Растенијата се миленичиња што носат радост
Некој, пред две години, да ми го поставеше прашањето: „Дали се гледаш себеси во иднина како дома чуваш повеќе од 100 растенија?“, мојот одговор сигурно ќе беше: „Нема шанси“.
Интересот кон растенијата се роди кога се обидував да спасам неколку растенија од штетници, кои не беа лично мои. За среќа, во современиот свет сите ни се достапни информации на телефон и на интернет. Треба само да се провери за каков проблем се работи и „господин ‘Гугл’“ дава неколку можни решенија како да си го спасиш растението. Има и апликации каде што според слика од листот или цветот може да го идентификуваш растението, ако не знаеш што е, и со тоа да најдеш повеќе информации за неговите потреби и услови за одгледување.[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Светлина, влажност, температура
Факт е дека пред да купиме одредено растение многу е важно прво да знаеме за каков вид се работи и какви услови бара за домашна нега.
Сите дома имаме различни услови во поглед на светлина, температура, влажност на воздух, грејни тела и сл. Не значи дека секое растение може да биде среќно во нашиот дом, но има повеќе начини како да му ги подобриме условите.
Ако нема доволно светлина во домот, може да се набават светилки за растење на растенијата.
Или, ако воздухот е многу сув, може да се земе навлажнувач за воздух и сл.
Пред да се купи одредено растение, исто така, мора да се внимава на тоа дали е отровно или не, во случај да имаме дома деца или миленичиња.
Терапевтската моќ на растенијата
Кога ќе ги добиеме сите овие информации, следно е само да му најдеме соодветно место во домот и да се восхитуваме на неговата убавина и раст. Групирањето повеќе растенија на едно место не само што дава изглед на „урбана џунгла“, туку е и корисно и добро за самите растенија. Им ја создава потребната влажност во воздухот, а нас, пак, ни дава прекрасна слика како во нашиот дом да сме внеле дел од природата.
Благодарение на интернет научив многу за различните видови фамилии растенија и за условите за нивно чување. Едноставно, сите информации ни се в џеб, само треба да имаш интерес да истражуваш. За време на пандемијата предизвикана од ковид-19 имав многу слободно време, па почнав многу да истражувам за нив. Секој ден носев дома различно растение.
За мене, на некој начин, тие влијаеја и смирувачки и терапевтски. Многу е убаво чувството кога гледаш дека растението е среќно во условите што си му ги овозможил и те наградува со нови листови или цветови. Јас ги гледам како мои миленичиња, така и се грижам за нив. Секој нов лист е нова радост и успех. Има денови што ги посветувам само за нив. Си пуштам музика, ги земам сите на едно место и лист по лист ги чистам. Тоа ми е како медитација и многу ме смирува.
Живот во рачно насликани саксии од локални грнчари
Љубовта кон растенијата ми отвори и нова врата во животот, ме донесе на пат каде што отсекогаш сакав да бидам, но никогаш не замислував дека тоа ќе изгледа вака.
Желбата да имам уникатни и интересни саксии за моите растенија ме натера да размислувам за тоа да ги изработувам сама. Така, го почнав мојот мал бизнис со рачно насликани саксии. По професија сум ликовен уметник и ги имав потребните материјали и идеи за да почнам. Но, имав проблем да најдам модели на саксии какви што сакав и имав замислено. Тогаш ми дојде идејата да стапам во контакт со локални грнчари, кои ќе ги изработуваат саксиите по модел, по моја идеја, а јас ќе ги доработувам.
Оваа соработка се одвива одлично, со голема поддршка.
Живеење со природата дома
Растенијата ме инспирираа да го почнам својот мал бизнис, што прерасна во целодневно работно време, и многу сум благодарна за тоа.
Среќна сум што успеав со мојата професија и со моето хоби да направам промена и да разбудам интерес кај многу луѓе за одгледување растенија дома. Ателјето е резултат на љубовта кон уметноста и природата. Се радувам кога некој ќе ми пише дека поради моите насликани саксии си купил растенија за домот, затоа што, нели, едното без другото не оди. На секое растение му треба саксија, а уште поголемо е задоволството кога саксијата се вклопува во домот и ентериерот и сето тоа изгледа убаво. Урбаната џунгла за мене значи живеење со природата дома, нејзино доживување и восхитување на нејзината убавина.
(Авторката е дел од „Atelier Foliage“)
[/ihc-hide-content]