за настанот, комплетната опрема потребна за настанот да се случи, организирање и спроведување на дизајнот на настанот и е вклучен во обезбедување на соодветен профил и соодветна посетеност на настанот.
Временска рамка:
Реализацијата на активностите е од февруари до декември 2020 година. Дизајнот на комуникациските решенија се одвива во 6 циклуси (во временски интервал од околу 1,5-2 месеци). Организацијата на настаните е исто така во временски интервал од околу 1.5-2 месеци и е во Скопје, Куманово, Битола, Струмица, Тетово, Струга.
Потребни квалификации и искуство:
- – Искуство во спроведување и испорачување комуникациски услуги поврзани со социолошките феномени во земјата
- – Искуство во организација на настани во јавниот простор
- – За предност ќе се смета докажано портфолио во испорака на комуникациски производи за поширок спектар клиенти (бизниси, институции, донаторска заедница, граѓански организации)
Доставување на понуда од добавувачите:
- Понудата да вклучува пополнет формат од образец 2 (прикачен е во прилог)
- Понудата да содржи портфолио со информации за обезбедени сервиси од бараните области или линкови до продуцирани видеа
- Понудата да содржи и вкупна цена за целиот ангажман, изразена во бруто износ и во денари
- Понудата да содржи рок на испорака
- Понудата треба да е испратена исклучиво по пошта во запечатен коверт или кутија, затворени на начин кој со сигурност ќе потврди дека, при отворање на понудата, се отвора за прв пат. Понудата мора да биде составена јасна и недвосмислена и да биде на образецот кој е во прилог на овој опис
- Понудата да се достави нa aдреса на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ – ул. „Орце Николов“ 93/5, 1000 Скопје, со назнака за „Лице в лице со граѓаните“, најдоцна до 19-ти февруари 2020 година до 17.00 часот.
На линкот во продолжение – достапна Понудата за набавка