Гледај и слушај

Село Глобочица – нов свет на можност и потенцијали

Време на читање: 3 минути
ШТОМ СЛЕГОВМЕ ОД СПЛАВОТ, НЕ МИ ТРЕБАШЕ МНОГУ ВРЕМЕ ЗА ДА СФАТАМ ДЕКА ВО СЕЛОТО СЕ СУДИРААТ ДВЕ КРАЈНОСТИ: ДАМНЕШНИОТ НАЧИН НА ЖИВЕЕЊЕ И ВЖАРЕНАТА ЖЕЛБА НА МЕШТАНИТЕ ДА ГИ ВРАТАТ НЕШТАТА, АМА НА НОВ НАЧИН. ШТО ДРУГО БИ МОЖЕЛЕ ДА ПОСАКААТ ОНИЕ ЧИЕ ДЕТСТВО Е ДЛАБОКО ПОТОНАТО ВО ЗЕЛЕНИТЕ ВОДИ?

Се разбудив со неверување. Сонував како неодамна од печат излегла моја книга за која не ни знаев дека некогаш сум ја напишал. После тоа, со неповрзани мисли, набрзина го спакував ранецот, го напуштивме апартманот во Охрид и со неколку другари заминавме кон Глобочица.

Од единственото улично списание во земјава, „Лице в лице“, добив покана да им се придружам на еднодневно патување. Веднаш се согласив. Уште од одамна бев запознаен со приказната за селото Глобочица, за она што се случило при градење на браната, за потопувањето… Но, никогаш не помислив за тајните и за загубениот свет што се наоѓаа под водата.

Тоа жешко неделно утро стоев на брегот, загледан во кајчињата, кои беа единствениот начин да се стигне до селото во кое има само викендички. Уште на времето, 1964 година, мештаните се преселиле во Струга и денес во село Глобочица има околу четириесеттина куќи.

Веројатно жештината и сета пот што ми се слеваше по челото уште повеќе ме принуди да ги впијам раскажаните приказни во себе. Штом се качив на еден голем сплав, знаев дека пловевме над нешто одамна загубено. Мистерии и неодговорени прашања. Заборавени приказни и непребол. Таков умрен свет се крие под водите на езерото. Остатоци од куќи, гробишта, предмети од дамнешно време и потопената црква „Св. Илија“… Си мислиш дека ако се нурнеш во мрачните води подобро ќе го запознаеш изгубениот свет. Но, тој сега е недопирлив. Опасен и нељубезен, посебно спрема човекот. Виновникот за неговата трагична судбина.

Штом слеговме од сплавот, не ми требаше многу време за да сфатам дека во селото се судираат две крајности: дамнешниот начин на живеење и вжарената желба на мештаните да ги вратат нештата, ама на нов начин. Што друго би можеле да посакаат оние чие детство е длабоко потонато во зелените води?

Не знам за вас, но јас обожавам да муабетам со повозрасни лица. Барем дедо ми велеше дека сета мудрост на светот е скриена помеѓу нивните реченици. Мештаните стоеја пред нас, љубопитно нè чекаа да се доближиме до нив. Едно нешто знаеја за сигурно, имаше кој да ги ислуша нивните приказни.

-Долго време селото беше заборавено. Имаше една останата куќа, но по доста години се појавија ентузијасти кои сакаат да го обноват селото. Прво почна со спомен плоча за паднатите борци од Илинден и НОБ, па се изгради скромен водовод. На тој начин се постави некаков темел за обнова на селото. Сè се одвиваше бавно, но почнаа да се градат куќи и денеска имаме над 40. Пред неколку години почна иницијативата за возобновување на црквата „Св. Илија“, која е потоната, па сакавме таа да е автентична. Ни беше потребен оригиналниот камен од црквата. Пуштивме нуркачи, кои за чудо отидоа до каменот, којшто бил крст во таа црква и тој камен ќе го видите поставен во новата црква – раскажуваат глобочичани.

Начнавме секакви теми, од време на нивното детство, како оделе 7 километри во еден правец на училиште, па сè до отселувањето од нивните куќи и дента кога селото било потопено. И покрај нивните години, зборуваа за потенцијалите на село Глобочица, за развој на рурален туризам, за нивната солидарна и иницијативна природа. Помеѓу сите тие споделени работи јасно се наѕираа можностите и потенцијалите што ги поседува селото Глобочица. И воопшто, целата земја. Имаме толку многу планини, села, реки, езера, водопади… Еден куп природно богатство, цела ризница на богатство што чека да биде искористено.  
Нивната приказна е за величење. Езерото е единствениот пат до селото, а благодарение на единствениот сплав успеале да изградат куќи, цркви… Повторно да стават основа на ново животно поглавје.

Пред обилниот ручек, помеѓу дабови дрвја и обележана шумска патека, направивме прошетка до црквата „Св. Антонија“. Беа горди на сè она што е произлезено од нивните раце, а вкусот на ѓомлезето што го подготви Виолета, ќе го паметам засекогаш. Не можевме да се капеме, но затоа запловивме со сплавот низ зелените води и се почувствував како Том Соер. Некој кој убавината на животот ја гледа преку доживеаните авантури и подвизи.


(Текстот е инспириран од промоцијата на 41. издание на уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“, која се одржа во Глобочица на крајот на август. Темата на актуелното издание е потенцијалите на руралниот развој на земјава и е достапно на https://kupi.licevlice.mk)
Фото: Инстаграм 

Напишете коментар