Само економија со силен имунитет може да опстои на нозе
КРИЗИТЕ СЕ СОСТАВЕН ДЕЛ ОД ЕКОНОМИЈАТА НА СЕКОЈА ЗЕМЈА, БИДЕЈЌИ ТАА СЕ ОДВИВА ВО ЦИКЛУСИ, ИМА УСПОНИ И ПАДОВИ. СЕ ГУБАТ И СЕ ТРАНСФОРМИРААТ РАБОТНИ МЕСТА, НАЈПОГОДЕНИ СЕ НАЈСИРОМАШНИТЕ И ТОА ОСОБЕНО ВО ОПШТЕСТВА СО СЛАБ СИСТЕМ НА СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА. НО, ВО ИСТО ВРЕМЕ СЕ СОЗДАВА ПРОСТОР НА ИСКЛУЧИТЕЛНА МОЖНОСТ ДА СЕ ПОЧНЕ ОДНОВО СО ДИЗАЈНИРАЊЕ ЕКОНОМСКИ СИСТЕМ КОЈ ЌЕ Е ВО СЛУЖБА НА ЧОВЕКОТ И НА ПЛАНЕТАТА
Човештвото се соочува со глобална криза, која економистите веќе ја оценија како најголема на нашата генерација. Нешто досега невидено. Бура која удри за миг, и која ќе ја дефинира иднината во децениите пред нас.
Одлуките кои во овие моменти ги носат владите ќе го обликуваат светот следните години. Тие ќе ги обликуваат, не само нашите здравствени системи, туку и нашата економија, политика и култура. Иднината сега ја кројат одлуки кои се носат вонредно и итно. Во нормални времиња би можеле да се земат години за размислување, но сега одлуките се носат за неколку часа. Да, бурата ќе помине, човештвото ќе преживее, а ќе се живее во еден поинаков свет.
Колку вреди човечкиот живот?
Хенрик Беме, економски уредник во „Дојче Веле“, во својата колумна вели дека поединци веќе почнале да прават пресметки, мртви версус економски пораст. Тоа за него е недопустливо.
-На прашањето – колку мртви можеме да си дозволиме, нема одговор, или барем јас го немам. Некои, меѓутоа, мислат дека го знаат одговорот. Тоа во моментов е предмет на чудовишна расправа на тема – што ни е поважно: заштита на животот на секој поединец, или заштита од разорна економска криза? – вели Беме.
Анализирајќи ги економските кризи од минатото, Беме потенцира дека по кризата државите ќе мораа да штедат, посебно во здравството и образовниот систем, како и на социјалните системи и инвестициите.
-Истражувања на британски лекари посочуваат дека финансиската криза во периодот од 2008 до 2010 година довела до повеќе од 500.000 смртни случаи само од рак, затоа што луѓето немале соодветен медицински третман поради мерките на штедење или затоа што останувале без работа, губејќи го и здравственото осигурување – предупредува економскиот уредник.
ММФ: Кризите од минатото се мала шега за корона-кризата
Нуриел Рубини, професор по економија од Стерн школата за бизнис на Универзитетот во Њујорк, „пророкот“ што ја предвиде големата криза во 2008 година, ја потенцира неизвесноста што корона кризата ќе ја донесе. Компаниите, вели, ќе се воздржуваат од капитални инвестиции.
Професорот и економист, Зоран Јовановски, истакнува дека во вакви моменти е клучно домаќинското работење на една држава, низ текот на годините.
– Ваквите кризи покажуваат колку е важно домаќинското работење со државниот буџет, односно да се одржува во добра кондиција. За во вакви ситуации е исклучително важно државата да не биде презадолжена, зашто заемите во овие моменти ќе бидат неопходни, а сето тоа еден ден ќе мора да се врати. Ваквата тешкотија треба да ја запаметиме, за да извлечеме поука за во иднина. Споредбите на земјите ја покажува моќта на секоја од нив или колку ни е долга чергата. Сите си го поставуваме прашањето, а зошто нашата черга не е подолга? Одговорот се наоѓа во сето она што се случуваше во изминатите 30 години- вели Јовановски.
