Профитот и општествената мисија – две страни од една иста паричка
Кога пред осум-девет години го задвижувавме „Лице в лице“ се најдов во круг на бизнисмени на тренинг за развој на бизнис, свесна дека развивам социјално претпријатие и точно знам што сакам да постигнам со него како влијание во општеството, но свесна и дека ми недостига знаење како да го развијам бизнисот – како тој да биде финансиски одржлив, како да биде конкурентен.
Тогаш не беше познат концептот на социјално претпријатие и, можеби, само бледо се наѕираше во нашата земја. И едно од прашањата што го добив на тој тренинг, онака, сосема искрено, беше: „Од што мака го правиш ова?“
На еден од модулите кога зборувавме за регрутирање, опис на работни места и развој на вработени, кога во групата го донесов зборот вредности, дека вредностите на вработениот ми се најважни и дека сè друго се учи, знам дека предизвикав чудење во главата на многумина.
Јас не ги разбирав нив до крај, тие не ме разбираа мене. Но знаев дека и тие ми требаат мене и јас им требам ним.
И денес кога ги гледам поместувањата што се прават во големите светски компании како „Декатлон“ или ИКЕА, на пример, кои зборуваат за вредности, за општествени цели и кои сè повеќе се изложени на притисокот на младата освестена генерација што аплицира за работа кај нив, но и поставува прашања каков јаглероден отпечаток има компанијата, како придонесува за никој во општеството да не биде заборавен, разбирам дека потребата за промена на начинот на однесување на компаниите е извесна, неизвесна е само динамиката на овие процеси.
Светот како сè уште да не е подготвен да ја стави одржливоста пред профитот. Но генерациите што доаѓаат го ставаат на пиедестал првото и сакаат да знаат како со своето професионално дејствување придонесуваат во општеството, каков општествен проблем решаваат.
Ваквиот пристап и очекувања го дефинираат и очекуваното движење на компаниите. „Лошите“ компании, тие што не се грижат за нивното влијание врз животната средина, на кои работникот им е само алатка како да постигнат одредена цел, ќе се соочат со проблем за наоѓање и задржување работници.
Екосистемот во кој функционира економијата веќе цело столетие станува поинаков. Живееме во време во кое деловната практика на која се навикнале дури и работниците, а на кои ориентацијата на претпријатијата кон постигнување максимален профит најмалку им одговара, се менуваат пред нашите очи.
И како што вели лидерот за визија на „Декатлон“, Чарли Фелгејт, во интервјуто за овој број на „Лице в лице“ зборувајќи за освестеноста на работниците и за потребата да бидат дел од компании што влијаат позитивно на животната средина и на луѓето, овие нови генерации ќе си ја најдат таа компанија што им го дава тоа што го бараат или ќе си изградат своја. „Во ред е да не знаеме, ова е нешто ново, но потребно е да научиме. Да седнеме со тимовите, да сфатиме дека не знаеме и да разговараме за тоа како заеднички да ги надминеме предизвиците. Не е лесно да прифатиме како лидери дека не знаеме, особено поради традиционалните норми дека улогата ни е да знаеме. Но ова се нови проблеми и треба да им пристапиме соодветно“.
Новиот економски систем го наметнуваат и освестените купувачи. Ние, со својот пазарен избор, испраќаме јасна порака до претпријатијата. Оние деловни ентитети што ќе го препознаат ова пазарно задвижување имаат иднина, а во таа иднина е интегриран и опстанокот на планетата и благосостојбата на граѓанинот.
Ваквите промени многу често почнуваат од интрапретрпиемачите – поединците во компаниите што ја даваат првата инјекција за одржливост. Како една од менаџерките во шведската компанија ИКЕА, Ен-Софи Гунарсон вели: „Чувствував дека сакам да правам нешто комплетно поинакво. Идејата беше да направиме платформа за тоа како ИКЕА може да инспирира, да охрабри и да овозможи нашите консументи да имаат поодржлив живот дома, преку решенија што го подобруваат знаењето, влијаат на свеста и на употребата на нашите производи. Зборувам за едноставни нешта, кои можат да ја намалат употребата на енергија, на пример, ламби, завеси итн. Почнав нешто ново“…
За подоцна ова да премине во градење соработки со социјални претпријатија што вработуваат луѓе што тешко би излегле на пазарот на труд, кои овозможиле некои материјали да не завршат на депонија, туку од нив е направен нов производ.
Зошто со социјални претпријатија, особено со тие што вработуваат лица од маргините?
Затоа што, како што вели Гунарсон, ИКЕА сака долгорочни партнерства со стабилни претпријатија и нив ги препознава во социјалните претпријатија, чиишто вработени стануваат лојални работници поради мисијата на овие фирми – да направат промена во општеството и ним работата не им носи само плата, туку подлабока смисла, мисија.
Од претпријатијата од иднината се очекува ново лидерство базирано на карактеристики што се повеќе определени како женски – емпатија, разбирање, грижа каков отпечаток оставаме зад себе во стремежот кон профит и како тоа влијае на планетата, свртување кон човекот, кон човечкиот капитал, кон неговата благосостојба и развој на инклузивни работни места за никој да не биде заборавен.
А тоа се претпријатијата што во своите корпоративни стратегии го вградуваат и своето општествено влијание и со него стануваат едно – две страни од една иста паричка, неразделни една од друга.