Скршениот сад
Атилија, Боко и Анул се собраа кај видарот Гоф и му помагаа да зготви ручек. Затоа што момчињата набргу почнаа да се расправаат за тоа кој е попаметен, старецот реши барем да ги стивне со една загадочна приказна. Во тој момент сè уште не знаеше со која, но, едноставно, веќе не можеше да го слуша нивното расправање. Кога дојдоа Калук и Пуфт и се приклучија во расправата, ситуацијата стана неиздржлива.
„Кој може да ми одговори на ова прашање?“ гласно рече Гоф.
И Атилија и момчињата се свртеа кон него и седнаа околу масата. Секогаш сакаа кога Гоф им поставуваше интересни прашања. Без да трепнат гледаа во него. Дури тогаш на видарот му падна на ум што ќе ги праша, па почна: „На масата стојат четири сада од печена глина. Во едниот има лушпи од сом, во другиот јајца од крокодил. Во третиот има мрежа од пајак – тарантула, додека во четвртата е пикнато гнездо од кукавица. Ако дувне силен ветер од север, кој сад прв ќе се истури?“
„Тој со јајцата!“ викна Анул.
„Лушпите ќе се разлетаат!“ рече Калук.
„Ниеден!“ сега викна Атилија.
„Сите ќе се истурат во исто време!“ гласен беше и Боко.
„Мрежата на тарантулата!“ и Пуфт го кажа своето мислење.
„Хмммм. Некој од вас погоди“, рече Гоф и се сврти кон…
кого?
Порака од авторот:
Пред вас е една од загадочните приказни.
Замислени се за да ви подготват многу моменти на размислување и слатки маки, но и радости по успешното решавање.
Забелешка: Многу од нив нема да успеете да ги решите самите – смислени се така што во решавањето мораат да учествуваат и вашите родители или, пак, некои малку постари пријатели. Мошне се погодни и за поставување на целото одделение во училиште – заеднички секогаш полесно се доаѓа до решението.
Со прашања до решенијата: Може да се користи правилото – загатнувачот одговара само со ДА или НЕ.
Дополнително правило, ако учествуваат повеќе играчи:
Еден одгатнувач има право да прашува сè додека добива потврдни одговори. Бројот на поставените прашања може и да се ограничи.
Авторот советува, а во тоа донекаде е и смислата на овие приказни, во никој случај да не ги читате решенијата пред навистина да се потрудите да ги пронајдете самите.
Решенијата бараат и малку знаење за природата и за нејзините законитости, но поголемиот дел од приказните се логички загатки.
Иако дејството на овие загадочни приказни е сместено во таинствениот свет на една траперска населба, сите решенија се решливи без вплеткување магија, без моќни видарски напивки или без ѕиркање во старите траперски легенди.
Само едно е сигурно – дружејќи се со ова четиво, ќе научите и засекогаш ќе запомните многу корисни нешта. На крајот на краиштата, овие приказни се напишани со таа идеја…
Тежината на решавањето на овие приказни е означена со бројот на гинковите ливчиња.
Едно гинково ливче – лесно
Две гинкови ливчиња – средно
Три гинкови ливчиња – малку потешко
Четири гинкови ливчиња – тешко
Пет гинкови ливчиња – мошне тешко
Шест гинкови ливчиња – застрашувачки
Повеќе од шест гинкови ливчиња – невозможна мисија
Гинковото ливче не е случајно избрано како мера за тежината. Ова дрво, кое постои веќе 150.000.000 години, е симбол на мудроста – чајот од неговите необични ливчиња ги засилува концентрацијата и бистрината на умот. Така што, не е чудо што гинкото (Ginkgo Biloba) е мошне почитувано дрво во траперската населба во која се одвиваат овие приказни…
(Решение на загадочната приказна – Првиот и единствен сад што може да се истури е садот со крокодилските јајца. Содржината на сите други садови нема да се истури затоа што, едноставно – не постои. Тарантула е пајак што не може да плете мрежа, сомот е риба без лушпи, а кукавицата е птица што нема гнездо. Општо е познато дека таа своите јајца ги остава во туѓи гнезда. ЗАПОМНЕТЕ: На тоа што не постои не може ништо ни да му се случи)
(Извадок од книгата „Загадочни приказни“ на Урош Петровиќ, издание на „Арс либрис“. Преводот е на Сашо Христовски, а делото може да се најде во книжарниците на „Литература“)