Никој нема да биде поштеден, додава тој. Порано или подоцна, помалку или повеќе, директно или индиректно, сите ќе бидат погодени. И, тоа важи во секој поглед, географски, секторски, социо-економски.
– Од социо-економски аспект најпогодени ќе бидат сиромашните во општеството, особено онаму каде што нема традиција на релативно богата социјална заштита од страна на државата- предупредува професорот.
Економските последици сè повеќе се споредуваат со онаа на Големата депресија од крајот на 1920-тите и почетокот на 1930-тите години од минатиот век. Црните сценарија се поради фактот што никогаш светската економија не застанала на ваков начин, цела, одеднаш, во толкав временски период и погодена и од страна на понудата и од страна на побарувачката. Накусо, САД и Кина се во трговска војна, цената на нафтата расте, побарувачката опаѓа, а 85 земји членки побарале итна финансиска помош, што е преседан во 75 годишната историја на ММФ.
Академик Абдулменаф Беџети, професор по економија, појаснува дека ако ја анализираме малку историјата на последната економска финансиска криза пред оваа, тогаш ќе се заклучи дека по некои аспекти сме ја научиле лекција, а по некои други – и не толку. Посочува на два аспекти од негативните лекции. -Во периодот 2008-2010 година, имавме огромен судир помеѓу најважните економски институции во државата – од една страна Народната Банка на РМ, и од друга – Владата преку Министерство за финансии. А токму овие два економски столба треба да бидат во највисока координација и хармонизација во дизајнирање економски политики, повторно двете најрелевантни – монетарната и фискалната. Тогаш имавме, речиси војна помеѓу овие институции, која нѐ доведе во врвот на кризата, основната каматна стапка на Централната Банка да стигне над 9% (со право од аспект на нејзината основна законска обврска да води сметки за ценовното ниво-инфлацијата) како тенденција за спротивставување на екстремното експанзивни фискално однесување на владата во интенција да испумпа колку е можно повеќе пари во економијата! – потсетува Беџети.
Слично на ова, на глобално ниво постои сериозна дискрепанца помеѓу тоа што го нуди сегашниот економски модел воден исклучиво од профитот и управуван од интересите на моќните интресни групи и огромните социо-економски, еколошки и последици на лично ниво по луѓето што тој систем го предизвикал.
Криза на интелектуален банкрот
Основниот систем на размислување што доведе до нашата сегашна економска, еколошка, социјална и духовна криза претпоставува три фази во еволуцијата на западниот капитализам, вели Ото Шармер, економист и социолог, професор на Институтот за технологија на Масачусетс (МИТ) и основач на Презенсинг институтот. Шармер е и автор на Теорија У, методологија за општествена промена, која се базира врз дведецениско истражување на МИТ, еден од најпрестижните универзитети во светот.
-Кризата на ова време не е само криза на финансиски или економски банкрот. Вистинската криза на нашето време се однесува на интелектуалниот банкрот: банкрот на мејнстрим економската мисла- пишува Шармер.
Неговиот труд „Седум акупунктурни точки за промена на капитализмот за создавање регенеративна економија на екосистемите“го истражува сегашниот мисловен систем кој довел до тековната економска, еколошка, социјална и духовна криза, и во исто време предлагаа нови идеи за зелена, инклузивна економија на екосистемот. Тој се потпира на две главни идеи:
Првата претпоставува три фази во еволуцијата на западниот капитализам: Капитализам 1, 0 – слободен пазар; Капитализам 2, 0 – регулиран капитализам и Капитализам 3, 0 – сѐ уште непостоечки, но, подразбира инклузивна, екосистемска економија што предивдува иновации во сите општествени сектори.
Повеќе поенти од неговите ставови может да прочитате во неговиот труд, кој е достапен на овој линк.