Семејствата со еден родител принудени на магионичарски потези
Како да не беше доволно голем предизвик секојдневието, па мораше и пандемија да се случи?! Преку ноќ, моето семејство ги загуби врските со надворешниот свет – почнав да работам од дома, училиштето се затвори, градинката се затвори, дадилката што ја имав најмено и која беше дел од нашето семејство, престана да доаѓа, жената што помагаше околу одржување на хигиената во домот, исто така. Родителите и семејството ни под разно не смеев да си ги видам со месеци, имајќи предвид дека мајка ми е целосно парализирана и многу болна жена, па изложување на вирусот би било фатално за неа. Дури ни во продавница не одев, беше премногу ризично, барем тогаш мислевме така. Моите четири раце, четири нозе и две глави што ги добив, кога неодамна oстанав единствен родител на моите две деца, се мултиплицираа небаре сум од некој друг свет. Почна некој нов живот, понеизвесен од кога било.
Предизвици што ги донесе сиромашниот образовен систем
Не знаев од кај да почнам, па решив дека е најважно да останеме здрави, дека е криза и дека морам и последниот атом да го искористам за да продолжиме понатаму, иако не знаев каде одиме. Здрави оброци, чистење, премивање и пак чистење, темпирани прошетки во дозволеното време, дури и двоседот го изнесов на тераса. И така тоа малку време што ми останува вообичаено за спиење морав уште повеќе да го скратам. Најмногу за ова придонесе мојата улога на наставничка на ученик во осмо одделение. Часови и часови поминував подготвувајќи се себеси, а потоа предавајќи му го материјалот на син ми. Очајниот образовен систем, кој вртоглаво паѓа во бездна со години, не гледајќи лево ниту десно, си го зеде данокот во овие ужасни времиња. Секој понеделник, еден куп материјали и зададени домашни задачи, празни и неквалитетни учебници, често и полни со дезинформации, ама вклучување од наставници ни за лек, чест на ептен ретки исклучоци. Со најави од вечерта претходно, и тоа користејќи еден или неколку ученици за да ги известат другите, никнуваа повремено некои вклучувања од наставници што често повеќе личеа на тестирање на опремата за комуникација преку интернет. Писмени задачи, контролни и одеднаш оценки во електронски дневник. Наставниците недостапни или тешко достапни како некои ултрамегаѕвезди. Не прифаќаат критика и прашања, веднаш поаѓаат во дефанзива. Децата и родителите се виновни и претеруваат и се најголемите непријатели, ете најчесто тоа е нивниот став. Единствено психологот на училиштето, една прекрасна личност (за жал, осамена во желбата да помогне), еден ден праша „Драгана, како сте?“.
Ментално здравје, што беше тоа?!
И така, некаде меѓу „зумовите“, телефоните, компјутерите, двете роденденски торти во карантин правени во раните утрински часови, оброците, „дезинталот“, маските, колажите, цртаните, солзите и кикотењето, полека, но сигурно одев кон нарушување на менталното здравје. А нели си ветив дека е најважно да го зачуваме здравјето? Можам да замислам колку разорно влијае пандемијата на семејствата со еден родител што немаат никакви приходи, или имаат веќе нарушено здравје. За жал, никого не го засега тоа, повторно изведував магионичарски потези. Ама, навистина, не знам колку долго може да трае тоа.
Во цел свет владите почнаа да мобилизираат средства и да создаваат мерки за поддршка на граѓаните, па така и кај нас, барем тоа беше идејата. За жал, семејствата со еден родител останаа невидливи, на маргините. Отсекогаш е така, речиси и не постојат во политиката на државата. И не зборувам само за поддршка на тие што немаат никаков извор на приход, или само минимален, иако, секако, треба да се почне од нив. Но, тврдам дека игнорирањето на деликатната состојба и кај другите, тие за кои сте сигурни дека се добро, веќе длабоко ги изложува на сериозен ризик.
Не можете да бидете ослободени од работа доколку не се ангажира ваша замена, а тоа би значело двојни трошоци за едно работно место. Платежната картичка, односно државните трансфери на средства не допреа до сите самохрани родители, но допре до луѓе на кои не им е потребна, па или не ја ни потрошија, или, парадоксално, ја трошеа за работи што ни на сон не им доаѓаат на овие претходните. Клучно за самохраните родители е да добијат поддршка при балансирањето на приватниот и на професионалниот живот, особено во време кога и градинката, како единствена услуга што им била претходно достапна, ја нема.
Нееднаквост на различни нивоа
Кризата покажа колку дополнителни типови поддршка, но и услуги, ѝ се потребни на оваа група граѓани за да имаат еднаква позиција со другите за да се обидат да постигнат благосостојба и професионално да напредуваат. За да се постигне еднаквост и за да се понудат мерки што, навистина, ќе направат промена, потребно е да се разговара со самите самохрани родители, секој од нив има специфични потреби, во зависност од поддршката што ја има или нема од опкружувањето. На тие што се невработени, под итно им е потребна работна интеграција, поддршка низ процесот на оспособување за работа и вработување. Тие што немаат имот и живеалиште, секако дека решавањето на ова прашање им е приоритет. На вработените, пак, освен градинка и училиште, потребни им се или центри за престој и негувателки или државен трансфер на средства со кои би покриле трошоци за негувателки или туторки за време на часовите во кои сѐ уште трае работниот процес. Самохраните родители, исто така, имаат потреба од чести службени патувања, во зависност од природата на работата, зошто да одбиваат вакви ангажмани само затоа што нема втор возрасен член во домот за да се грижи за децата. Конечно, во услови на пандемија, работата од дома мора да остане опција за оваа целна група тогаш кога тие се подготвени на тоа и самата природа на работата го дозволува тоа.
Се надевам дека ќе почнеме да гледаме подалеку од себе, дека нема да чекаме нам да ни се случи за да разбереме како е и да увидиме дека, навистина, таму некој бил во право. Среќата и благосостојбата кај другите влијае и на вас самите, сите сме некако поврзани меѓу себе. Очекувам оваа есен, кога целиот свет се подготвува за новиот бран на пандемијата, и кај нас да се воведат реформи и, конечно, да се признаат потребите на семејствата со еден родител со сите свои специфики што ги носат. Не оставајте никого зад себе.